Македонија
(Видео) Мециновиќ порача дека пред Енергетската заедница ќе го оспори назначувањето на Ацо Ристов за претседател на РКЕ
На денешната собраниска седница, на која беше избран новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, реагираше на како што беше оценето, партизацијата на клучното тело кое директно одлучува за цената на струјата, горивата и животниот стандард на граѓаните. Ацо Ристов, велат од Левица, е поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека неговата сопруга Данка Ристова е членка на Судскиот совет.
Мециновиќ истакна дека со крунисувањето на Мицкоски на позиција на премиер на Република Македонија започна најзагрижувачкиот период за енергетската состојба во Република Македонија.
,,Премиерот и сите кои ќе ги назначи, вклучувајќи го и овој претседател на РКЕ, директно ќе работат за интересот на индустриските поединци и директно против интересот на граѓаните. Со новото назначување на претседателот на РКЕ, не само што нема да се смени ништо, напротив, ќе се продлабочи исцицувањето на средствата од џебовите на граѓаните!
Ацо Ристов, кој е поранешен градоначалник од редовите на ДПМНЕ на општина Радовиш, е близок бизнис соработник на премиерот Мицкоски и тој не може да биде независен експерт кој ќе го води РКЕ.
По тоа што ние го имаме добиено како информации, веќе има загрижување кај Енергетската заедница со седиште во Виена за назначувањето на Ристов за претседател на Регулаторната комисија. Веднаш ќе ви најавам дека јас како како приватно лице, како граѓанин на Република Македонија, ќе го оспорам ова назначување со формална претставка до Енергетската комисија во Виена. Затоа што Ацо Ристов ги нарушува критериумите на Енергетската заедница во Виена. Тој не е независен кадар, тој е директно политички кадар на ДПМНЕ.
Секој пат кога ќе го видите Ристов на телевизија како ја зголемува цената на струјата, погледнете го во него лицето на Мицкоски, затоа што тој е одговорен за тоа“, кажа пратеникот од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
Унгарија не смее да биде прибежиште за криминалци, рече Маѓар и го спомена и Груевски кој таму доби азил
Новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан да им одобри азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службената должност.
Тој порача дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„И тоа не важи само за нив, туку и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија“, изјави Маѓар.
Македонија
Променливо време со врнежи до четврток, најобилни на исток
Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека попладне и во текот на ноќта во јужните и западните делови се очекуваат локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието и засилен ветер од југоисточен правец, со брзина над 60 километри на час.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 10 степени, а максималната ќе достигне меѓу 17 и 22 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 21 степен.
Во наредните денови, до четврток, времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток во источните делови, каде ќе има и услови за ретки грмежи.
Во петок ќе преовладува облачно време, додека во сабота ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне ќе биде сончево, а попладне повторно ќе има услови за дожд, особено во западните делови.
