Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Радев кажа дека сонародниците на Гоце Делчев се Бугари, а Венко одма побрза да му се допадне
Радев кажа дека сонародниците на Гоце Делчев се Бугари, а Венко одма побрза да му се допадне, велат од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на честитката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за изборот на Румен Радев, за премиер на Бугарија.
„На кого одговара Венко Филипче, пред Зоран Заев или пред Румен Радев или пред двајцата? Во ситуација кога Македонија е блокирана од Бугарија со билатерални барања кои ги загрозуваат националните интереси, Венко прво што направи е да се допадне на Радев како нов премиер и да застане на нивна страна, воедно да изгледа и како кодош и клеветник на македонскиот премиер Мицкоски. Радев не е нов политичар, само е нов премиер на Бугарија, но сите добро ги знаеме неговите ставови поврзани со Македонија и македонскиот народ, јазик, идентитет, историја. Радев има кажано дека сонародниците на Гоце Делчев се Бугари, што значи дека ни тој како премиер нема да се откаже од бугарските барања и од вета поврзани со националниот идентитет. И во таква ситуација, Венко одма побрза да му се допадне и да застане на негова страна. Нема предавство кое СДС и Филипче не се спремни да го спроведат. Тоа што Заев го започна со распродажба на државните и национални интереси Филипче сака да го доврши. Филипче стана современиот кодош Коте од Руља“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Наместо да се вразумат и еднаш да застанат на вистинската македонска и државна страна, во одбрана на државните интереси, додаваат од партијата, СДСМ повторно испраќаат порака дека се спремни на предавство.
„Затоа и тонат и исчезнуваат од политичкиот спектар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло во Скопје, температурата ќе достигне 34 степени
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, кој во западните делови ќе биде од западен правец, а долж Повардарието и во источните региони од југоисток.
Утринските температури ќе се движат од 7 до 16 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 27 и 34 степени.
Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала облачност и слаб до умерен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од 13 до 34 степени.
Според прогнозата, во текот на новата седмица ќе преовладува топло време. Во вторник се очекува локален развој на нестабилна облачност, а во среда на повеќе места ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од четврток повторно ќе преовладува претежно сончево време со променлива облачност.
Македонија
ВЛЕН: Автопатот Скопје-Блаце требаше да биде готов кога беше купена „Соравија“
Од ВЛЕН соопштија дека почетокот на работите на автопатот Скопје–Блаце претставува реализација на проект што граѓаните го чекале со децении.
Тие ја обвинија ДУИ дека за 24 години власт не успеала да го реализира автопатот, додавајќи дека според претходно ветуваните рокови тој требало да биде завршен уште во периодот кога семејството Ахмети ја купило „Соравија“.
Од коалицијата оценуваат дека по заминувањето на ДУИ од власта почнала реализација на крупни инфраструктурни проекти, меѓу кои автопатот Скопје–Блаце, Коридорот 8, како и изградбата на кампусот на УНТ и болниците во Кичево и Тетово.
Според ВЛЕН, претходната власт имала погрешни приоритети и била поврзана со корупциски скандали и злоупотреба на јавни средства.
Фото: изградба на автопат (илустрација)
Македонија
Мемов: Потребни се законски измени за финансиска одржливост на пензискиот систем и намалување на зависноста од државниот буџет
Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов со стручна делегација од фондот учествуваше на 16-та средба на директорите на фондовите и заводите на пензиското и инвалидското осигурување од државите на просторот на поранешна Југославија и на Република Австрија, што се одржа во Марибор, Република Словенија.
Годинава главни теми на конференцијата беа активностите за спречување на грешки, измами и злоупотреби на системите во фондовите и заводите за пензиско и инвалидско осигурување, како и употребата на вештачката интелигенција во дигиталната трансформација на овие институции.
На средбата беа презентирани измените на законите за ПИО во изминатата година, при што директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов, рече дека измените што се презентираат генерално се однесуваат во делот на остварувањето на правата за пензиско и инвалидско осигурување.
„Потребно е да се размислува во насока законските измени да содржат решенија кои ќе придонесат за финансиска стабилизација на пензиските фондови.
Законските решенија треба да содржат инструменти кои ќе ги стимулираат работодавачите да плаќаат повеќе придонеси, со што ќе се придонесе за зголемување на пензиите на идните пензионери, а сегашни работници.
Потребна е промена на методологијата на пресметката на пензиите заради обезбедување фер износи на пензиите.
Во делот на задолжителниот Втор столб за пензиско осигурување, потребно е законите да овозможат поефикасни и нерестиктивни начини за инвестирање на средствата и нивно поголемо оплодување кое ќе биде во полза на осигурениците, се разбира преку соодветна контрола и ревизија од регулаторот МАПАС.
Ова се само дел од предлозите за подобрување на финансиската ситуација и се неопходни затоа што кај сите фондови постои проблем со финансирањето, а трансферите на средства од државата се неопходност за нормално функционирање на нашите институции.
Од исклучителна важност е законските решенија да обезбедат одржливост на пензиските системи и независност од државниот буџет“, рече Мемов.
Директорката на Секторот за остварување на права, Билјана Стојанова ги презентираше измените на Законот за ПИО во изминатата година. Таа информира и за новиот Закон за работно ангажирање.
Во рамките на средбата беше потпишан Договор за редовна размена на давања и податоци за смртност помеѓу Фондот на ПИОМ и институциите за задолжително австриско пензиско
осигурување од Република Австрија – Институцијата за пензиско осигурување (PVA), Службата за социјално осигурување на претприемачи (SVS) и Институцијата за осигурување на вработени во јавни служби, железници и рударска индустрија (BVAEB).
Договорот го потпишаа директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов и д-р Винфред Пингера во името на австриските институции.
„Сакам да нагласам дека овој Договор е значаен напредок во нашата соработка и ќе овозможи поефикасна и побрза размена на податоци кои се од голема важност и директно ќе придонесе да се забрза процесот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување за граѓаните на Македонија и на Австрија.
Исто така Договорот го регулира обемот и начинот на размена на податоците, како и нивната безбедност и заштита, што се од исклучителна важност за нашата работа, како и за довербата во пензискиот систем“, рече директорот на Фондот Мемов.
Директорот, д-р Пингера истакна дека потпишувањето на Договорот е за некого. можеби мал чекор, но за осигурениците и корисниците на услугите е многу важен, затоа што ќе го олесни остварувањето на нивните права.
„Ова е важен чекор и се надевам не последен. Нашата соработка ни покажа дека можеме да работиме заедно, да си веруваме и да ја интензивираме идната соработка. Сакам да ви заблагодарам на вашата помош и придонес во потпишувањето на овој Договор, затоа што е многу важен, иако можеби не се опфатени многу луѓе, но за нив лично тој е и те како важен.“, рече директорот Пингера.
Со потпишувањето на овој Договор ќе се се зголеми ефикасноста, прецизноста и квалитетот на услугите на осигурениците и ќе помогне да се исклучат сите можни грешки.
Договорот, како што беше речено ќе придонесе и во зајакнувањето на натамошната соработка помеѓу институции Фондот на ПИОМ и институциите од Австрија, што е во најдобар интерес на граѓаните на двете држави.
Фондот на ПИОМ има потпишано договори за електронска размена на податоци со сите држави што произлегоа од поранешна Југославија и со овој Договор со Република Австрија го заокружи процесот на соработка со земјите од регионот.
