Македонија
„Вечните ‘љубители на фотелји’ од ДУИ не знаат да живеат во опозиција“, велат од Влен
„ДУИ повторно го пушти стариот филм. Народот вели: каде што те боли забот, таму оди јазикот. На ДУИ ѝ боли Изет Меџити, затоа што заедно со народот ги испрати во опозиција“, велат од Влен.
„Нека запомнат добро: Изет Меџити не е производ на канцеларии и милувања од Али Ахмети. Тој има мандат од Албанците, како градоначалник и пратеник. Со глас, со терен, со луѓе. Не како Бујар Османи, Блерим Беџети, Фатмир Бесими и кликава на ДУИ, кои политиката ја сфатиле само како качување на фотелја, тендери и личен комодитет. Разликата е голема. Изет бил меѓу народот во маало, додека тие биле во канцелариите на извршната власт и во пазарите за моќ.
Денес најголемите ‘љубители на фотелји’ се во ДУИ, таму каде што мала група луѓе околу Али Ахмети ја приватизирале партијата, го туркаат посветениот активист напред како топовско месо, само за самите да се вратат на власт, во фотелји, во тендери и во удобност.
Бујар Османи повеќе од 3.700 дена министер, Блерим Беџети повеќе од 5.500 дена на функции и сѐ уште зборуваат за „заштита на Албанците“. ДУИ Албанецот го гледала само како број за глас, додека функциите како семејно наследство.
Оваа демагогија повеќе не поминува. Народот ги прочита. Тие сѐ уште сонуваат за времето на Груевски, Будимпешта им изгледа како адреса за спас, додека Мијалков го паметат како златен партнер на владеењето.
Веќе две години ги лажат активистите дека ‘ќе се вратиме на власт’, а одговорот за оваа политичка измама го добија не така одамна на локалните избори, каде ВЛЕН ги разби победувајќи во 10 општини“, се наведува во соопштението на Влен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
