Контакт

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Чекаме СДСМ да расчисти со светот и да стане опозиција во Македонија

Објавено пред

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Венко Филипче и СДСМ стануваат сѐ поарогантни и дека делуваат целосно отуѓени од реалноста, оценувајќи дека наместо да се занимаваат со состојбите во Македонија, се фокусираат на политички случувања во други држави.

„Чекаме Филипче и СДС да расчистат со политичките случувања во другите држави, за да се вратат во реалноста и да почнат да бидат опозиција во Македонија“, велат од партијата.

Во соопштението се наведува дека СДСМ не се соочува со сопствените слабости, „и покрај реакциите од јавноста дека Филипче ја води партијата во бездна“, како и покрај јавните настапи на нивни поранешни членови и функционери.

ВМРО-ДПМНЕ се осврнува и на изборите во Унгарија, наведувајќи дека по победата на партијата Тиса, која според нив е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДСМ, опозициската партија „очајнички бара некоја утеха занимавајќи се со избори во друга држава и туѓи политички приказни“.

„Филипче на пример, се однесува како тој лично да има удел во победата на таа партија. Од друга страна, сестринската партија на СДСМ, на истите тие избори доживеа дебакл. За тоа досега нема коментар“, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ понатаму посочуваат дека Филипче коментирал и за стратешкиот договор со Велика Британија, тврдејќи дека станува збор за договор за носење мигранти во земјава, но дека по демантите од институциите и од британскиот амбасадор, „останаа без коментар“.

Во реакцијата се споменуваат и тарифите од страна на САД, при што владејачката партија наведува дека по потпишувањето заедничка изјава со САД и намалувањето на тарифите, од СДСМ повторно немало коментар.

„На никој не му е јасно што прави Филипче. На Филипче не му е јасно што прави Филипче“, стои во соопштението, каде ВМРО-ДПМНЕ оценува и дека тој ги продолжува, како што велат, „антидржавните политики“ од времето на Зоран Заев.

Во продолжение, партијата наведува дека СДСМ се скарала со сопартијци, оттурнала поранешни функционери, влегла во конфликт со медиуми и новинари, а сега, како што тврдат, „отворено иницира кавги со други држави и нивни претставници во земјава“.

„СДСМ се сведе на 130 илјади гласови по локалните избори минатата година, а ќе се сведе на уште помалку на следни избори, според тоа како Филипче ја води партијата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава дека преку, како што велат, „ПР-от на Башановиќ истата матрица продолжува“, обвинувајќи дека СДСМ се занимава со лаги и конструкции и постојано се претставува како жртва.

„СДС и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со партијата, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

Сиљановска-Давкова: Наместо Копенхашки реформи, трошиме енергија на политичка ревизија на историјата

Објавено пред

Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата на Република Словенија, одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана, на којшто докторирала, на тема: „Уставните трансформации на патот кон ЕУ: реформи или уставен инженеринг?“, пред бројни професори, студенти и претставници на дипломатскиот кор.

Предавањето се однесуваше на природата на уставот, како највисок правен акт и најширок и најважен договор меѓу граѓаните, со акцент на уставните измени како механизам за реформа на политичкиот систем или моделот на организација на власта, заради решавање на општествени проблеми од различен карактер.

Во фокусот беше македонскиот устав и неговите 36 амандмани од 1992 до денес.

Гордана Сиљановска – Давкова оцени дека, нашиот устав, иако формално-правно се вбројува во цврстите устави, често се менуваше, а промените најчесто беа диктирани однадвор, а не се креирани одвнатре, добивајќи карактер на уставен инжењеринг, а не на реформски процес во интерес на граѓаните.

Исто така, претседателката укажа на непочитувањето на процедурата за уставни измени, со што се нарушува легитимноста на новите решенија.

Најпроблематично за Сиљановска – Давкова е што “sui generis” уставните решенија ги слабеат институциите, граѓанинот и граѓанското општество, а ги јакнеат етничките водачи како арбитри во општеството.

Според претседателката, ние имаме насушна потреба од пристојна, модерна држава и демократски, функционален политички систем, сличен и компатибилен со европските.

На предолгиот пат кон Брисел, обременет со препреки врзани за идентитетски прашања, коишто, според европскиот конституционализам не може да бидат услов за евроинтеграција, ние најчесто бевме туркани во уставни измени коишто не водат напред, туку не враќаат назад, закотвувајќи не во ирационални историски ровови.

Гордана Сиљановска – Давкова, преку цитирање мислења на Венецијанската комисија, членови од основачките акти на ЕУ, пресуди на Судот за човекови права од Стразбург, одредби од уставите на други држави, ставови на професори по Уставно и Меѓународно право укажа на правната и политичка проблематичност на Преговарачката рамка и Заклучоците на Европскиот совет за нас, посочувајќи дека преку политичка и/или правна интерпретација, во духот на европското право треба да се надмине status quo состојбата во која се наоѓаме, без да бидеме втурнати во нов чин на уставен инжењеринг, губејќи ја енергијата на политичка ревизија на историјата, наместо на Копенхашки реформи!

Претседателката одговори на бројни прашања, поставени од студенти, колеги и амабасадори, по што следеше дебата со македонските студенти и професори во Словенија.

Прикажи повеќе...

Македонија

Метеоролозите најавуваат нестабилно време со врнежи и ветер во текот на продолжениот празничен викенд

Објавено пред

Времето утре променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните западни и источни региони ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец со брзина од 50 km/h.

Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.

Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.

Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 50 km/h). Во четврток ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во петок и во деновите од продолжениот викенд на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и силен ветер (над 60 km/h).

Прикажи повеќе...

Македонија

Савески на Регионалниот форум за јавни обвинители во Сараево организиран од Европравда

Објавено пред

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска во Сараево учествуваше на Третиот консултативен форум на државни и специјални обвинители од Западен Балкан што се одржува во организација на Европравда. На состанокот учествуваше и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази.

Само со координирани дејствија, со брза размена на информации, со размена на искуства и знаења јавните обвинителства во регионот можат да одговорат на предизвикот што го носи борбата против организираниот криминал и корупција, оцени државниот обвинител Савески во своето обраќање на Форумот.

“Западниот Балкан одамна бил единствен регион. Близината на културите, јазиците, начинот на живеење не поврзуваат, но во исто време им овозможуваат и на сторителите на кривични дела лесно да ги префрлаат своите активности преку границите и да се обидуваат да избегнат кривичен прогон. Ги префрлаат и финансиските средства до кои дошле со коруптивни дејствија во обид да ги прикријат”, рече тој, ставајќи акцент на важноста на инструментите на меѓународната правна помош и меѓусебната правосудна соработка како одговор на овие појави.

Според Савески, размената на информации, брзата обработка на замолниците, координираните истражни активности и заедничките истражни тимови се механизми без кои денес нема ефикасна борба против криминалот и владеење на правото.

Тој ја нагласи важноста на Проектот за кривична правда на Западен Балкан, финансиран од Европравда, кој за македонското обвинителство во моментов е еден од најсилните инструменти за поддршка на овие активности и се заблагодари за поддршката од Европравда, која обезбедува оперативна, финансиска и друга помош која му е неопходна на обвинителството за ефикасно справување со прекуграничниот криминал.

Кривичните дела од областа на организираниот криминал и корупцијата се во пораст, а паралелно на тоа, статистиката укажува на раст и на бројот на предмети во кои била побарана или обезбедена меѓународна соработка со цел нивно ефикасно решавање.

На ваквите трендови укажа и Абази.

“Од перспектива на обвинител, можам да кажам дека во пракса сè почесто се соочуваме со предмети во кои криминалните структури дејствуваат истовремено во повеќе држави — преку финансиски трансакции, дигитални комуникации, транспортни рути и комплексни логистички мрежи, што бара координиран, брз и ефикасен институционален одговор. Во такви случаи, заедничките истражни тимови кои ги формираат нашите држави не се само корисен механизам, туку реална оперативна неопходност. ОЈО ГОКК во изминатиот период воспостави заеднички истражен тим со Косово во предмет од областа на недозволена трговија со наркотични дроги, како и заеднички истражен тим со Италија, Албанија и Косово во предмет од областа на тероризмот. Овие искуства покажаа дека заедничките истражни механизми овозможуваат значително поефикасна координација, побрза размена на информации и синхронизирано преземање истражни дејствија”, рече обвинителот Абази.

На маргините на Форумот во Сараево, Савески се сретна со претседателот на Европравда Мајкл Шмид, а оствари билатерални средби и со државните јавни обвинители на Црна Гора, на Босна и Херцеговина и на Косово.

Прикажи повеќе...

Најново

Спорт4 часа

Челзи ќе покрене судска постапка против Сити

Челзи и Манчестер Сити наскоро би можеле да завршат во сериозна правна битка околу Енцо Мареска. Според англиските медиуми, клубот...

Спорт4 часа

(Видео) Борнмут го запре Сити, Арсенал е шампион по 22 години

Арсенал е новиот шампион на Англија. Во натпреварот од 37-то коло од Премиер лигата, Манчестер Сити ремизираше 1:1 на гостински...

Свет6 часа

Путин со делегација од министри и високи функционери пристигна во Кина

Рускиот претседател Владимир Путин ја почна денеска дводневната посета на Кина, каде што со кинескиот лидер Ши Џинпинг ќе разговара...

Култура6 часа

„Златен Елец“ подготвува две нови претстави: „Свињи“ и „Теорема“

Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, неодамна почна со подготовки на дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец во режија и адаптација...

Македонија6 часа

Сиљановска-Давкова: Наместо Копенхашки реформи, трошиме енергија на политичка ревизија на историјата

Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата на Република Словенија, одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана, на...

Свет7 часа

Чешкиот премиер и претседателот во конфликт за тоа кој ќе патува на самитот на НАТО

Чешкиот премиер Андреј Бабиш и претседателот Петр Павел влегоа во отворен конфликт околу прашањето кој ќе ја претставува државата на...

Спорт7 часа

Аферата „Спајгејт“ го остави Саутемптон без можност да се бори за место во Премиер лигата

Иако на теренот изборија место во финалето на плејофот за пласман во Премиер лигата, фудбалерите на Саутемптон нема да се...

Спорт7 часа

Шок: Алкараз нема да игра и на Вимблдон

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз го откажа настапот на најпрестижниот турнир во светот, Вимблдон. Алкараз имаше одличен почеток на сезоната, го...

Забава7 часа

Северина: Во друг живот ќе бидам Хајди во кломпи

Во интервју за „Ин Магазин“, Северина искрено зборуваше за мајчинството, животните предизвици и борбата за женски и човекови права. Таа...