Македонија
Трипуновски: Брисел потврди дека нема неправилности, ИПАРД средствата повторно се достапни за земјоделците
Брисел потврди дека нема никакви неправилности во постапките, ИПАРД средствата повторно се достапни на располагање за земјоделците, соопшти министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
„Дозволете ми да споделам една важна и позитивна вест за македонските земјоделци и за земјоделскиот сектор, денес пристигна официјално известување од страна на ЕК, Генерален Директорат за земјоделство и рурален развој, дека средствата од ИПАРД програмата повторно се достапни на располагање за македонските земјоделци. Согласно навремено превземените активности, направената целосна и детална контрола за користење на средствата од ИПАРД програмата е утврдено дека нема неправилности во самите постапки. Што значи дека системот функционира, институциите постапуваат одговорно, транспарентно во интерес на македонските земјоделци“, рече министерот.
Тој појасни дека Брисел никогаш не ги блокирал средствата, но во моментот кога излезе во јавноста за случајот со злоупотреба од страна на претходниот директор на Платежната агенција, се активирал националниот механизам.
„Тогаш го известивме Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола со цел да не се дозволи да се фрли црна дамка, инициравме преку еден транспарентен начин да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД фондовите. Истото беше препознаено како одличен чекор од Брисел со тоа што навремено се интервенираше во оваа ситуација. Следеше темелна проверка од ИПА структурата по што се достави сеопфатна информација до европските институции согласно воспоставените процедури“, рече министерот.
Со ова, додаде Трипуновски, сакам да ги демантирам и шпекулациите кои тенденциозно се пласираа во јавноста од страна на опозициската партија СДСМ, обидувајќи се да создадат лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, тврдејќи дека ИПАРД средствата се блокирани, а земјоделците ќе останат без поддршка.
„Но, денеска по кој знае кој пат нивните лаги паѓаат повторно во вода, вистината излезе на виделина. Додека СДСМ се служи со конструкции, и е заглавена во старата матрица на ширење на лаги, манипулации мислејќи дека на тој начин ќе обезбеди некој политички поен, ние како Влада носиме резултати и обезбедуваме пари за нашите земјоделци. Во тоа е разликата помеѓу нас, наместо политиканство и дезинформации, ние избравме транспарентност, соработка со европските институции и заштита на секој денар наменет за македонските земјоделци“, рече Трипуновски.
Тој упати порака до земјоделците да продолжат да аплицираат, да инвестираат и да го развиваат нивното земјоделско производство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Уапсен осомничениот за палењето на возилата на бугарската амбасада во Скопје
Полицијата го пронајде и приведе осомничениот за денешното опожарување на две службени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е задржан во полициска станица.
При преземените дејствија била пронајдена и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од МВР информираат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.
Македонија
Мисајловски од Париз: инвестираме во нова и модерна опрема, зашто безбедноста на нашите граѓани и сигурноста на Алијансата е врвен приоритет
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (15 јуни) престојува во Париз, Франција каде присуствуваше на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, а оствари средба и со Елен Конвеј-Муре, потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.
На средбата со сенаторката Конвеј-Муре, министерот Мисајловски се осврна на инвестициите во армијата, видливи преку стабилното зголемување на средствата наменети за одбрана кои оваа година достигнаа 2,18 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 32,5 проценти се наменети за набавка на нова и софистицирана опрема за македонската Армија.
„Македонската Влада силно инвестира во зацврстувањето на одбраната и безбедноста на земјата, а со тоа и на колективната одбрана на Алијансата. Со зголемувањето на одбранбениот буџет и набавката на нова, модерна и софистицирана опрема, вклучително и системите за против-воздушна одбрана Мистрал 3 од Француската Република, несомнено придонесуваме кон посилно НАТО и побезбедни граѓани“, рече министерот на средбата.
Мисајловски на средбата нагласи и дека потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Франција е навистина голем, особено во контекст на заедничките обуки и вежби, како и размената на експертиза во доменот на одбраната.
На саемот „EUROSATORY 2026“, македонската делегација одблиску се запозна со новите достигнувања на полето на воената технологија, што е од исклучителна важност имајќи го предвид активниот процес за модернизација и опремување на Армијата.
Македонија
Осуда за инцидентот со возилата на бугарската амбасада, Муцунски најави целосно расчистување на случајот
Осуда за инцидентот во кој денеска беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје изразил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја информирал својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Тој нагласил дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции за спроведување брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот.
