Македонија
Владата ги повикува професорите и студентите да испратат предлози за законските реформи
Владата преку соопштение до јавноста ги повика професорите и студентите да испратат своите предлози за квалитативно надградување и надополнување на текстот и членовите на предложените законски реформи.
„Владата на Република Македонија упатува уште еден повик и замолница, до сите субјекти кои имаат интерес и конкретни и аргументирани идеи и предлози за понатамошно унапредување на реформата, до сите универзитети, до целата професорска фела и до сите студенти, вклучувајќи ги и оние професори и студенти кои побараа а во текот на вчерашниот ден и прифатија учество во дебата а потоа решија да не присуствуваат на истата, да ги испратат своите предлози за квалитативно надградување и надополнување на текстот и членовите на предложените законски реформи, до Владата или до Министерството за образование и наука во писмена верзија, за да може да бидат соодветно, детално и сеопфатно разгледани и да се увиди можноста за нивно вградување во законските решенија.Владата на Република Македонија е отворена за сугестии, и подготвена да ги разгледува и анализира сите аргументирани предлози кои ќе пристигнат, и тоа за секој член од законските решенија, и затоа уште еднаш го упатуваме овој апел до целата академска заедница“ се вели во соопштението од Владата.
Професорскиот пленум во обраќање до Премиерот напиша дека нема да биде соучесник во кршењето на принципот на владеење на правото, на поделбата на власта и на деловнички утврдената процедура при изменувањето на Законот за високо образование.
„Упатената „покана“ од Ваша страна, среде наша прес-конференција, ја сфативме како умешен политички чин, но ни за миг не поверувавме дека имате искрена желба да нѐ сослушате. Уште повеќе, Вие почитуван Премиер, не можете и не смеете да каните на дебата во законодавниот дом, каде што не сте домаќин, туку сте гостин. Со Вашата „отворена покана“ упатена пред медиумите јавно го загрозивте уставниот статус, надлежност и дигнитет на Собранието, грубо го прекршивте неговиот Деловник за работа, јасно покажувајќи каде е центарот на моќта во нарушената рамнотежа на власта, како претпоставка на македонската демократија. И вие и ние знаеме дека вчерашната „дебата“ е нелегална, нелегитимна и многу задоцнета. Ве потсетуваме дека Деловникот на Собранието предвидува спроведување на јавна дискусија од страна на матичната комисија, врз основа на одлука на Собранието, кога се работи за закон кој што е од поширок интерес, каков што несомнено е Законот за високо образование. Собранието, за жал, не ја отвори јавната дебата и пропушти, со објавувањето на предлог законот, да ги направи предлог-измените достапни до граѓаните, институциите, политичките партии, синдикатите и другите заинтересирани субјекти за да собере мислења и предлози за измените. Ве уверуваме дека истите ќе беа компатибилни со нашите, а не со вашите ставови и дека ќе беа од непроценлива помош за Комисијата за образование и наука за следниот законодавен чекор, за второто читање“ пишува во писмото до премиерот.
Според нив, дебатата има спорен легитимитет, во отсуство на најважниот дел од универзитетската и академска заедница, студентите.
„Пленумот смета(ше) дека „дебатата“ е само инструмент за легитимирање на еден нелегитимен и октроиран закон. Вие и вашата Влада се обидовте да легитимирате една недемократска и нетранспарентна процедура. Ако сте Демократ и ако нè почитувате, размислете уште еднаш за нашето широко прифатено барање за итен прекин на законодавната постапка и повлекување на законот за измени и дополнувања на законот за високото образование, но и на останатите закони од истиот пакет. Со задоволство, страст и посветеност ќе се вклучиме во вистинската дебата најпрвин за причините и корените на состојбите во образованието, а потем заедно/конзилиарно ќе ја утврдиме дијагнозата, а на крајот Ви стоиме на располагање во креирањето на добар закон (Аристотел). Ние не сме против реформи и квалитетно образование, туку напротив. Но, добрите реформи се темелат на широка партиципација на сите засегнати страни и на широк консензус“ додават од Професорксиот пленум./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маричиќ: Ја имаме најголемата шанса за влез во ЕУ до сега
Вечерва од Кисела Вода, Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ се обрати од собирот на граѓани.
Во своето обраќање вети надеж, посветеност и напорна работа на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија.
„Ние ја гледаме иднината на државата како горда и рамноправна членка на ЕУ најдоцна до 2030 година. Сега ја имаме најголемата шанса досега за влез во ЕУ – извесно е, предвидливо е, остварливо е. Заедно ќе успееме“.
Маричиќ посочи дека патот кон ЕУ не е лесен. Но, државничките одлуки што ги донесе Владата на СДСМ во изминатиот период ја приближија земјата до ЕУ.
„Од почетокот на 2022 до оваа година, посветено спроведувавме политики и мерки кои гарантираат економска сигурност, подобрен животен стандард и солидарност.
Докажавме дека грижата обезбедува поддршка, стабилност и спокојство за сите наши граѓани. Посебно внимание посветивме на социјално ранливите групи и пензионерите. СДСМ има конкретна, издржана и остварлива програма грижа за сите категории граѓани и за идниот развој на државата“, рече Маричиќ.
Македонија
(Видео) Ковачевски: ЕУ е единствената шанса за суштинска промена во Македонија, нема откажување од иднината
„Нашиот главен фокус останува членството во Европската Унија. ЕУ е единствената шанса Македонија да се промени и да напредува. Едноставно, друг начин нема, друга опција не постои. Со членството во ЕУ ќе се случи вистинска и суштинска промена кон подобро во нашата земја“, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид.
„Јас верувам дека во Европска Македонија животниот стандард ќе биде многу подобар, и дека во Европска Македонија ќе успееме да изградиме систем на владеење на правото и ефикасна борба против криминалот и корупцијата. Се согласувам дека тој пат не е лесен – истакна Ковачевски и додаде: СДСМ покажа дека има храброст да носи тешки, но важни и неопходни одлуки. Има ли подобар доказ од тоа дека Македонија стана рамноправна членка на НАТО? Има ли подобар доказ за тоа од фактот дека Македонија ги започна преговорите со ЕУ“, беше дециден Ковачевски
„СДСМ, Коалицијата за европска иднина и нашиот претседател Стево Пендаровски ви нудиме јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда и во која има слобода медиуми“, рече Ковачевски.
„Одиме на победа! Нема застанување додека не ја направиме Македонија дел од Европа! Нема откажување додека Европа не ја донесеме во Македонија! Нема откажување од иднината!“, порача Ковачевски од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид.
Македонија
(Видео) Димитриевски пред граѓаните на Велес: Нема коалиција додека не се потпишат и дефинираат црвените линии за Македонија
Претседателскиот кандидат Максим Димитриевски, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, вечерва се обрати пред граѓаните на Велес.
„За нас и едните и другите се подеднакво исти. Во оваа наша држава од 90-та година наваму граѓаните само еднаш гласаа За. На референдумот за независност. И така 30 години се вртиме во круг и гледаме како Македонија ја прават наменска држава, по нивни терк“, рече тој пред велешани и додаде дека тие се против модерното ропство.
„Ние сме за поголеми права, поголеми плати, поголеми пензии, подобар стандард на граѓаните. Ние тоа ќе го реализираме. Тешко ќе биде, но ќе успееме. Македонецот ќе биде и граѓанин од прв ред и свој на своето, зашто Македонија ќе биде самоодржлива држава со силна економија“, потенцира Димитриевски.
„Не негираат оние кои се прегрнуваат со нашата политичка елита. Ние сме тука да ги потсетиме дека нема да може да прават што сакаат и затоа ја бараме поддршката од вас. Мораме да ги промениме работите. Корупцијата ја уништува Македонија. Криминалот е на секој чекор. Професионалци има насекаде, но се ставени во ќош. Партиските војници газат по професионалците“, рече Димитриевски и додаде дека на овие избори ќе го даде максимумот за во Македонија никогаш повеќе да не биде како што било.
Тој исто така рече дека од сегашната опозиција, а довчерашна власт, даваат некакви понуди за национална стратегија, што, како што потсети,е идеја на ЗНАМ. Димитриевски потенцира дека први ја предложиле таа идеја и рекле дека нема да коалицираат, ниту ќе разговараат со некој за идна коалиција без претходно да бидат потпишани и дефинирани црвените линии за Македонија.
„При тоа сакам од тука, од Велес да упатам една порака, бидејќи рековме дека со ова актуелно раководство на СДСМ, коешто многу се огреши и кон народот и кон Македонија, нема теоретска шанса да разговараме за идна коалиција. Но, сакам да испратам порака и до оние кои беа власт претходно. Дека пред да седнат со нас на маса ќе треба да расчистат со основниот проблем кај нив и сето она што значи заостанати коруптивни дела од претходната власт, бидејќи немаме намера да менуваме едни за други исти“, рече Димитриевски.
Му порача на Мицкоски да внимава што, како и на кој начин ги презентира своите и тие околу него, но да внимава и какви понуди дава, бидејќи за нив од ЗНАМ зборот е збор и си тежи.
Димитриевски рече дека идна влада без ЗНАМ нема да има, но, дека се подготвени да бидат и опозиција.
„Народот многу повеќе знае од сите нас. Ние имаме обврска, како нова политичка гарнитура, да сме искрени кон вас и кон сите граѓани. Можеби нема да добиете безконечен број на ветувања. Но, тоа што ќе го ветиме ќе го оствариме, зашто имате работа со чисти и чесни луѓе“, рече Димитриевски обраќајќи се пред граѓаните на Велес.
Пред граѓаните на Велес се обрати и носителот на кандидатската листа за ИЕ 3, Генерал-мајор во пензија Павле Арсоски, кој подетално ја претстави програмата на партијата и рече дека, покрај другото, ќе се заложат и за подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата на Македонија.
Во текот на денешниот ден караванот на кандидатот за Претседател на државата од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, имаше повеќе средби и разговори со граѓаните на Ѓорче Петров.