Македонија
„ВМРО останува без сојузник во ЕУ“ – реакција на СДСМ по падот на Орбан
Опозициската СДСМ реагира по изборите во Унгарија, оценувајќи дека граѓаните избрале европски курс наместо, како што наведуваат, автократија.
„Унгарија ја избра Европа наместо Русија. Граѓаните јасно и гласно рекоа: доста е автократија“, стои во соопштението.
Од партијата посочуваат дека по 16 години владеење, паднал режимот на Виктор Орбан, а победата на Петер Маѓар ја оценуваат како „победа на демократијата над автократијата и на владеењето на правото над корупцијата“.
СДСМ наведува дека со овој исход, како што велат, нивните политички противници остануваат без сојузник во Европската Унија, при што го споменуваат и случајот со Никола Груевски.
„Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во Европската Унија. Нема повеќе криење на Никола Груевски во Будимпешта, тајни бизнис-комбинации, ниту кинески пари кои доаѓаа преку тој режим. Паѓаат автократските режими. Следен е Александар Вучиќ, а со него и Христијан Мицкоски“, велат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека падот на Орбан е порака за целиот регион и дека, како што велат од партијата, „времето на автократите завршува“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради врнежи дневната програма на „Виноскоп“ е одложена за утре
Дневната програма на фестивалот „Виноскоп“ за денеска е откажана и се преместува за утре поради најавените врнежи и од безбедносни причини, соопштија организаторите.
Согласно измените, утрешната програма ќе се реализира на Школка во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 12:00 часот и ќе трае до полноќ.
Во првиот дел од програмата, од 12:00 до 18:00 часот, посетителите ќе можат да уживаат во дневната програма со настапи на DJ Oky Doky, DJ Chvare и DJ Strajk.
По 18:00 часот, програмата продолжува со настапите на DJ Resident, Hat and Harmony, DJ Bella, Мијата, Оркестар Дива, Ивана Карајан, Филип Карајановски и Пасио бенд.
Организаторите најавуваат дека јубилејното 15-то издание на „Виноскоп“ ќе продолжи со вино, музика и фестивалска атмосфера под отворено небо.
Македонија
Милошоски: Абази и Коларевиќ ги игнорирале извештаите на ДЗР во истрагата за „Мазут“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски денеска соопшти дека обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ намерно ги изоставиле извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во случајот поврзан со набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во вторникот соопшти дека ја запрело постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.
Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата РКМ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
„По однос на скандалозната одлука на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, мазут вреден 167 милиони евра, може да констатираме дека таму функционира еден тандем. Тандемот се обвинителите Абази и Коларевиќ, кои се нешто како коалиција ДУИ-СДС, но не во собраниските клупи, туку во обвинителството за криминал и корупција“, рече Милошоски.
Според него, обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ при прибирањето на доказите во случајот со набавката на мазут биле селективни во своето постапување, односно повеќе се потпирале на изјави од некомпетентни лица, наместо да обезбедат релевантни докази за набавката на мазут вредна 167 милиони евра.
Ова Милошоски рече дека може да се забележи и од вчерашниот демант од ЕСМ, кој дополнително укажува на пропусти во начинот на водење на истрагата.
Се повика на наоди на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од 2024 година, според кои при набавката на мазут бил испорачуван производ од различен добавувач од оној наведен во договорот меѓу ЕСМ, ТЕЦ „Неготино“ и добавувачот. Дополнително, како што рече, според стручни лица од ЕСМ, мазутот содржел нечистотии што предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ „Неготино“.
„Може да се заклучи дека биле селективни и не ги ни прочитале извештаите на релевантните органи како што се Државниот завод за ревизија и слични на нив. Државниот завод за ревизија во 2024 година утврдил дека при оваа милионска набавка се испорачувал мазут од различен добавувач од оној којшто бил утврден во договорот на ЕСМ, ТЕЦ ‘Неготино‘ и добавувачот и второ, стручни лица од ЕСМ утврдиле дека мазутот бил со голем број на нечистотии коишто предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ Неготино“, кажа пратеникот.
И покрај ваквите наводи, додава дека бил склучен анекс на договорот со кој вкупната вредност на набавката достигнала 167 милиони евра.
„И покрај ваквата утврдена лоша состојба и квалитет на мазутот, сепак ТЕЦ ‘Неготино‘ склучил анекс за да може овој скап договор да ја достигне сумата од 167 милиони евра. Но, очигледно е дека ваквите извештаи на Државниот завод за ревизија не биле забележани од Абази и Коларевиќ коишто поголемо внимание посветувале на изјави коишто им одговараат од некомпетентни лица наместо да ги земат во предвид релевантните извештаи што даваат сериозни индиции дека овој скандал вреден 167 милиони евра е поврзан и со направена штета во ТЕЦ ‘Неготино‘, но исто така и со перење на пари и стекнување на противправна имотна корист“, рече тој.
Според него, обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ не се соодветни за функциите во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), изнесувајќи сомнежи за нивната непристрасност и професионалност.
„За Абази и Коларевиќ сметаме дека не се достојни на функцијата да бидат во Јавното обвинителство за гонење на криминал и корупција, затоа што и двајцата имаат свои лични, семејни или политички долгови за нивниот кариерен напредок, а истите се поврзани со политичките партии ДУИ и СДС“, додаде Милошоски.
Посочи и дека постојат индиции дека Абази и Коларевиќ имаат поврзаност со одредени политички структури, при што упати критики кон начинот на кој е водена постапката во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
„Овој јавнообвинителски тандем Абази и Коларевиќ повеќе е приврзан за нивните ментори Заев, Ахмети и Венко Филипче отколку што е посветен на владеењето на правото и гонењето на организиран криминал и корупција. Со вакви обвинители осомничените како Васко Ковачевски, Јахоски, Сулкоски, Капушевски, Адријан Муча и други секогаш ќе бидат слободни луѓе, наместо да бидат изведени при лицето на правдата“, кажа тој.
Повторно го повика Советот на јавни обвинители да го испита постапувањето на Абази и Коларевиќ и да утврди дали имало пропусти во истрагата, за овој, како што додаде миллионски скандал.
Очекува целосно расчистување на случајот, како и дека јавноста има право да ја знае вистината, а сите инволвирани треба да одговараат пред институциите доколку постојат докази за неправилности.
„Истовремено сакаме да им порачаме дека нивната лукративна одлука или политички инспирирано решение да ја запрат истрагата нема да ја сокрие вистината и сите факти поврзани со овој скандалозен тендер ќе излегуваат на виделина. Сакале тоа да го направат или не сакале Абази и Коларевиќ. Сепак мислиме дека јавноста ја заслужува вистината, а секој којшто бил инволвиран и има сомнежи за висок криминал и корупција заслужува да биде процесуиран и својата невиност или вина да биде докажувана пред суд“, рече Милошоски на прес-конференцијата.
Македонија
ЗНАМ повторно поставува прашања за фирми и деловни релации во Бугарија поврзани со раководството на СДСМ
По вчерашната прес-конференција на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, од партијата велат дека не добиле одговор од раководството на СДСМ, па денес повторно упатуваат прашања до Венко Филипче и СДСМ во врска со наводни фирми и деловни релации во Бугарија.
Од ЗНАМ наведуваат дека молкот на СДСМ, според нив, „ги засилува сомнежите во јавноста“ и отвора прашања за тоа дали зад политиките стојат принципиелни ставови или бизнис и лични интереси.
Партијата бара одговори на следните прашања:
- Дали Венко Филипче е сопственик или поврзано лице со фирмата POWER i8 Ltd. во Петрич, со дејност поврзана со недвижности?
- Дали семејството Заеви е поврзано со фирмата GOMASIDRA Ltd., исто така регистрирана во Петрич?
- Колку фирми на лица блиски до поранешното и сегашното раководство на СДСМ се регистрирани на иста адреса во Петрич?
- Какви деловни и економски интереси, како што тврдат, постојат кај овие структури во соседна Бугарија?
Од ЗНАМ повикуваат на јавно обраќање и транспарентни одговори од СДСМ и Венко Филипче, со цел, како што наведуваат, јавноста да биде целосно информирана.
Во реакцијата се додава дека граѓаните, како и членовите и симпатизерите на СДСМ, заслужуваат јасни одговори и целосна транспарентност.
ЗНАМ најавува дека ќе продолжи да ги поставува овие прашања во јавноста сè додека, како што велат, не бидат добиени одговори.
