Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Каков блам, следно е Филипче да држи прес за колекционерство на салфетки и за нумизматика
Тешка срамота е во што се претвори некогаш важната СДС. Од партија што барем глумеше сериозност, денес остана политичка група што држи прес-конференции како да е комбинација од театар на апсурд и ефтина претстава, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Порелевантни се информациите за временска прогноза отколку пресовите на лидерот на СДС.
Следно е да излезе со драматична конференција за нумизматика, колекционерство на салфетки или анализа на ретки поштенски марки.
Човекот со половина прес зборува за пасоши, со друга половина за НАТО, па скока на Преспански, па завршува со уставни измени, како политички подкаст пуштен на shuffle.
И сето тоа со патетичен тон на човек што мисли дека открил државен заговор, а всушност само признава дека СДС веќе нема ниту тема, ниту правец, ниту политичка тежина“.
Најтрагично, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е што токму тие што ја распродаваа државата денес држат лекции за патриотизам, идентитет и Европа.
„Истите тие што ветуваа „живот“, а оставија пустош, криминал, понижувања и национални отстапки, сега се обидуваат да глумат морални авторитети.
СДС денес не е опозиција. СДС е политички стенд-ап без публика“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Бутел и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 12.00 часот, корисниците од улиците Хо Ши Мин, Приштинска, Призренска, Марко Крале, Љубо Петровиќ и Бутелска, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од булеварот Борис Трајковски – зградите спроти Расадник – Трим и Лум, Елена Лука и други, како и дел од корисниците од улицата Михаил Чаков, општина Кисела Вода.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, попладне услови за појава на нестабилност
Претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со појава на град. Ќе дува слаб до умерен северeн ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во текот на новата седмица ќе се задржи топло време. Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради големата енергија во атмосферата наместа ќе има услови за поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд и изолирано невреме со појава на град. Од петок се очекува постепено стабилизирање на времето.
Македонија
Со пиштоли, сокриени во грмушки чекале да убијат возач оти при разминување им се допреле ретровизорите, Обвинителството побара притвор за двајца браќа
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – убиство во обид.
„На 6 јуни, во близина на авто плац во селото Шишево, двајцата браќа на возраст од 43 и 44 години, со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице, а притоа го довеле во опасност и животот на двајца други оштетени. Повод за тоа било претходен сообраќаен инцидент во кој братот на оштетениот и првоосомничениот со нивните возила, на разминување, се допреле со ретровизорите и започнале вербална расправија. Осомничениот го фатил за врат и му се заканил, но двајца сведоци на настанот успеале да ја смират ситуацијата. Нападнатиот ја зел сопругата од работа и го повикал брат му за да провери дали по истиот пат можат безбедно да се вратат назад. Во близина на местото на првиот инцидент, во една од грмушките, двајцата осомничени браќа со пиштоли ги очекувале да поминат. Првоосомничениот испукал два куршумa, при што го погодил братот на првично нападнатиот во главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда, а ги загрозил и другите две лица“, соопшти Обвинителството.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности укажуваат дека ќе ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го довршат обиденото кривично дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени соизвршители
