Македонија
(Видео) Бочварски: Власта ветуваше 250 милиони евра годишно од унгарскиот кредит за општинските проекти, се реализираат само 16 проценти
Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања од опозицијата, постави прашање до министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во однос на потфрлувањето на реализацијата на проектите во општините, за што владата најави 250 милиони евра од унгарскиот кредит.
Бочварски посочи дека откако завршија локалните избори, интензитетот на овие проекти опаѓа, и а владата со намален интензитет работи на овие проекти кои што беа најавени како многу значајни за граѓаните.
„Она што го имаме како чувство, и во опозицијата, но и помеѓу граѓаните во сите контакти коишто ги имаме, е дека откако завршија локалните избори, интензитетот на овие проекти опаѓа, и секако чувството е дека Владата со намален интензитет работи на овие проекти кои што беа најавени како многу значајни за граѓаните.
Дали тоа се должи на губење на фокус кон локалните средини веднаш штом завршија локалните избори, е прашање за Владата, но и прашање за кое што граѓаните бараат искрени одговори“.
Во 2025 година, посочи тој, беа предвидени 100 милиони евра, па потоа беа со ребаланс намалени на 40 милиони евра, што, како што рече, е огромно потфрлање во проценките за буџетот за 2025 година.
„За оваа, 2026 година, се проектирани само 50-тина милиони евра за овие проекти, што значи дека се ветуваа 250 милиони евра годишно, а се реализираат некаде околу 40 милиони евра годишно за овие локални проекти.
Пред неколку седници за пратенички прашања поставив слично прашање во однос на овие проекти, во делот на реализација на средства за локалните проекти од овој кредит, но тогаш не добив конкретен одговор. Добив некои паушални бројки кои што немаат врска со реалноста. Но она кое што успеав да го обезбедам се овие бројки дека нема ниту приближно реализација на овие проекти кои што беа ветувани пред граѓаните. Првото прашање конкретно ми е дали ќе има нови повици за општините за реализација на ваков тип на проекти“.
Дали во министерството сметаат, праша Бочварски, дека е погрешно ветувањето за тие „фантастични 250 милиони евра годишно во локалните средини, или пак сметаат дека ветувањето било на место, но реализацијата во општините потфрлила“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски по обидот за палење на синагогата: Апсолутно неприфатливо, сторителите ќе одговараат
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го осуди oбидот да се опожари синагогата во Скопје, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека во тек е истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
The arson attack on the Jewish Community building and synagogue in Skopje – on Easter – is utterly unacceptable and strongly condemned. There is no place for such acts in 🇲🇰. An investigation is underway, and those responsible will be held accountable. Our society stands firm on…
— Timco Mucunski (@TimcoMucunski) April 13, 2026
Тој нагласи дека општеството цврсто стои зад вредностите на толеранцијата и мултиетничкиот соживот.
Претходно, МВР соопшти дека на улицата „Апостол Гусларот“ во Скопје биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата излегла на терен и презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејската заедница во Македонија го осуди обидот за опожарување, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупредувајќи на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираат за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
МВР го истражува обидот за палење на синагога во Скопје, Еврејската заедница алармира за говор на омраза
Министерството за внатрешни работи информира дека на 12 април во 07:22 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Апостол Гусларот“, во двор од верски објект, бил забележан канистер за гориво и траги од горење.
По добиената пријава, полициски службеници излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Претходно, Еврејската заедница во Македонија го осуди, како што наведуваат, обидот за опожарување на објектот на заедницата и синагогата.
„Овој чин не е само напад врз еден верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит“, се вели во соопштението потпишано од претседателот Пепо Леви.
Од заедницата изразуваат загриженост за зголемените појави на говор на омраза и нетолеранција, предупредувајќи дека ваквите тенденции можат да доведат до оживување на антисемитизмот.
Во соопштението се додава дека обидот за подметнување пожар е „алармантна последица“ на таквата атмосфера, при што се повикува на јасна осуда од институциите, верските лидери и граѓаните, како и на целосно расветлување на случајот од страна на надлежните органи.
Македонија
За СДСМ договорите со Орбан биле сомнителни, ВМРО-ДПМНЕ вели дека имало официјална меѓудржавна соработка, а не тајни бизнис врски
Од СДСМ соопштија дека по падот на власта на Виктор Орбан во Унгарија, може да дојде до откривање на, како што наведуваат, „тајни бизнис комбинации“ меѓу Орбан и Христијан Мицкоски.
Во соопштението се наведува дека „Мицкоски ги ставил стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан“, како и обвинувања поврзани со медиуми, телекомуникации, енергетика и кредити. СДСМ посочува дека „сите овие договори мора да бидат детално истражени“ и најавува дека ќе бара целосна истрага.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија ваквите наводи, наведувајќи дека „нема никакви тајни бизнис врски со Виктор Орбан и неговата партија“.
Тие посочуваат дека постојат „официјални државни договори и соработка меѓу Македонија и Унгарија“, како дел од соработката меѓу две европски држави.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ го повика Венко Филипче да се фокусира на состојбата во СДС и да се огради од Зоран Заев.
Од партијата додаваат дека надлежните институции треба да постапуваат по сите информации изнесени во јавноста.
