Македонија
ВМРО-ДПМНЕ најави субвенции за набавка на електрични возила и вградување на плински уред

Субвенции за набавка на електричен автомобил, како и за вградување на плински уред во возилата најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како два нови проекта што ги нуди оваа партија со цел намалување на загадувањето на воздухот.
„Денес објавуваме мерки кои ќе започнат да се нудат од 2017та со цел да го поттикнеме купувањето на електрични автомобили кои имаат нула загадување, побрзи се и многу помалку се расипуваат бидејќи имаат помалку делови“, рече Груевски.Според него, тие предвидуваат пакет мерки со кои предвидуваат увозот на нови електрични возила да биде со 0% царина и без дополнителна акциза, а при купување на нови електрични автомобили ќе се применува повластената даночна стапка од 5%, наместо сегашните 18% ДДВ. „На пример ако за возило од 30 илјади евра данокот на додадена вредност изнесувал 5.400 евра со намалените на 5 проценти ДДВ ќе изнесува 1.500 евра, односно 3.900 евра ќе заштеди купувачот“, појасни Груевски. Тој уште додаде дека Владата на РМ ќе дава субвенција за купување на електрично возило и тоа од 3.500 евра за секое електрично возило чија набавна вредност е до 25.000 евра, и субвенција од 5.000 евра за секое електрично возило чија набавна вредност е над 25.000 евра. Мерката субвенции за физичките лица, но и за правните лица за набавка на најмногу пет возила во почеток. Проектот на ВМРО-ДПМНЕ предвидува сите електрични автомобили да бидат ослободени од плаќање на патарина на сите патишта низ Македонија каде што се плаќа патарина и тоа во период од 10 години, односно до 2027та година.„Тоа значи дополнителна привилегија и заштеда за корисникот на автомобилот. Доколку на пример со автомобилот оди од Скопје до Градско и назад, ослободувањето од патарина ќе значи заштеда од 360 денари и тоа ќе може да го користи неограничен број пати. Ова е особена поволност за оние што патуваат секојдневно“, рече Груевски.Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ уште додаде дека сите електрични автомобили ќе можат бесплатно да паркираат на било кој јавен односно државен паркинг во рок од 10 години односно до 2027 година, вклучувајќи подземен паркинг, катна гаража, обичен паркинг и зонски паркинг кој се наплаќа, и на сите вакви паркинзи ќе има обележани и резервирани посебни места резервирани за паркирање само за овие возила. „Истовремено ќе се предвиди со закон како обврска да се набават бавни полначи кои полнат до 4 часа, во износ од 5% од паркинг местата, оние кои ќе се предвидени за електрични возила на сите јавни, приватните паркинзи, оние кои се под концесија, како и катните и подземни гаражи и зонското паркирање. Полначите кои ќе бидат инсталирани и паркинг местата кои ќе бидат обезбедени ќе бидат најатрактивните на паркиралиштето. Обврската за истите ќе биде покрај спорите полначи да набават и по најмалку два брзи полначи, при што енергијата односно струјата која ќе се троши ќе се наплаќа по цена која ќе ја утврдува Регулаторната Комисија за Енергетика, за да не дојде до злоупотреби“, рече Груевски.Исто така во 2017 година, со проектот се предвидува освен во Скопје, по најмалку еден брз полнач и два бавни да се инсталираат и на поголемите јавни паркинзи во општините Битола, Штип, Велес, Прилеп, Кочани, Кавадарци, Гевгелија, Радовиш и Крива Паланка. Исто, во 2017 година ќе се предвиди на паркинзите на сите хотели со 4 и 5 ѕвезди да обезбедат по два бавни полначи за електричните возила. Дополнително ќе се обезбеди и законски пропис со кој ќе се воспостави обврска новите згради кои ќе се градат да предвидат инсталации за трофазни 8 часовни приклучоци во секое гаражно место во станбени згради.„Во прва фаза, на електричните автомобили ќе им биде дозволено да возат и во приоритетниот простор на сообраќајниците, на местата каде постои, а каде сега е дозволено движење на автобуси и такси возила, што значи дека електричните автомобили побрзо ќе се движат низ сообраќајот“, рече Груевски. Годишната регистрација на електричните возила, во делот за надомест за патишта ќе биде бесплатен во наредните 10 години. Тоа во просек ќе биде заштеда, во зависност од моќноста на автомобилот од 2.500 до 3 илјади денари секоја година. За полесна идентификација, електричните возила ќе имаат посебна регистарска табличка со јасно видлив дизајн и веројатно со посебна боја. Планот е во 2020 година да се постигне покриеност на сите патишта со по најмалку 1 брз полнач по бензинска пумпа. Градот Скопје во рамките на јавното сообраќајно претпријатие ќе отпочне со набавка на целосно електрични автобуси за потребите на Градот Скопје, со долгорочна тенденција електричните автобуси до 2030 година да сочинуваат повеќе од 50% од вкупниот број автобуси во градот. „Можам да информирам дека веќе Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски ги започнаа првите иницијални разговори за набавка на нови 50 целосно електрични автобуси, односно 20 големи автобуси, дводелни со армоника зглоб на средината, и во кои можат да влезат 150 патника, со дизајн на трамвај и 30 минибуси. Набавката би била повеќегодишна, а средствата би ги покривале заеднички владата и градот Скопје по половина. Ова е веќе усогласено меѓу градоначалникот на град Скопје и министерот за финансии, а плаќањето ќе е на неколкугодишни рати“, истакна Груевски. Според него, со набавката на 20 те дводелни зглобни електрични автобуси ќе се постигне истиот еколошки ефект како за изградба на трамвај кој чини неколкукратно поскапо, а и трамвајот и електричниот автобус имаа речиси нула загадување. Дваесте вакви автобуси ќе се обраќаат на линијата која беше предвидена за трамвај.Понатаму со проектот на ВМРО-ДПМНЕ се предвидува создавање на такси компании само со електрични возила. „Со измена на регулативата, ќе овозможиме такси компаниите и поединците таксисти кои ќе имаат само електрични возила да бидат ослободени од сите давачки кон градот кои ги имаат останатите такси компании, како и да добијат неповратни 5.000 евра грант за секое ново електрично возило што ќе го набават. Полнењето со енергија на тие такси автомобили ќе биде бесплатно на сите државни паркиралишта во наредните 10 години“, рече Груевски.Како втора мерка, ВМРО-ДПМНЕ планира обезбедување на субвенции за вградување на плински систем во автомобилите. За таа цел секоја година, почнувајќи од наредната 2017-та година ќе се овозможат ваучери од 300 евра за набавка на плински уред кои ќе се распределат на јавен повик секоја година. „Со оглед на тоа дека бројните научни анализи покажуваат дека најголеми загадувачи на воздухот во категоријата автомобили се возилата со ЕУРО 0, ЕУРО 1, 2 и 3 стандард односно оние кои се произведени до почетокот на 2006та година, оваа мерка ќе се однесува само на автомобилите кои спаѓаат во групата на овие еколошки стандарди, останатите ЕУРО 4 и 5 ги запазуваат највисоките еколошки стандарди и се со ниво на загадување колку што се и автомобилите со вграден плински уред“, рече Груевски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нерешено кај уставните судии за измените со кои на независните кандидати ќе им биде потешко да влезат во изборна трка

Уставниот суд не донесе одлука за предметот за оспорените членови на Изборниот законик (ИЗ) со кои се штитат од конкуренција големите партии, на штета на независните граѓански организации и групи избирачи. Согласно спротивставените размислувања на судиите, кои беа изнесени и во текот на седницата, но и при гласањето дојде до изедначување на гласовите, имајќи во предвид дека денеска на седница беа присутни 8 од вкупно 9 судии, информираа од Уставен.
Ова значи дека дискусијата е исцрпена за овој предмет, но, постапката и понатаму останува отворена, по што Судот во полн состав од 9 судии ќе гласа за предметот наредната седница.
Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска, Јане Димески преку полномошник адвокатска канцеларија Петрушева.
Подносителите сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик , кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 % од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.
Македонија
Симулациска вежба на македонската и грчката полиција за прекугранична контролирана испорака

Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Александар Јанев денеска во Дојран присуствуваше на средбата по повод вчера одржаната симулациска вежба за прекугранична контролирана испорака, што во организација на мисијата на ОБСЕ во нашата земја беше реализирана од страна на македонските и на грчките полициски служби.
Симулациската вежба, во која што од македонска страна учествуваа полициски службеници од повеќе организациони единици при Министерството за внатрешни работи, примарно беше насочена кон надградба на оперативните механизми и протоколи за операции во рамки на граничната соработка, како и детектирање на областите за подобрување на интероперабилноста, споделувањето разузнавачки информации и друго.
Јанев го поздрави одржувањето на вежбата, констатирајќи дека меѓуграничната соработка на полициските служби на двете држави е важна како за натамошно подобрување на билатералната соработка, така и во поглед на градењето на заеднички европски систем во сферата на интегрираното гранично управување.
Македонија
(Видео) Цветановски: Продолжува голготата на онколошките паценти, не работи единствениот државен ПЕТ-скенер

Со месеци трае хаосот во македонското здравство поради неспособноста на Таравари и ДПМНЕ. Најпогодени се онколошките пациенти, чии животи се загрозени поради катастрофалниот менаџмент, вели Симона Цветановски, членка на извршниот одбор на СДСМ.
„Катастрофални услови, неизвесност, чекање, недостиг на кадар, голготата што ги засега пациентите од целата држава продолжува. Веќе со недели недостига биолошката терапија на Клиниката за онкологија, а сега еден месец не функционира ниту единствениот државен ПЕТ-скенер“.
Поради ова, како што наведува, пациенти од целата земја, чии терапии директно зависат од оваа дијагностичка процедура, се оставени без неопходното скенирање.
Според неа, наместо соодветен третман во јавното здравство, тие се принудени да бараат алтернативни решенија во приватните болници, каде што цените се екстремно високи, или во здравствени установи во регионот, што дополнително го зголемува нивниот финансиски и психолошки товар.
„Министерот Таравари и Владата на ДПМНЕ покажуваат целосна неспособност во управувањето со здравствениот систем, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и пациентите. За ова мора да има одговорност“, нагласува таа.
СДСМ бара одговорност од директорката Невена Маневска и од министерот за здравство, Арбен Таравари.
Министерството за здравство мора, додава Цветановски, веднаш да ја стави во функција дијагностичката апаратура и да обезбеди континуирано снабдување со неопходните терапии.
Граѓаните, како што оценува, не смее да бидат жртви на неспособноста и негрижата на оваа власт!