Македонија
„Владата на Мицкоски ги остава граѓаните сами на ударот од глобалната криза“, велат од СДСМ
„Додека премиерот Христијан Мицкоски се фали дека сме „трета најбрзо растечка економија во Еевропа“ и дека имаме раст од 3 отсто, граѓаните се борат со се поскапиот живот. Синдикалната минимална кошница за април 2026 година достигна речиси 69.000 денари. За само еден месец се покачи за скоро 1.000 денари, а од почетокот на кризата (март) за над 2.300 денари“, велат од СДСМ.
„Инфлацијата повторно расте, а потрошувачката кошница продолжува да поскапува и по првичниот шок од војната на Блискиот Исток.
Владата прво воведе половична мерка, го намали ДДВ-то на горивата од 18% на 10% во март, мерка која СДСМ ја бараше уште порано и со посериозно намалување на ДДВ на 5%.
Но, сега владата на Мицкоски ја укина мерката за дизелот и го врати ДДВ-то на 18%.
Горивата поевтинуваат на берзите, но граѓаните и фирмите ќе платат поскапо!
Ова е класичен пример за козметички, привремени и недоволни мерки кои не штитат ништо долгорочно.
Што можат да очекуваат граѓаните?
Просечната нето плата во јануари 2026 година изнесува 46.617 денари. За едно четиричлено семејство тоа значи дека една просечна плата едвај ја покрива половина од минималната кошница. Речиси 3 минимални плати се потребни за да се покрие кошничката, што е сериозен проблем за работничките семејства.
Со растот на цените на храна, со поскапувањето на ѓубривата, со поскапата енергија и транспорт, стандардот ќе продолжи да паѓа.
Ќе следат:
• Нови поскапувања на основните прехранбени производи (леб, млеко, месо, зеленчук) – инфлацијата на храна веќе се отсликува во кошницата.
• Повисоки трошоци за транспорт – дизелот поскапува повторно, а тоа се пренесува на сè: од храна до услуги.
• Пад на куповната моќ – особено за пензионерите, вработените со минимална плата и средната класа.
• Раст на сиромаштија и социјални тензии – додека Мицкоски се фотографира со „европски раст“, домаќинствата штедат на храна и лекови.
ММФ веќе предупредува за притисок врз инфлацијата и економијата токму поради енергетскиот и прехранбениот шок.
СДСМ уште на почетокот на кризата поднесе сериозен пакет мерки во Собранието:
• Намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5% (а не само на 10%)
• Намалување на акцизата за 4 денари по литар
• 0% ДДВ на основните прехранбени производи
• Преполовување на цените на патарините
Овие мерки се конкретни, директни и долгорочни – тие штитат и граѓани и стопанство, а не се само привремен „фластер“.
Владата ги отфрли, а сега уште и го враќа ДДВ-то нагоре.
Тоа не е грижа за граѓаните, тоа е грижа за буџетот на сметка на џебот на народот.
СДСМ повторно ја повикува владата: итно прифатете ги нашите предлози пред да не биде предоцна!
Граѓаните не можат да чекаат уште една „вонредна седница“ која само ги прави посиромашни.
Стандардот не се мери со проценти на раст, туку со тоа дали едно семејство може да го наполни фрижидерот и да плати сметки без да се задолжува“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче оствари средба со хрватскиот главен преговарач на Хрватска за ЕУ
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, денеска се сретна со хрватскиот експерт Владимир Дробњак, кој беше главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со Европската Унија.
На средбата беа разменети мислења и искуства во однос на евроинтегративните процеси, предизвиците со кои се соочуваат земјите кандидати и перспективите за понатамошното проширување на Унијата.
Во разговорот, Филипче се осврна на актуелната политичка состојба во државата, како и на закочениот европски пат на земјата.
Ја истакна потребата од забрзување на евроинтегративниот процес, нагласувајќи дека реформите, внесувањето на малцинствата во Уставот и добрососедските односи остануваат клучни предуслови за напредок на земјата на европскиот пат.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди
Врeмето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 26 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во петок и во деновите од продолжениот викенд времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и силен ветер (над 60 km/h
Македонија
Муцунски со амбасадорите на земјите членки на ЕУ: разменети мислења за забрзување на реформските приоритети и евроинтегративниот процес на државата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа работен појадок со амбасадорот на Европската Унија во земјата, Михалис Рокас, и амбасадорите на земјите членки на Европската Унија акредитирани во Република Северна Македонија.
На средбата, Муцунски ги информираше присутните за актуелните политички и реформски процеси во државата, со посебен осврт на напредокот во исполнувањето на обврските поврзани со отворањето на преговорите со Европската Унија. Во таа насока, беше презентиран и напредокот во изработката на Акцискиот план за почитување на правата на заедниците, како и тековните активности во рамки на Реформската агенда и останатите обврски од европскиот интегративен процес.
Посебно беше нагласена и континуираната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и поддршката за Украина, како јасен показател за стратешката определба за полноправно членство во Европската Унија.
На средбата беа разменети мислења за реформските приоритети и евроинтегративниот процес на државата, со акцент на потребата од негово забрзување.
Во таа насока, беше истакната важноста од засилена регионална соработка, искористување на концептот на постепена интеграција, размена на искуства и континуирана поддршка од земјите членки на Европската Унија.
Средбата е дел од редовниот дијалог со претставниците на земјите членки на Европската Унија, насочен кон отворена размена на мислења и координација околу прашањата поврзани со европската интеграција на државата.
