Македонија
ВЛЕН: ДУИ лаже, најевтината понуда ја претставува како корупција, затоа што им се прекинаа старите канали за крадење пари во МЕПСО
ДУИ повторно лаже, манипулира и ја потценува јавноста. Најевтината понуда ја претставуваат како корупција, затоа што не можат да се помират дека МЕПСО повеќе не е нивна партиска каса, реагира ВЛЕН по соопштението на ДУИ.
„Фактите се јасни: во конкретната постапка избрана е најевтината понуда. Избраниот понудувач дал цена од 184.535 денари без ДДВ, додека следнорангираната понуда била 651.165 денари без ДДВ. Разликата е 466.630 денари, односно избраната понуда е околу 72 проценти пониска.
Што точно ѝ пречи на ДУИ?
Тоа што е избрана најевтината понуда?
Или тоа што повеќе не можат тие да одлучуваат кој ќе добива тендери?
ДУИ намерно ја меша рамковната вредност со понудената цена. Ова е рамковен договор, не автоматска исплата. Максималната вредност не значи дека ќе се искористи целата сума, ниту дека парите однапред се исплатени. Нарачките се реализираат по потреба, поединечно и според реално извршени работи. Но овој пат по многу пониски цени, за разлика од времето во кое тие управуваа.
Затоа нивната конструкција паѓа уште на првиот факт.
Вистинската причина за ова политичко врескање е друга: ДУИ пишти затоа што МЕПСО почна да ги прекинува старите шеми. Пиштат затоа што беше раскинат договорот во кој, според јавните информации, се појавуваше и интересот на Нефи од Охрид, близок на Али Ахмети и Бујар Османи. Пиштат затоа што се отвори прашањето како со години од МЕПСО се влечеле пари преку блиски фирми, блиски луѓе и блиски кругови до врвот на ДУИ.
Наместо да зборуваат за корупција, ДУИ треба да одговори:
Кој имаше интерес од старите договори?
Кој денес ги брани тие шеми?
Зошто пиштат како некој да им брцнал во џебот?
ДУИ нема кредибилитет да зборува за транспарентност. Тие се симбол на партизација, клиентелизам и претворање на јавните претпријатија во партиски плен.
ВЛЕН нема да се повлече пред нивните лаги. Институциите не се приватна сопственост на ДУИ. МЕПСО нема повеќе да биде банкомат за партиски и семејни интереси.
Фактите се јасни: избрана е најевтината понуда, договорот е рамковен, а ДУИ лаже затоа што им се руши системот на контрола и испумпување јавни пари“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Најголема жртва на блокадата на СДС, Левица и ДУИ е македонската дијаспора
Најголема штета од блокирањето на Изборниот законик од страна на СДС, Левица и ДУИ нема да претрпи ВМРО-ДПМНЕ, туку македонските граѓани кои живеат надвор од државата, истакна денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Со месеци, додава тој, се бараше заедничко решение, но наместо процесот да заврши со политички консензус, СДС, Левица и ДУИ избраа да го блокираат законот и да ги стават сопствените партиски интереси пред интересите на десетици илјади македонски иселеници.
„ВМРО-ДПМНЕ јасно порача дека ќе ги прифати сите барања на опозицијата, иако тие барања не се суштински, само дијаспората да може да гласа по електронски пат или по пошта.
Македонската дијаспора заслужува еднакво право на учество во изборните процеси. Затоа ги повикуваме СДС, Левица и ДУИ да престанат со блокадите и да покажат одговорност, за конечно да се донесе Изборниот законик во интерес на сите македонски граѓани, без разлика на тоа каде живеат“.
Македонија
СДСМ е против една изборна единица, се надева дека така ќе го одложи сопствениот распад, велат од Левица
СДСМ повторно потврди дека политичката ирелевантност не е само прашање на изборен резултат, туку и на политички рефлекс, велат од Левица.
„Партија која со години секој принцип го претвораше во монета за поткусурување, денес се обидува да држи лекции за опозиционерство на парламентарна партија која иницираше координација на опозицискиот блок околу суштинска реформа на Изборниот законик.
Наместо одговорна и достоинствена реакција и воопшто став за една изборна единица – СДСМ излезе со соопштение составено од политичка фрустрација и очајнички обид вниманието да се пренасочи од темата што очигледно најмалку им одговара“.
Во текот на целата дебата за Изборниот законик, според Левица, СДСМ не изгради ниту една препознатлива политичка позиција за суштинските прашања. Наместо да објаснат, како што велат, дали се за една изборна единица, дали секој глас треба да вреди еднакво и дали Македонија конечно треба да добие поправеден изборен систем, тие упорно се обидуваат дебатата да ја сведат на конспиративни теории.
Од Левица оценуваат дека одбивањето на координација претставува директно пропуштање на можноста власта да биде обврзана да прифати заеднички опозициски став.
„Особено симптоматично е што партијата која со години тврдеше дека се залага за една изборна единица, денес одбива дури и да седне на маса за да разговара за таква реформа. Ако и понатаму се за една изборна единица, тогаш што ги спречува да учествуваат во разговорите? Ако повеќе не се, нека имаат доблест да им го кажат тоа на своето членство.
Неодговорно е што ваквиот пристап ги продлабочува поделбите меѓу опозициските субјекти токму во момент кога постои реална можност за заедничко дејствување. СДСМ со своето одбивање не ја казнува Левица, туку ја пропушта можноста опозицијата да настапи усогласено и да издејствува подобри изборни правила“.
За СДСМ, според оваа партија, сепак, сегашниот изборен модел е прашање на политичко преживување. Затоа панично го бранат системот што произведува изгубени гласови, непропорционална распределба на мандати и вештачки политички кислород за партии кои одамна ја загубија довербата кај граѓаните.
„Се надеваат дека она што повеќе не можат да го добијат од граѓаните, ќе го добијат од изборната математика.
Кога некаде нема поделба на плен, амнестии, институции или политички комфор, ним им изгледа како да нема ни причина за средба. Разбирливо е што не можат да сфатат дека постои партија кои разговара за правила, а не за привилегии. Во нивниот политички универзум, разговорите никогаш не се однесуваат на јавниот интерес. Затоа и не можат да поверуваат дека некој навистина свикува состанок за една изборна единица, а не за политичко пазарење. Толку долго функционираат во логиката на политичките комбинации, што денес секоја иницијатива ја мерат според сопствените навики.
Уште поиронично е што партијата која осум години беше носител на власта и заедно со ДПМНЕ по скратена постапка ги донесе скандалозните измени на Кривичниот законик со кои беа амнестирани околу 80 функционери на ДПМНЕ, денес комично се обидува да се претстави како авангарда на отпорот против политичкиот естаблишмент. Тешко е да се глуми револуционер откако си бил архитект на најконтроверзните политички зделки“.
Граѓаните, нагласуваат од Левица, веќе им пресудија.
На локалните избори во Скопје во 2025 година, Левица, истакнуваат од таму, стана најсилната опозициска политичка сила во главниот град, додека СДСМ го доживеа својот најтежок политички пад.
„Наместо да направат анализа зошто граѓаните им го свртеа грбот, тие повторно бараат виновник во Левица.
На крајот, останува само едно прашање на кое СДСМ упорно одбива да одговори:
Дали сте за една изборна единица или не?
Сè друго е очајнички обид да се спаси сопственото распаѓање“.
Македонија
Општина Чаир: Од 23 до 26 јули ќе се одржи првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“
Општина Чаир денес ја претстави програмата на првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“, кој ќе се одржи од 23 до 26 јули во автентичниот амбиент на Старата скопска чаршија.
Фестивалот претставува нова културна иницијатива на Општина Чаир, создадена со цел воспоставување нова уметничка традиција што ќе ја афирмира класичната музика, ќе ја зајакне меѓународната културна соработка и ќе го промовира богатото историско и културно наследство на Старата скопска чаршија.
Под уметничко раководство на светски познатите оперски уметници Инва Мула и Дешира Ахмети, фестивалот ќе донесе врвни музички содржини во еден од најзначајните историски простори во Скопје.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека фестивалот претставува стратешка инвестиција во културата и идентитетот на општината.
„Денес не претставуваме само нов културен настан. Денес ја претставуваме нашата визија Чаир да биде препознатлив не само по инфраструктурниот развој, туку и како простор каде што се создаваат нови културни вредности. Веруваме дека културата е најсилниот мост меѓу луѓето, а фестивалот „Чаршија“ е токму таков мост – меѓу традицијата и современоста, меѓу локалното наследство и светската уметност.“
Тој додаде дека амбицијата на Општина Чаир е фестивалот да стане препознатлив меѓународен културен бренд.
„Нашата цел е да создадеме традиција која секоја година ќе расте. Со оваа иницијатива испраќаме јасна порака дека Чаир има капацитет и визија да создава проекти со национално и меѓународно значење.“
Уметничката директорка Инва Мула оцени дека историскиот амбиент на Старата скопска чаршија претставува исклучителна сцена за класичната музика.
„Фестивалот „Чаршија“ носи идеја која ме инспирира уште од самиот почеток – класичната музика да стане дел од живото културно ткиво на простор кој со векови ги поврзувал луѓето и културите. Верувам дека ова прво издание е почеток на една долгорочна и успешна приказна.“
Сопранистката и коуметничка директорка Дешира Ахмети нагласи дека фестивалот има потенцијал да стане значајна регионална културна платформа.
„Создаваме фестивал кој ќе ги поврзува врвните уметници, младите таленти и публиката. Нашата цел е секое следно издание да носи нов квалитет, нови соработки и уште посилно меѓународно присуство. Уверена сум дека „Чаршија“ ќе стане препознатливо име на културната мапа на регионот.“
Во рамките на четиридневната програма ќе настапат реномирани домашни и меѓународни уметници, а концертите ќе се одржуваат во автентичните простори на Сули ан и Куршумли ан, претворајќи ја Старата скопска чаршија во сцена на класичната музика и културниот дијалог.
