Македонија
Вкупно 28 лица крстени во водите на реката Бабуна
Вкупно 28 лица во саботата во реката Бабуна примајќи ја светата тајна пристапија кон православната вера.
„Чувството беше неописливо. Иначе на ваков чин се одлучив затоа што сум православен, затоа што сметам дека ми е должност, не само на мене тоа им го препорачувам и на оние коишто не се крстени да го направат тоа. Да ви кажам, многу возбудливо, прекрасно“, рече Мирослав Марковиќ, лице кое се крштеваше.
„Чувството е прекрасно, неописливо впрочем. Студирајќи ги сите останати религии, христијанството ми е како најприфатливо и по традиција на нашиот народ, во духот во кој сум воспитана“, реч Елена Чичевска, лице кое се крштеваше.
„Чувството беше супер. Се решив на тоа, бидејќи не сум крстен и сакав да станам дел од верата“, рече Никола Калешов, лице кое се крштеваше.
Тројцата свештениците кој го изведоа чинот на крштевање, задоволни се од интересот на граѓаните за примање на првата света тајна. На групното крштевање присуствуваа и лица од околните градови.
„28 крстивме денеска толку дојдоа на крштевањето, од кои 10 се од Скопје, значи 18 имаме од Велес. Што значи сепак има некоја тенденција на намалување на бројот на оние што се пријавуваат од Велес. Имаме благо намалување на бројот што значи дека се помалку имаме некрстени во Велес“ ,рече Протореј Ристе Јанушев.
13 лица денеска се крстија и во водите на Тиквешкото езеро. Во Полошкиот манастир по четврти пат се одржува свечено крштевање.
„Светата тајна крштение е влез во верата. Значи тој што не е крстен, не припаѓа на верата. Со крштевањето веќе се крштева во името на Отецот, Синот и Светиот Дух и станува член на црквата православна и со тоа се веќе сите тајни достапни. Значи без крштение не можеме да бидеме членови на православната црква“ рече Протоереј Јанушев.
Христијанското групно крштевање е традиција која брои веќе 17 века, во Велес се крштеваше по осми пат. Од Епархијата Повардарска велат дека покрај крштевањето значајна е и групната венчавка која традиционално се организира во манастирот Свети Димитрија./крај/ли
Извор: Лисица
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митрески – Бомгартнер: Северна Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат
Претседателот на Собранието Јован Митрески денес оствари средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер.
Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, Митрески ја констатираше одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.
Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, се сложи со констатациите за интензивираната динамика на меѓусебна соработка. Во тој контекст, ги поздрави средбите на парламентарци од Собранието на Република Северна Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република во изминатите години, како позитивен тренд кој треба да продолжи и во иднина.
Информираше за претстојната посета на претседателката на Групата за пријателство од Лилијана Танги на земјата, како дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Беше посебно поздравено одржувањето на втората едукативна активност во Собранието „Имам став-Млад франкофонски парламент”, во рамките на одбележувањето на март – месец на Франкофонијата, еден исклучителен настан и манифестација која полека прераснува во една убава собраниска традиција.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните собраниски активности, текот на изборите и конституирањето на новиот парламентарен состав. Беше изразена општа согласност за потребата од унапредувањето на соработката во доменот на културата, економијата, енергетиката и други области од взаемен интерес за двете земји, како и за потребата од зголемување на бројот на француски инвестиции во земјата.
Македонија
Поништена одредба од Законот за поддршка на социјално ранливи категории која ги ограничуваше повозрасните од 65 години да добијат надоместок
Уставниот суд го поништи член 3 став 1 точка 2) во делот „најмногу до 65 годишна возраст” од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.
Според член 3 став 1 точка 2) од Законот „корисници на правото на надоместок заради попреченост” се лица со навршена 26 годишна возраст, а најмногу до 65 годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, согласно со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа.
Од содржината на погоре наведениот член од Законот произлегува дека во групата корисници на правото на надоместок заради попреченост, не спаѓаат лицата над 65-годишна возраст, а со тоа овие лица се исклучени од финансиската поддршка согласно со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.
Судот оцени дека со таа одредба e нарушенa темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на правната сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера.
Со исклучувањето на овие лица од единствената категорија корисници на правото на надоместок заради попреченост, според Судот, создава и нееднаков третман помеѓу лицата кои се наоѓаат во иста правна положба (сите се корисници на правото на надоместок заради попреченост), но едни можат да остварат право на финансиска поддршка, а други не можат, исклучиво заради возраста.
Со оглед дека одлуката на Уставниот суд е поништувачка, се отвора правна можност за граѓаните со попреченост над 65 години кои не добиле надоместок, сега да побараат да им се исплати надоместокот во изминатиот период, од кога Законот е влезен во правна сила.
Во декември 2022 година Уставниот суд го укина став 2 од членот 44 од Законот за социјална заштита, кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.
Македонија
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација: Трансродовите лица се системски дискриминирана заедница, секојдневно се соочуваат со насилство
По повод 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација изразува поддршка на заедницата на трансродовите лица и нивните здруженија во борбата за еднаквост, недискриминација и почитување на човековото достоинство.
Според комисијата, трансродовите лица се системски дискриминирана и дехуманизирана заедница, која секојдневно се соочува со прекршувања на права, но и насилство.
Системската дискриминација кон трансродовите лица најнапред е видлива, како што велат, преку отсуството на законско решение за правно признавање на родот – постапка за промена на личното име, матичниот број и ознаката за пол во личните документи. Оваа постапка, согласно потребите на заедницата и меѓународните стандарди, мора да биде транспарентна, достапна и заснована на самоопределување, односно не смеат да се наметнуваат медицински критериуми за да се овозможи промена на документите. За правната рамка да соодветствува на потребите и да се прилагоди на различните реалности, неопходно е додавање на трета категорија на родово-небинарни лица во личните документи, со цел, луѓето кои не се идентификуваат со категориите маж/жена да добијат соодветно правно признавање на нивниот род и родов идентитет. Апелираме до Владата и Собранието, во најкус можен рок, да ги донесат предложените измени на Законот за матична евиденција, со што ќе ја спроведат и пресудата на Европскиот суд за човекови права ИКС против Македонија.
„Недостатокот на правна рамка за правно признавање на родот за трансродовите лица значи исклучување од пазарот на труд, дискриминација во пристапот до добра и услуги, неможност да се дојде до домување и здравствена услуга под исти услови како останатите и ред други ризици за повреди на права. Социјалното исклучување ги изложува транродовите лица на невработеност, сиромаштија, насилство од омраза и семејно насилство, нарушување на здравјето и добросостојбата. За ова сведочат и три предмети на утврдена дискриминација кон трансродови лица во вработувањето и пристапот до добра и услуги.
Неприфаќањето, булирањето и насилството во образованието е клучен проблем кој остава трајни последици кон менталното здравје, самодовербата и можноста за реализација на сопствениот потенцијал. Тоа е воедно и причина за прерано напуштање на образовниот процес, пречка за еднакво учество во образованието и за искористување на можностите кои тоа ги нуди. Дискриминација во областа на образованието врз основа на родов идентитет е утврдена во три случаи пред Комисијата“, велат од таму.
Апелираат до Министерството за образование и наука да ја зајакне законската рамка и капацитетите на образованите институции за спроведување на програми за превенција и заштита на учениците од насилство, да ги отстрани дискриминаторските содржини и да воведе афирмативни содржини со кои се промовира еднаквост врз основа на род и родов идентитет.
„Од областа на предметното работење на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, го согледуваме трендот на се почесто користење на говор на омраза, вознемирувачки говор, повикување и поттикнување дискриминација врз основа на родов идентитет. Комисијата утврдила дискриминација врз основа на родов идентитет во областа на јавното информирање и медиумите во 37 случаи, односно 86% од случаите на утврдена дискриминација врз основа на родов идентитет. Изворите на овој говор се најчесто страници на социјалните мрежи и здруженија кои ја злоупотребуваат слободата на изразување и здружување за ширење невистини, говор на омраза и дехуманизирање на трансродовите луѓе. Воедно, загрижува трендот на мобилизирање на верските заедници против остварување на основните човекови права на транс луѓето“, се истакнува во информацијата.
Потсетуваат дека ваквиот говор спаѓа во категоријата на незаштитен говор од слободата на изразување и истиот треба да биде предмет на сразмерна санкција.