Македонија
Уапсена сопственичка на салон за убавина и две други лица, криумчареле медицински препарати штетни по здравјето на граѓаните
Секторот за контрола и истраги лиши од слобода три лица, меѓу кои и сопственичка на салон за убавина, осомничени за криумчарење на медицински препарати штетни по здравјето на граѓаните.
Извршен бил и претрес во салон за убавина, каде се пронајдени криумчарени непроверени дермални филери и други медицински производи кои се користат за убавина, но и за редуцирање маснотии, кои сопственичката на салонот ги користела врз клиенти.
Криминалната шема е разоткриена на влез во државата на граничен премин Табановце, каде е извршена детална контрола на комбе при што се пронајдени вкупно 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со натпис TIRZ 2.5 мг и TIRZ 5 мг скриени во чаршави за постелнина.

Возилото, под постојан надзор на мобилен царински тим, го продолжило патот до местото каде што било договорено преземање на пратката од страна на сопственичката на салонот.
Во моментот на исплатата, инспектори од Одделението за истраги ја лишија од слобода, а по налог на јавен обвинител е извршен претрес на салонот, каде се пронајдени и други криумчарени медицински препарати – дермални филери, препарати за разградување дермални филери, производи кои се користат за редуцирање маснотии, контурирање на лице, отстранување на брчки и производи за подмладување. За пронајдените производи не била обезбедена документација за нивната безбедност, исправност и законит увоз, а според сомненијата, истите ги рекламирала и ги употребувала врз клиенти.

Против осомничените, поднесена е кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело криумчарење и производство и пуштање во промет штетни средства за лекување.
„Царинската управа и натаму ќе продолжи со активности со цел заштита на здравјето на граѓаните, при што апелираме дека сите оние кои работат спротивно на закон ќе бидат најстрого санкционирани“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
