Македонија
Судот не ѝ ги доставува доказите на Јанева за „Пуч“, за неа нова судска практика, за Судот еднаквост на оружјата
Специјалното јавно обвинителство, кое го презеде случајот „Пуч“, смета дека тоа што Судот не им ги доставува доказите е нова судска практика и не е според новиот Закон за кривична постапка, додека од Основниот суд велат дека доказите не се доставуваат поради почитување на еднаквоста на оружјата на странките.
Обвинителката која го води ова Обвинителство, Катица Јанева, побара судијката, Љубинка Башеска да го одложи денешното рочиште за случајот „Пуч“ на подолг временски период, бидејќи во Специјалното обвинителство не направиле увид во доказите.Јанева побара судот да им ги достави доказите, а ако тоа не е возможно, побара пет работни дена да им обезбедат простории во Судот за целиот тим да дојде во Судот и да врши увид на доказите.Судијката во случајот „Пуч“ рече дека Судот не смее да им ги предаде доказите, но дека ќе им бидат обезбедени простории да го вршат увидот.„Доказите законски и технички не можат и не смеат да бидат предадени во владение на странката. Судот ќе обезбеди простории во коишто ќе може да се изврши увид во доказите на предметот“, рече Башеска. Судењето е одложено за на 2-ри март, а со последната одлука на Основниот суд Скопје 1 сите обвинети од случајот „Пуч“ се пуштени од притвор. Јанева во изјава за медиумите по одложувањето на рочиштето, рече дека тие сметаат дека доказите треба да им бидат предадени, но дека ќе постапуваат како ќе им каже судот. Обвинителката Ленче Ристова на 29-ти декември извршила увид во доказите, но ги известила својот тим дека не може сама да направи увид, па одлучиле тимски, сите обвинители од Специјалното обвинителство да дојдат во судот и да извршат увид во доказите.„Не ни дозволуваат да ги земеме доказите, доаѓаме тука на увид во Судот. Во Судот ни се обезбедени коректни услови за работа, но сметаме дека тоа е нова практика на Кривичниот суд, бидејќи претходно, и јас сум била обвинител, ни ги доставувале предметите во нашите матични обвинителства да вршиме увид во нашите простории. Тие докази до судот ги достави Јавното обвинителство и логично е тие докази, според новиот Закон за кривична постапка, треба да бидат кај нас. Затоа нашето барање е доказите да ни ги достават. Но бидејќи судот тоа не го дозволува, ние ќе дојдеме тука, ние го почитуваме судот. Мислам дека по новиот ЗКП доказите треба да стојат кај Јавниот обвинител. Ние ќе постапуваме како ќе каже Судот“, изјави Јанева.Од Основниот суд Скопје 1 велат дека доказите не може да бидат предадени поради еднаквост на оружјата на странките во постапката, но и заради безбедноста на доказите.„Како што и досега постапувал Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите останати предмети, а особено кога се работи на обемен доказен материјал, токму заради безбедноста на доказите истите не се доставуваат до странките, а наместо тоа се дозволува увид во предметот во просториите на судот. На Обвинителот во конкретниот предмет, како што можевте да слушнете и на денешната главна расправа, му е дозволен увид во списите на предметот уште од 29-ти декември, а судот денеска го прифати и предлогот на обвинителот за одложување на главната расправа, поради дополнително време за увид во доказите, на што не се противеше ниту одбраната“, велат од Судот.Според Судот, доколку се дозволи доказите да бидат изнесени од судот за увид во обвинителството, истото ќе треба да им биде дозволено и на одбраната и обвинетите. „Дотолку повеќе наведеното е во корелација токму со претходно дадените изјави на конкретното обвинителство за безбедносните ризици во нивните простории“, додаваат од Судот.По барање на Специјалното обвинителство, Судот ги ослободи од притвор првообвинетиот во случајот „Пуч“, поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски и вработениот во МВР, Ѓорѓи Лазаревски кои се товарат за нелегално прислушување и шпионажа, со што сите обвинети од овој случај се пуштени од притвор. Во судот во четврток се појави и лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој е четвртообвинет во случајот за обид за насилство кон државни функционери. Тој е задоволен со датумот на одложување на судењето.„Одлуката ми е логична, бидејќи материјалите не се предадени на Специјалното јавно обвинителство и ќе мора тие постојано да доаѓаат во Судот и да ги гледаат доказите. Јас ја имав таа прилика уште кога беа доказите во Јавното обвинителство, заради нивната обемност посебно делот којшто уште тогаш беше доставен од нас, и логично е дека треба дополнително време да се направи увид со постојано доаѓање во Судот“, рече Заев./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
Во врска со претстојните избори, денеска, во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок, на кој присуствуваа дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами.
На состанокот министерот Тошковски најпрвин се заблагодари за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите фактори одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцира дека досега не се констатирани посериозни активности, кои се насочени кон нарушување. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации што се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев, беше потенцирана тенденцијата од година на година да имаме сè помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со оперативната акција претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител, претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење вентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на Обвинителството, каде што определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности што се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.
Македонија
ССМ повика на првомајски протест: Бараме враќање на трошоците за храна и превоз и минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повика на првомајски протест за враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на платите во првите 100 дена од новата влада. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најави дека пораките испратени од првомајскиот протест треба да бидат црвен аларм за сите оние што ќе го очекуваат гласот на работниците на 8 мај.
„Ние работниците излегуваме на протест и на Први мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право што го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот за пресметка на платите во Македонија. Ќе бараме зголемување на платите, и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено зголемување на минималната плата, на најмалку 450 евра, онолку колку што таа изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија, да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, рече претседателот Трендафилов.
Трошоците за храна и превоз што ССМ бара да се вратат во пресметките за плата изнесуваат 20 отсто од просечната плата. Според сегашните пресметки, ако од минималната плата се одбијат овие трошоци и давачките што сега се плаќаат, излегува дека работниците што имаат минимална плата, работат за 14.000 денари.
„Бараме 20 отсто од просечната плата за трошоци за превоз и за храна ако имаме предвид дека секојдневно поскапуваат не само реагенсите туку и трошоците за храна. Ако се има предвид синдикалната кошничка, над 20.000 денари изнесуваат трошоците за прехранување на едно четиричлено домаќинство. Зборуваме за леб и вода, не повеќе. Сметаме дека трошоците за храна и превоз треба да се вратат во платите на работниците ако имаме предвид дека 22.500 е минималната плата од март, доколку ги пресметате трошоците за храна и за превоз, во согласност со даночните ослободувања, ќе видите дека немате плата ниту 14.000 денари. Поради тоа, работниците го очекуваат од нас барањето за враќање на трошоците за храна и превоз“, рече Трендафилов.
Тој потсети на првомајскиот протест од 2018 година организиран со мотото „Гаси скара, касни плата“ за кое рече дека важи и денес оти доцнат платите во „Македонски шуми“, работниците во културата преку протести издејствуваа усогласување и исплата на платите, а повеќе од 20.000 работници, според податоците од Управата за јавни приходи, земаат плати пониски од минималната.
„Да не се лажеме, ако не излезете на протест, нема да добиеме ништо. Колку ќе дојдеме, колку ќе излеземе на протест, толку и ќе добиеме. Доколку очекувате во наредните пет години некој кога ќе ја води државата да ве слушне, сте се излажале. Денеска е моментот кога треба да излезете на улица и да кажете што барате од сите тие што очекувате да ја водат државата“, повика Трендафилов.
Заедно со протестот Трендафилов најави дека работниците ќе го бранат и Работничкиот дом од институциите што го презедоа. „Нека дојдат и нека си ја пробаат среќата“, порача тој.
Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што работниците ќе ги упатат пораките, ќе кажат зошто не се задоволни и ќе им кажат на оние што го чекаат гласот од нив дека треба да се погрижат повеќе за работниците.
Македонија
УЈП: До 26 април продолжен рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи информира дека пропишаниот рок за поднесување на пријавите за данокот на додадена вредност, ДДВ-04, кој истекува на 25.4.2024 година, се продолжува за еден ден.
Според соопштението од УЈП, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ-04, ќе се смета 26.4.2024 година имајќи ја предвид владината одлука, со која 24.4.2024 година (среда) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.