Македонија
Тодоров: Две илјади вработувања за волонтерите во јавното здравство
На неопределено време ќе бидат вработени околу две илјади лица, медицински и помошен односно административен персонал, кои досега волонтирале во јавните здравствени установи, според Законот за трансформација во редовен работен однос во јавното здравство, соопшти во саботата министерот за здравство Никола Тодоров, истакнувајќи дека една третина ќе бидат вработени веднаш.
Постапката за вработувањето на ваквиот персонал, односно доктори, медицински сестри, техничари, хигиеничари, правници, информатичари кои досега волонтирале или работеле со договори на определено време, како што истакна Тодоров на прес-конференцијата, е веќе започната и во првата група од над 700 луѓе ќе бидат вработени веднаш, додека другите ќе бидат вработени на неопределено време од 1-ви декември 2015, и од 1-ви септември 2016 година.
„Само во општите и клиничките болници низ државата ќе бидат редовно вработени вкупно 739 лица, од кои во првата група 259 лица. Во Универзитетските клиники во Скопје ќе бидат редовно вработени околу 600 лица, а само во првата група ќе бидат вработени 210 лица. Во здравствените домови ќе бидат вработени вкупно 168 лица, во специјалните болници, заводи и институти низ државата редовно ќе се вработат околу 300 лица. Во Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје редовно ќе се вработат речиси 200 лица“, рече министерот за здравство Никола Тодоров.
Смета дека со ваквите мерки долгорочно ќе биде решено егзистенцијалното прашање на поголем број лица кои досега биле ангажирани во здравствените установи како волонтери или со договори на определено време.
„Станува збор за исклучително значајна мерка на Владата на Република Македонија, со којашто ќе им помогнеме на илјадници семејства низ државата, имајќи предвид дека досега овие лица не биле редовно вработени и не можеле да остварат право на здравствено, пензиско, односно социјално осигурување“, посочи Тодоров.
Укажа дека според Законот, приоритет во динамиката на вработување имаат лицата кои се најдолго ангажирани во установите, односно оние лица кои имаат најдолго работно искуство во установата ќе бидат вработени во првата група.
„Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир има 15 лица што се ангажирани од 2003 година, кои околу дванаесет години работат како волонтери или со договор на дело, а сега ќе бидат редовно вработени. По единаесет или дванаесет години се ангажирани и волонтерите во Општата болница Струга, околу десет години работат со истиот статус десетици луѓе и на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје и на Клиниката за радиологија. Околу девет години се ангажирани волонтерите или лицата со договор на дело во Клиниката за радиотерапија и онкологија и Клиниката за пулмологија и алергологија, а околу седум години на Клиниката за хематологија“, додаде министерот Тодоров.
Како куриозитет, Тодоров во примерот на долгогодишни ангажирања со договори на дело го издвои случајот на лице коешто било ангажирано уште од 1994 година.
Министерот за здравство предочи дека сите јавни здравствени установи веќе ги започнале постапките за вработување на споменатиот персонал, ги доставиле потребните документи до министерството, по што тие се доставуваат и до Министерството за финансии каде што се склучуваат договорите за вработување. Тодоров рече оти очекува целата постапка да биде завршена во законски предвидениот рок од еден месец./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.