Македонија
Стратрова: Инсулинска криза нема
Инсулинска криза во Македонија нема, тврди директорката на Клиниката за ендокринологија, Славица Шубеска Стратрова. Во писмена изјава таа смирува дека во инсулинските аптеки секогаш има доволни количини на инсулински аналози со еднаков висок квалитет.
„Пациентите со дијабетес имаат најквалитетни инсулини кои се потврдени со голем број стручни и научни студии. Процентот на пациенти (80%) кои се лекуваат со инсулински аналози, кои се многу поскапи, е многу повисок во Македонија во споредба со други побогати земји. Инсулинските аналози кои се употребуваат во Македонија се со еднаков квалитет при што недостиг на еден инсулински аналог се заменува со друг инсулински аналог, но не и со хуман инсулин, што значи дека не се променува видот на инсулинот и не постои никаков медицински ризик за пациентите. Во инсулинските аптеки секогаш има доволни количини на инсулински аналози со еднаков висок квалитет со што се потврдува фактот дека нема инсулинска криза. Недостиг на еден инсулински аналог не претставува инсулинска криза. Недостиг на лек од било кој производител при постоење на истиот лек од друг производител не укажува на криза“, се вели во писмената изјава на Шубеска Стратрова.
Таа додава дека во Центарот за дијабет при Клиниката за ендокринологија пациентите добиваат потврда со која го добиваат препишаниот инсулин од инсулинската аптека и ниеден пациент не се вратил на Клиниката за ендокринологија да се пожали дека не го добил препишаниот инсулин од инсулинската аптека. Тоа, додава, уште еднаш потврдува дека нема инсулинска криза.
Во писмената изјава Шубеска Стратрова информира дека бројот на хоспитализирани пациенти на Клиниката не е зголемен, што според неа зборува дека нема зголемување на бројот на пациенти на кои им е потребна корекција на гликемиската регулацијата на дијабетот. Хоспиталниот дел на Клиниката, вели, има доволно количини на сите потребни инсулини.
Таа вели дека Клиниката апелирала за дополнителна едукација за апликација на инсулинот особено на пациентите на кои им е променет инсулинот затоа што секој инсулин се аплицира со посебно инсулинско пенкало и со добрата едукација ќе се избегне настанување на техничка грешка при апликација на било кој инсулин.
Директорката потсетува дека Клиниката за ендокринологија во повеќе наврати вршела едукација на медицинските кадри во сите Дијабетолошки центри во Македонија кои препишуваат инсулин.
Исто така, додава таа, дијабетолошките центри покрај гликемиската контрола, вршат едукација, индивидуална или групна на сите пациенти со дијабетес за правилна апликација на инсулинската терапија со сите видови на инсулински пенкала како и едукација за правилна исхрана, физичка активност, односно правилен животен стил.
„Докторот кој го препишува инсулинот го едуцира пациентот за апликација на инсулиот и за можните компликации од нестручното ракување со инсулинското пенкало. Пациентите на кои им е потребна дополнителна едукација докторот ги упатува во Одделението за едукација. Клиниката за ендокринологија повеќе од 16 години има Одделение за едукација на пациентите со дијабетес каде што се држат предавања за запознавање на пациентите со дијабетесот и негово третирање. Пациентите кои имаат потреба од доедукација за апликацијата на инсулинската терапија можат да се пријават на Клиниката на тел. 3147264 за да се вклучат во групна едукација. Клиниката за ендокринологија ги прима сите пациенти со приоритетен или ургентен упат истиот ден за консултација од било каков карактер“, вели Шубеска Стратрова.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Македонија
Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ќе ги претстават своите платформи пред граѓаните во повеќе делови од државата. Во исто време продолжува и кампањата за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи в среда, на 24 април, додека вториот круг треба да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван денеска ќе ги посети жителите на Ново Село, Босилово, Василево, а митинзи ќе одржи во Радовиш и во Струмица.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе одржат митинг во скопската населба Карпош, а кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Ресен, Претор, Новаци и во Битола.
Во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарни избори, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Брвеница и на Тетово.
Македонија
Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.
„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски.