Македонија
УНИЦЕФ и ЕУ во партнерство со граѓанските организации за спречување на насилството врз децата и промовирање на вклучувањето на деца со попреченост
Претставници на граѓанските организации и владините партнери се состанаа да разговараат за координација на работата меѓу партнерите кои го спроведуваат проектот „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост“ финансиран од Европската унија (ЕУ), а кофинансиран и имплементиран од Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ).
„Насилството врз децата и натаму е широко распространето“, рече др Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ и додаде дека „Децата со попреченост имаат четирипати поголеми шанси да доживеат насилство. Многу од нив се „невидливи“ – не се вклучени во никакви официјални податоци и услуги, и најверојатно, се чуваат надвор од училиштето и надвор од очите на јавноста“.
Проектот ќе се спроведува до декември 2018 година, како дел од регионалното партнерство меѓу Европската унија и УНИЦЕФ за промовирање на почитувањето на човековите права и поголема ефективност на јавните служби и нивна инклузија на ранливите групи – децата-жртви на насилство и децата со попреченост – преку јакнење на граѓанскиот сектор и унапредување на соработката во земјите од Западен Балкан и Турција.
„Заедно со УНИЦЕФ и со Европскиот форум за попреченост, со овој проект започнуваме иновативен метод на заедничка работа со меѓународните организации и граѓанскиот сектор. Влегуваме во партнерство со граѓанските организации затоа што ги признаваме нивното искуство и знаења, како и важноста на нивната улога на терен при досегањето до ранливите семејства и деца“, рече Никола Бертолини, раководител на Одделот за соработка при Делегацијата на Европската унија.
Проектот обезбеудва поддршка на владите за подобрување на примарното и секундарното законодавство и за воспоставување услуги на мултисекторски одговор за решавање на правните, медицинските, психолошките, образовните и социјалните потреби на децата-жртви на насилство и злоупотреба. Градењето капацитети на државните институции и на граѓанскиот сектор за собирање податоци, следење и известување околу проблеми со правата на децата, како и активности за подигање на свеста, исто така, се дел од проектот.
На работилницата беа презентирани активностите на граѓанските организации ангажирани да водат различни сегменти од проектот, по што следеше дискусија и обука за конкретните аспекти на партнерството, вклучувајќи и следење на активностите, известување за резултатите, видливост и комуникација./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор, бидејќи се прекршил Законот за техничка влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морале да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничка влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот Управен суд донесе две пресуди во моја корист со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер не произведуваат правно дејство. Истото се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и започнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.