Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Филипче ликуваат за избори во странство наместо да го анализираат сопствениот пораз
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и неговиот лидер Венко Филипче, наместо да го анализираат изборниот резултат од околу 130 илјади гласа, се занимаваат со изборни случувања во други држави.
Според партијата, Социјалдемократите се однесуваат како да не се дел од политичкиот живот во Македонија, критикувајќи влади и функционери во странство и следејќи избори надвор од земјата, додека домашните избори ги игнорираат.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека наместо внатрепартиска анализа за резултатот, раководството на СДСМ се радува на победата на партијата Тиса во Унгарија, која е дел од Европската народна партија, каде што членува и ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведува дека сестринската партија на СДСМ, која е дел од Партијата на европските социјалисти, освоила 1,18% од гласовите, што, според ВМРО-ДПМНЕ, е слично со рејтингот во Македонија.
Партијата оценува дека СДСМ, заедно со Зоран Заев, ја довеле партијата во состојба на пад и дека наместо дистанцирање, продолжуваат по истата политика.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека ќе остане посветена на билатералната соработка со Унгарија и му ја честита изборната победа на партијата Тиса и на Петер Маѓар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“ за протестите: Зошто Ахмети се крие зад студентите, го потпалува огнот позади, додека ги турка другите напред
Вистината мора да се каже јасно и гласно: студентите протестираа против неправда која потекнува токму од времето на владеењето на ДУИ. Сите Албанци знаат дека правосудниот испит никогаш не се одржувал на албански јазик.
Протестот е демократско право и никој тоа не го оспорува. Но, ние реагираме против оние кои се обидуваат да го манипулираат истиот за политички цели, велат од „Вреди“.
„Денес на протестот, без ни малку срам, се појавија и двајцата главни виновници што правосудниот испит не се одржува на албански јазик: Муса Џафери и Блерим Беџети.
Токму тие што денес се обидуваат да ја разгорат оваа тема, ја користеа власта за лично богатење во периодот кога проблемот требаше да биде решен.
Почитувани студенти, ние отворено разговаравме со вас. Го прифативме вашето барање и ви ветивме дека проблемот ќе биде решен.
Вие побаравте правосудниот испит да биде на албански јазик, а ние работиме сите професионални испити да бидат достапни и на албански јазик.
Во таа насока, денес во Владата се одржа средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателите на „Вреди“. Затоа со целосна сигурност ви порачуваме: многу скоро испитите ќе бидат и на АЛБАНСКИ ЈАЗИК.
Албанците не се наивни. Тие многу јасно гледаат дека зад оваа врева не стои грижата за студентите, туку борбата за изгубената власт.
Затоа, вистинското прашање е: Зошто Али Ахмети се крие зад студентите? Зошто не им кажува на Албанците дека ова прашање не го реши кога целата власт беше во негови раце“, прашуваат од оваа партија.
Како што додаваат, уште еднаш, Али Ахмети покажа дека „го фрла каменот, а ја крие раката“.
„Го потпалува огнот од позади, додека ги турка другите напред, а потоа се обидува политички да профитира“.
Ова прашање, според „Вреди“ не смее да се претвори во судир меѓу институциите и студентите.
„Студентите се наши деца.
Затоа ги повикуваме студентите да не подлегнуваат на политички манипулации и да имаат доверба дека ова прашање веќе е преземено од „Вреди“ и дека неговото решение е многу блиску.
Македонија
ЗНАМ се распаѓа, Левица ја презема нивната улога, велат од СДСМ
ЗНАМ се распаѓа. Последната улога што ја има е да ја напаѓа СДСМ со учество во Латасовата кампања за обвинувања на СДСМ, истакнуваат од СДСМ.
„Не помина со ЗНАМ, па сега е активиран уште еден „спијач“ на ВМРО и проект на Христијан Мицкоски – Левица.
Партија креирана токму за вакви потреби.
Анти-ЕУ партија во земја во која 77% од граѓаните се за ЕУ.
Анти-НАТО партија во земја која е горда членка на НАТО и во која 72% од граѓаните се за НАТО.
Руска партија во земја во која САД се стратешки партнер“.
Од СДСМ прашуваат за што служи оваа партија.
„За ништо, единствената улога на Левица е да ја напаѓа СДСМ кога криминалната влада на ВМРО нема одговори за Реформската агенда.
Кога останаа уште само 13 дена до ветувањето на Мицкоски дека ќе ги исполни сите 10 точки од реформите.
Ето за тоа служи Левица и за ништо друго.
Граѓаните јасно гледаат: секој пат кога ВМРО заглави со реформите и со ЕУ-патот, се активира некој нов „спијач“ за дефокус и напади врз СДСМ.
Доста е со проектите и лажните партии“.
Граѓаните, додаваат од таму, сакаат реформи, правда и Европа.
„Реформи сега.
Малцинства во Уставот сега.
Европа сега“.
Македонија
МВР со апел: Граѓаните навремено да ги подигнат готовите лични документи
Управните служби при Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните навремено да ги подигнат своите готови лични документи.
„Благодарение на реорганизацијата и зголемениот капацитет, управните служби моментално работат со максимална ажурност и ефикасност. Процесот е целосно оптимизиран и овозможува брзо и едноставно закажување на термините за фотографирање, минимално време за чекање пред шалтерите и експресно изготвување на документите во законски предвидениот рок (па дури и порано).
Пред нас е период кога традиционално се зголемува фреквенцијата во управните служби поради годишните одмори и пристигнувањето на нашите сограѓани од дијаспората.
Со навременото подигнување на вашите готови документи уште сега, директно придонесувате да се задржи овој брз и ефикасен ритам на работа и спречувате создавање на непотребни гужви и долги редици во пресрет на летниот период“.
Повикуваат граѓаните да ја проверат важноста на своите документи и доколку веќе се имаат фотографирано, да ги подигнат.
„Нашите служби ве очекуваат а навремената реакција е во интерес на сите нас“, апелираат од МВР.
