Македонија
Утре променливо облачно време со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд, а во југоисточните делови ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во петок и во сабота на повеќе места се очекуваат поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утринските температури ќе бидат во пораст, а дневните до сабота ќе се задржат пониски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кој е овде луд, тие ништо не работат на реформите, па виновна им е ЕУ, вели Филипче за ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција укажа дека ВМРО со пропагандата што ја спроведува преку своите медиуми се обидува одговорноста за застојот во реформите да ја префрли врз Европската Унија. Филипче посочи дека наместо реални резултати и спроведени реформи, јавноста е сведок на политички спинови и обиди за манипулација со граѓаните.
„Муцунски грмнал во Брисел, Тимчо. Ова веќе звучи смешно само по себе. Но, она што воопшто не е смешно е дека криминалната група на ВМРО преку нивните медиуми, сега внимавајте, ја обвинуваат Европската Унија дека не се спроведуваат реформите тука кај нас. Повторувам што објавиле – Тимчо Муцунски, министер на криминалната група ВМРО, и во име на шефот на бандата Христијан Мицкоски, грмнал во Брисел и ја обвинил ЕУ дека таа е виновна што ние не ги спроведуваме реформите како услов за продолжување на преговорите“, рече Филипче.
Притоа, Филипче нагласи дека ваквиот наратив на владата на ВМРО е класична политичка манипулација и обид за избегнување одговорност.
„Кој е овде луд? Тие ништо не работат на реформите, па им е виновна Европската Унија? Дали разбирате до кој степен на манипулација се оди? До вчера ние бевме виновни за сè. Денес е виновен Брисел и целата Европска Унија. Муцунски, исто како и Мицкоски дома, пред македонските граѓани зборуваат едно, но во Брисел зборуваат друго. Денеска повторно го слушнавме тоа и го видовме. Не ги исполниле реформите и немаат што да бараат во Брисел. Но, важно е што сакаат да им пласираат на граѓаните. Повторно лаги и манипулации. Вести од ваков тип, кои излегуваат од кујната на ВМРО се лаги кои служат за манипулација и поделби на граѓаните“, рече Филипче.
Македонија
Економската приказна на Владата се распаѓа, ниту ребаланс не го спасува буџетот, велат од Левица
Фактот што за само четири месеци се реализирани над 72% од планираниот буџетски дефицит е сериозен сигнал дека проекциите врз кои е скроен Буџетот за 2026 година биле или нереално оптимистички или политички мотивирани, велат од Левица.
Кога приходите потфрлаат уште во првиот квартал, а расходите продолжуваат со планирана динамика, тоа значи, додаваат од оваа партија, дека државата влегува во структурен јаз помеѓу фискалните амбиции и реалната економска база.
„Владата се обидува ова да го претстави како нормална работа за која што ќе следи ребаланс но бројките зборуваат поинаку. Ребаланс во услови кога веќе во април се исцрпени речиси три четвртини од годишно планираниот дефицит не е техничка корекција туку признание дека економската политика е промашена.
Особено загрижува фактот што потфрлањето кај приходите доаѓа токму кај клучните даночни категории: ДДВ, акцизи и персонален данок. Ниската реализација на ДДВ и акцизите укажува на забавување на домашната потрошувачка и слабеење на економската активност, додека слабата наплата на персонален данок дополнително потврдува дека растот на платите и вработеноста не го следи наративот на Владата“.
Наместо, како што посочуваат од Левица, да се адресираат структурните проблеми како неданочење на најбогатите, политика на рамни даноци, зависност од увоз, ниски плати и растечка ценовна нестабилност, Владата повторно се потпира на задолжување и краткорочно управување со ликвидност. Ова, според нив, е класичен модел на социјализација на кризата: профитите остануваат приватни, а товарот од фискалните промашувања се префрла врз граѓаните преку инфлација, нов долг и идни рестрикции.
„Дополнително, проекцијата за инфлација од 2,5% и раст од 3,9% веќе изгледа целосно невозможна. И самата Народна банка ги ревидира очекувањата надолу што значи дека Буџетот бил поставен врз нереални претпоставки уште од старт.
Потребна е сосема поинаква економска парадигма: прогресивно оданочување на високите приходи и капиталот, повисоки плати, посилна индустриска политика и таргетирани јавни инвестиции. Во спротивно, ребалансот што доаѓа нема да биде решение туку само административна потврда на веќе започнатата економска ерозија“.
Македонија
Лукровски дигнал раце од општината, јавна тајна е дека веќе два пати поднесувал оставка, велат од ГРОМ
ГРОМ и коалицијата изминативе шест месеци беше конструктивен во Советот на Општина Карпош. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која во претходниот мандат ја блокираше општината, ние не го опструиравме градоначалникот Сотир Лукровски, туку му дававме поддршка кога тоа беше во интерес на Карпош, изјави на прес-конференција Добрила Андоновска, член на Советот на Општина Карпош.
„Но, господинот Лукровски уште во првиот месец почна да се жали дека му било тешко и дека процедурите биле сложени. Како резултат на тоа, не примаше граѓани, не соработуваше со администрацијата и не се потруди да научи како функционира една општина. Со таков однос не се води општина“, додава таа.
Јавна тајна е, како што рече, дека Лукровски веќе два пати поднесувал оставка.
„Тоа значи дека градоначалникот практично дигнал раце, а оние што го поставија сега се обидуваат да го задржат во фотелјата преку компромисно решение — боледување.
Но, ова не е решение, туку купување време.
Со ваквиот однос, Општина Карпош се доведува во состојба на несигурност, застој и институционална импровизација. Дополнително, денес Неделчо држел колегиуми во Општина Карпош. Тоа е доказ дека тој не се однесува како лице со техничко овластување за потпис, туку како фактички градоначалник. А Карпошани не гласале за Неделчо. Овластување за потпис не е мандат од народот“.
Гром додаде таа, бара итно свикување вонредна седница на Советот на Општина Карпош, на која ќе се расправа за настанатата состојба, статусот на градоначалникот, овластувањата дадени на друго лице и фактичкото раководење со општината.
Советот мора да биде информиран. Граѓаните мора да ја знаат вистината. Општината мора да работи.
Ако Лукровски не може, не сака или не знае да ја води Општина Карпош, чесно е да си поднесе оставка. А по оставка на градоначалник, следуваат избори за нов градоначалник.
Решението е јасно: оставка и избори за нов градоначалник на Општина Карпош.
