Македонија
(Видео) Кузеска: Со шефот на бандата Мицкоски економијата тоне, инфлација 5,7%, празни фрижидери, празни џебови, сиромаштија
Со шефот на криминалната група, политичкиот дилетант Христијан Мицкоски економијата оди надолу, граѓаните имаат празни фрижидери, празни џебови и сè потежок живот. Додека Мицкоски продава бајки дека Македонија е „трета економија“ во Европа, последните податоци на Статистика покажуваат зголемена инфлација од 5,7% во споредба со истиот месец лани, вели Богданка Кузеска-портпаролка и членка на ИО на СДСМ.
Тоа е, како што додава, речиси двојно повисока инфлација од еврозоната, каде инфлацијата во април изнесува 3%.
Како што оценува таа, најголем удар трпат граѓаните преку поскапата храна.
„Трошоците за храна се зголемени за 8%. Сè е поскапено, народот едвај врзува крај со крај.
Синдикалната потрошувачка кошничка во април достигна речиси 69.000 денари, а граѓаните имаат сè помалку пари и сè потешко преживуваат од месец во месец.
ВМРО-ОКГ и Мицкоски одбија да го укинат ДДВ на храната, одбија да го намалат ДДВ на горивата на 5%, одбија да ги намалат цените на патарините и одбија да воведат било какви мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
Одбија и да ја зголемат минималната плата на 600 евра.
Нема помош за ранливите категории, нема помош за пензионерите, студентите, земјоделците, нема антикризни мерки. Граѓаните се оставени сами во криза“.
Дополнително, истакнува Кузеска, владата на Мицкоски доцни со исплатите за социјално и здравствено затоа што нема пари во буџетот.
Последните податоци, според неа, покажуваат дека стапката на сиромаштија во првата година од владата на ВМРО изнесува 21,9%. Тоа, како што рече, значи дека секој петти граѓанин живее под прагот на сиромаштија.
„Состојбата е уште поалармантна кај многучлените семејства каде 54,8% живеат во сиромаштија, кај самохраните родители 45,8%, а кај децата и младите до 17 години стапката на сиромаштија изнесува 29,5%.
Ова се поразителни податоци и директна последица на неспособната и дилетантска власт на шефот мафијата, Христијан Мицкоски.
За две години Мицкоски ги задолжи граѓаните за нови 2,3 милијарди евра. Каде се парите? Па во криминални тендери, нема пари за граѓаните има за богатење на криминалната банда на ВМРО-ОКГ.
Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Улици под вода по невремето во Битола, службите на терен низ целиот град
Големите количини на дожд кои попладнево паднаа во Битола предизвикаа проблеми во нормалното функционирање во делови од градот.

Веднаш на терен излегоа екипи на ЈП „Нискоградба“ Битола при што интеренираа и интервенираат на следните места: – населба „Стрелиште“ на улицата „8 септемрври“ кај бензинската станица на „Лук оил“, – населба Карпош-Кланица на потегот кој излегува на улицата „Железничка“, – на улицата „Железничка“ на потегот кај „Император“ – населба „Стрчин“ на реката Курделес – улица „Патризанска“ пред Медицина на трудот, – Горно Оризари улица „Крте Нале“ одводниот канал, Раштански порој – улица „Бурса“. – улица „Цар Самоил“.

Исто така екипи на „Нискоградба“ ќе интервенираат на улицата која води кон село Раштани, а имаше и помали интервеници во „Бадембалари“, населбата „Баир“, на улицата „Широка“ каде решетките не можеа да ја соберат водата од ридот, потоа на улицата „Васко Карангелевски“ на стариот Курделес кој излегува на улицата „Смилевски конгрес“. Екипи на „Нискоградба“ ќе интервенираат и на патот за Брусник и Лавци.

Македонија
Лекарска комора ги додели годишните признанија и награди
Во Домот на културата во Кавадарци се одржа свечена манифестација по повод одбележувањето на 34 години од основањето на Лекарска комора на Република Северна Македонија. На настанот присуствуваа високи претставници на здравствените и образовните институции меѓу кои заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување д-р Сашо Клековски, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, деканите на медицинските факултети, претставници на стручните комори, како и бројни доктори и гости.
Во своето обраќање, претседателката на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, се осврна на активностите на Комората меѓу две годишнини, нагласувајќи дека изминатиот период беше исполнет со интензивна работа и стратешки активности на домашен и меѓународен план. Како клучен успех во изминатата година беше потенцирано полноправното членство на Лекарска комора во Европскиот совет на лекарски комори, остварено во март годинава, што овозможува директно усогласување со европските медицински стандарди и зајакнување на гласот на македонските лекари во Европа.
По однос на внатрешните предизвици, претседателката јавно укажа на сериозните структурни аномалии со кои се соочува македонското здравство, пред сè со хроничниот дефицит на доктори во одредени градови и специјалности што доведува до преоптовареност на клиниките и болниците во Скопје, додека капацитетите во внатрешноста остануваат недоволно искористени. Во своето излагање таа упати јасен апел до надлежните институции.
„Комората доставува барања и предлози, но ја нема моќта овие предлози да ги имплементира во пракса, бидејќи тоа го можат единствено креаторите на здравствените политики, а токму тие треба да покажат поголемо разбирање за суштинските барања на Комората затоа што докторите се најважниот ресурс во здравствениот систем и поседуваат стручно знаење и искуство за да поттикнат позитивни промени. Затоа, сметаме, дека во наредниот период треба суштински да се зајакне институционалниот дијалог со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, за реално да може да се спроведат вистински реформи“, истакна проф. д-р Старделова Гривчева.
Заменик-претседателот на Комората, доц. д-р Беким Исмаили, потенцираше дека Комората повеќе од три децении претставува столб на професионализмот, медицинската етика и континуираниот развој на здравствената дејност во нашата земја.
„Во изминатите 34 години, Лекарската комора одигра клучна улога во заштитата на интегритетот на лекарската професија, во унапредувањето на високите професионални стандарди и во поддршката на континуираната медицинска едукација. Благодарение на посветеноста и трудот на генерации лекари и здравствени работници, изградивме институција која ужива доверба и почит, како меѓу своите членови, така и во пошироката јавност“, рече доц. д-р Исмаили.
Во свечениот дел од настанот беа доделени годишните награди и признанија на истакнати поединци. Највисокото признание на Комората, наградата „Св. Наум Охридски“ за особени остварувања во областа на здравството му припадна на д-р Мевљудин Куч, а во негово име наградата ја прими неговиот син, д-р Златан Куч. Наградата „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата студенти по медицина со највисок просек ја примија Стеван Богданов од Медицинскиот факултет од Скопје, Александар Величков од Факултетот за медицински науки од Штип и Ерда Алиу од Факултетот за медицински науки од Тетово. Плакетата за најдобар научен труд објавен во официјалното гласило „Vox Medici“ им беше доделена на авторите Шкелќим Мухареми, Ѓулшен Селим, Лилјана Тозија, Јетмир Зиба, Никола Ѓорѓиевски, Игор Николов, Реџеп Селмани и Ванѓелка Коваческа Шавреска, за нивниот труд за дијагностичкиот предизвик кај хантавирусна инфекција.
Комората додели и благодарници за новинари и медиуми кои преку своите емисии посветени на здравството придонесуваат за подигнување на здравствената култура на населението. Признанија добија Билјана Дебарлиева („Фактор здравје“ – ТВ24), Севдије Метај („Про вита“ – МРТ2), Александар Динев и Сања Димитровска („Добриот доктор“ – Сител), Марија Атанасовска („Телма амбуланта“ – Телма), како и Арѓира Елмази и Арта Сефадини („Огледало на здравјето“ – Алсат М). Посебна благодарница му беше врачена на градоначалникот на Кавадарци, Јанчев, за неговата несебична поддршка, посветеност и континуиран придонес во македонското здравство, како и за покровителството на одбележувањето на годишнината на Комората.
Македонија
Новиот клинички центар сѐ уште е планиран кај „Борис Трајковски“, Владата преговара за земјиштето
Изградбата на нов клинички центар во Скопје и понатаму се планира во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а Владата веќе преговара со сопственикот на земјиштето за обезбедување на локацијата, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Според владиниот план, новиот здравствен комплекс треба да биде поврзан со ГОБ „8 Септември“ преку подземен тунел, со што на едно место би се интегрирале повеќе здравствени установи, меѓу кои и ПЕТ-центарот и Поликлиниката „Букурешт“.
Мицкоски рече дека парцелата на предвидената локација е во приватна сопственост и дека во тек се разговори за размена на земјиште. Тој оцени дека досегашниот тек на преговорите е задоволителен.
