Македонија
Свечено менување на државното знаме во претседателскиот Кабинет
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме, на којашто присуствуваа повеќе од 170 ученици од скопските основни училишта „Христијан Тодоровски-Карпош “, „Петар Поп Арсов“ и од „Гоце Делчев“, придружувани од своите наставници.
Младите посетители со внимание ја проследија церемонијата што традиционално се одржува секој втор петок во месецот, а ја реализира Баталјонот за почести при македонската армија, како израз на почит кон знамето и државата.
По свечениот чин, гостите ги разгледаа просториите на Кабинетот и во непосреден разговор со Сиљановска-Давкова, ѝ поставија бројни прашања: за секојдневните предизвици, за активностите коишто ѝ недостасуваат поради зафатеноста со претседателската функција, за омилените активности во детството, за школувањето и професијата, но и за уметничките дела коишто го красат Кабинетот.
Таа им укажа на важноста да бидат свои, оригинални и критични, да веруваат во силата на знаењето, да другаруваат со книгите и да си ја сакаат татковината.
На крајот од посетата, учениците ѝ подарија цртежи и ракотворби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 7 месеци пауза, Вардариште повторно гори, велат од „Стоп за Вардариште“
По протестите и јавниот притисок што се случуваа кон крајот на минатата година, Вардариште не гореше цели 7 месеци, но денес повторно сме сведоци на истото сценарио: чад, загадување, тешка миризба и директна закана по здравјето на граѓаните. Ова е последно предупредување од наша страна, велат од „Стоп за Вардариште“.
Од таму велат доколку не се стави целосен крај на загадувањето, ќе има блокади.
„Доколку не се испочитува договореното, не се стави целосен крај на загадувањето што го предизвикува Вардариште и ваквите палења се повторат, нема да останеме мирни, а ќе бидеме приморани и на потенцијално ново активирање на блокадите. Ги повикуваме сите надлежни институции да реагираат итно и со највисок степен на сериозност, а Министерството за внатрешни работи да го вратат полициското присуство на депонијата“, велат од „Стоп за Вардариште“.
Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Утре времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има повремен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Следува период на променливо облачно и релативно топло време. Во петок и во деновите од викендот времето ќе биде претежно стабилно и ќе дува умерен до засилен северен ветер. Од понеделник повторно се очекуваат локални врнежи од дожд и изолирана појава на грмежи.
Македонија
Муцунски – Прево: Белгиска поддршка на Македонија во нејзината европска интеграција
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во официјална посета на Република Северна Македонија престојува заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија, Максим Прево.
Централни теми на разговорите беа напредокот, развојот и перспективите на севкупните билатерални политички и економски односи со Белгија, со посебен акцент на процесот на проширување на Европската Унија и, во тој контекст, реафирмирањето на натамошната белгиска поддршка на македонската европска интеграција.
Министерот Муцунски изрази задоволство од билатералните односи меѓу двете земји и упати благодарност за принципиелната и конструктивна белгиска поддршка во процесот на евроинтеграција. Тој нагласи дека Владата е цврсто посветена на спроведување на клучните реформи, вклучително Реформската агенда, како и на целосно усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
„Особено ја цениме јасната позиција дека евроинтегративниот процес мора да се темели на исполнување на копенхашките критериуми од страна на земјите кандидати, но и на подготвеноста на самата Европска Унија да ги спроведе неопходните внатрешни реформи за прием на нови членки“, истакна министерот Муцунски.
Заеднички беше оценето дека македонско-белгиските односи се на високо ниво, при што беше реафирмирана подготвеноста за нивно натамошно продлабочување, особено во делот на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и привлекувањето нови белгиски инвестиции.
Министерот Прево истакна дека Белгија останува посветена на унапредување на билатералните односи, врз основа на традиционалното пријателство и меѓусебната доверба. Тој изрази задоволство од посветеноста на земјава кон реформските процеси и европската интеграција, особено во делот на усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и потврди дека Белгија ќе продолжи да биде силен поддржувач на процесот на проширување, врз основа на постигнатите резултати.
На средбата стана збор и за актуелните геополитички предизвици. „Разговаравме и за потребата од мудри, но и храбри геостратешки одлуки во време кога европската безбедносна архитектура се соочува со сериозни искушенија“, заклучи министерот Муцунски.
