Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче инсистира Бугарите да влезат во Уставот
Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче, лидерот на СДСМ, инсистира, како што велат, Бугарите да влезат во Уставот.
„Денес повторно Венко Филипче продолжува со своето инсистирање Бугарите да влезат во Уставот прикажувајќи го како услов без кој не може. Condito sine qua non за нашата интеграција во ЕУ. Откако го прифатија на најдолен предавнички начин за услов водени од заложништвото кон Бугарија поради своите криминални активности, сега прикажувајќи се како проевропски политичари кажуваат дека треба да се прифати тоа што тие веќе го прифатиле. Ваквиот однос на Венко Филипче е катастрофален за националните интереси и е брутален пример за корумпиран заложник на бугарските интереси во земјава, под менторство на својот врховен водач од струмичкиот клан Дубаи.
До кое дереџе стигна европската иднина на Македонија ако криминалецот и потрчко на струмичкиот клан е спремен за ваква итна распродажба на националните интереси“.
Прашуваат, за што толку го држат соседите Венко, па вака се глупира и вака јасно ги покажува своите антимакедонски ставови.
Венко, додаваат од таму, е типичен пример за корумпиран политичар, фатен и уценет од соседна земја за да ја распродава сопствената.
„Човекот денес излезе и практично кажа дека никогаш не чул Бугарија да го негира македонскиот идентитет. Не чул дека Македонците ги нарекуваат вештачка нација. Не чул дека македонскиот јазик го нарекуваат бугарски дијалект. Не чул дека Гоце Делчев, Јане Сандански и Питу Гули ги присвојуваат. Не чул ни кога македонски премиер го нарекуваат „северномакедонски“.
Или не слуша. Или слуша, ама мора да молчи.
А кога веќе мора толку понижено да глуми адвокат на туѓи позиции, барем нека не ги навредува граѓаните дека не гледаат што се случува“.
СДС, оценуваат од владејачката партија, со години ја водеше државата по принципот „сè прифаќај, само остани на власт“. „Го сменија името без гаранции. Го прифатија Францускиот предлог без гаранции. Денес се подготвени и идентитетот да го стават на маса, само за некој однадвор повторно да им отвори врата кон фотелјите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мисајловски од Париз: инвестираме во нова и модерна опрема, зашто безбедноста на нашите граѓани и сигурноста на Алијансата е врвен приоритет
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (15 јуни) престојува во Париз, Франција каде присуствуваше на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, а оствари средба и со Елен Конвеј-Муре, потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.
На средбата со сенаторката Конвеј-Муре, министерот Мисајловски се осврна на инвестициите во армијата, видливи преку стабилното зголемување на средствата наменети за одбрана кои оваа година достигнаа 2,18 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 32,5 проценти се наменети за набавка на нова и софистицирана опрема за македонската Армија.
„Македонската Влада силно инвестира во зацврстувањето на одбраната и безбедноста на земјата, а со тоа и на колективната одбрана на Алијансата. Со зголемувањето на одбранбениот буџет и набавката на нова, модерна и софистицирана опрема, вклучително и системите за против-воздушна одбрана Мистрал 3 од Француската Република, несомнено придонесуваме кон посилно НАТО и побезбедни граѓани“, рече министерот на средбата.
Мисајловски на средбата нагласи и дека потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Франција е навистина голем, особено во контекст на заедничките обуки и вежби, како и размената на експертиза во доменот на одбраната.
На саемот „EUROSATORY 2026“, македонската делегација одблиску се запозна со новите достигнувања на полето на воената технологија, што е од исклучителна важност имајќи го предвид активниот процес за модернизација и опремување на Армијата.
Македонија
Осуда за инцидентот со возилата на бугарската амбасада, Муцунски најави целосно расчистување на случајот
Осуда за инцидентот во кој денеска беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје изразил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја информирал својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Тој нагласил дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции за спроведување брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот.
Македонија
Мицкоски: Продолжуваме да вложуваме во современа медицинска опрема и развој на трансплантациската медицина
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да инвестира во здравствениот систем, современа медицинска опрема, нови технологии и усовршување на медицинскиот кадар, со цел натамошен развој на трансплантациската медицина во земјата.
Во обраќање посветено на органодарителството и трансплантацијата, Мицкоски истакна дека станува збор за тема која ја надминува медицината и претставува симбол на хуманост, солидарност и грижа за другите.
„Продолжуваме да вложуваме во здравствениот систем, во современа медицинска опрема, во нови технологии, во едукација и усовршување на медицинскиот кадар и во создавање услови трансплантациската медицина да продолжи да се развива и да достигнува нови успеси“, рече премиерот.
Тој нагласи дека органодарителството е еден од највозвишените човечки чинови, бидејќи овозможува спасување и продолжување на животот на луѓе кои чекаат трансплантација.
Мицкоски оддаде почит на донорите и нивните семејства, посочувајќи дека нивната хуманост и несебичност претставуваат пример за целото општество. Воедно, изрази благодарност и до лекарите, хирурзите, анестезиолозите, координаторите за трансплантација, медицинските сестри и целиот медицински персонал вклучен во процесот.
Според него, силен и модерен здравствен систем се гради со континуирани инвестиции во знаењето, луѓето и технологијата, а неопходно е и понатаму да се подигнува јавната свест за значењето на органодарителството.
„Да продолжиме да градиме општество во кое солидарноста не е исклучок, туку правило. Општество во кое хуманоста е наша најголема сила, а грижата за другиот човек наша најголема вредност“, порача Мицкоски.
