Македонија
„Тоа е доказ дека системот функционира“: Мицкоски за притворениот член на неговото обезбедување кој ја нападнал сопругата
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека случајот со неговиот обезбедувач кој заврши во притвор по напад врз сопругата е доказ дека, за разлика од минатото, сега законот важи за сите, нагласувајќи дека не толерира недисциплина во безбедносните структури.
„Тоа е доказ дека законот функционира. Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување каде што законот важи за сите, за разлика од минатото, кога членови на обезбедување на претседател тепаа граѓани, дивееја по дискотеки и минуваа неказнето. Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ дека можеме и во иднина. Недисциплина јас не толерирам. Сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО ГОКК поднела кривична пријава по итна постапка против Р.Р. (39), полициски службеник во ОЗОЛО-ЕОПРСМ при МВР, поради основано сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 од Кривичниот законик.
Според МВР, на 2 мај 2026 година тој физички ја нападнал својата 37-годишна сопруга.
Осомничениот е лишен од слобода и изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил мерка притвор во траење од осум дена.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР ќе поднесе и предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина, како и задолжителни мерки за негово отстранување од работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски да одговори зошто не ги става Бугарите и другите малцинства во Уставот и да ги почне преговорите со ЕУ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање порача дека наместо креирање поделби и отворање вештачки теми, Мицкоски треба да одговори зошто не ги става Бугарите и другите малцинства во Уставот и зошто не ги продолжува преговорите со Европската Унија.
„Зошто не ги става Бугарите во Уставот и другите малцинства и да ги почне преговорите со Европска Унија? Каков е ризикот од Уставните измени? Од што тој се плаши? Зошто го лаже народот? Тој е заглавен во паметот со тоа дека треба да се збогати, тоа му е неговата суштина“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта намерно отвораа прашања кои одамна се затворени, со цел да го избегне одговорот на суштинските проблеми поврзани со реформите и евроинтеграциите.
„Што се случува во изминатиот период? Се отвораат прашања кои што се затворени. Кога било прашање јазикот на Албанците или балансерот и правичната застапеност? Никогаш. Затворени прашања беа тоа со рамковниот Охридски договор. Зошто се отвораат? За да нема одговор на главното прашање, а тоа е зошто нема реформи и зошто не се продолжуваат преговорите со ЕУ“, рече Филипче.
Во одговорот Филипче порача дека реформите значат Уставни измени и вистински исчекор кон Европската Унија, а не политички манипулации и дефокусирање на јавноста.
„Еве претседателката Сиљановска убаво кажа, објасни жената, зошто е добар Преспанскиот договор. Притоа несвесно призна дека свесно лажела. Ете тоа направи Гордана Сиљановска, со цитирање членови, со преамбули на Европа. Кој е тој степен на лицемерие? Такви луѓе немаат право морално ниту политички да ја водат државата, затоа што не ја водат како што треба. Затоа што не ги интересира ништо освен нивниот сопствен интерес. Тие луѓе не сакаат единство, не сакаат реформи. Реформите се викаат Уставни измени. Тоа е чекор напред“, рече Филипче.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Каков блам, следно е Филипче да држи прес за колекционерство на салфетки и за нумизматика
Тешка срамота е во што се претвори некогаш важната СДС. Од партија што барем глумеше сериозност, денес остана политичка група што држи прес-конференции како да е комбинација од театар на апсурд и ефтина претстава, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Порелевантни се информациите за временска прогноза отколку пресовите на лидерот на СДС.
Следно е да излезе со драматична конференција за нумизматика, колекционерство на салфетки или анализа на ретки поштенски марки.
Човекот со половина прес зборува за пасоши, со друга половина за НАТО, па скока на Преспански, па завршува со уставни измени, како политички подкаст пуштен на shuffle.
И сето тоа со патетичен тон на човек што мисли дека открил државен заговор, а всушност само признава дека СДС веќе нема ниту тема, ниту правец, ниту политичка тежина“.
Најтрагично, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е што токму тие што ја распродаваа државата денес држат лекции за патриотизам, идентитет и Европа.
„Истите тие што ветуваа „живот“, а оставија пустош, криминал, понижувања и национални отстапки, сега се обидуваат да глумат морални авторитети.
СДС денес не е опозиција. СДС е политички стенд-ап без публика“.
Македонија
Филков за протестите за полагање на правосуден испит: Македонскиот јазик не е пречка, тој е обврска
Најостро реагирам на обидот, полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок, реагира министерот за правда Игор Филков за протестите.
„Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем.
Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.
Правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица. Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството“.
Министерството за правда, додава тој, останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок.
Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата.
