Македонија
Во државниот авион со децата и со сопругите се качувале Заев и Ковачевски, како премиери, Османи е најчест патник со 72 лета

Најчест патник во државниот авион, со забележани 72 лета, според оваа листа, е Бујар Османи, кој во 2020 година стана министер за надворешни работи и остана на функцијата до јуни 2024 година, односно три години и девет месеци, а во 2023 година беше и претседавач со ОБСЕ. Тој најесто патувал до Брисел, Виена и Атина, а неговото име се појавува и на најдалечната дестинација на која некогаш летал државниот авион, Рејкјавик, Исланд. Неговата ПР-служба, а и самиот тој со објави на социјалните мрежи, се погрижиле за сите патувања и денес, две години откога нема државна функција, да има јавно достапни известувања за патувањата.
Втор на листата најчести патници е Ирфан Мустафи кој се грижел за безбедноста прво на Зоран Заев, а потоа и на Димитар Ковачевски откога стана премиер. Името на Мустафи е регистирано на 51 лет со државниот авион.
На трето место е Димитар Ковачевски. Тој за две години, колку што беше премиер, со државниот авион летал 48 пати.
Сопругите на Заев, Ковачевски, Џафери, Гаши и Николовски и децата на Заев и Ковачевски се меѓу патниците во државниот авион
Службата за општи и заеднички работи забележала дека Димитар Ковачевски, како премиер, речиси половина од летовите ги направил заедно со сопругата, а во листата на патници се појавуваат и неговите деца. Сопругата, Елена Ковачевска, е регистрирана на 19 лета на државниот авион.
Целото семејство, пак, со владиниот „лирџет“ Службата регистрирала дека летало двапати. Едниот лет е од Скопје до Истанбул, на втори мај 2023 година, а другиот лет е од Истанбул до Скопје, осум дена подоцна. Во тој период Ковачевски како премиер и неговата сопруга беа на свечениот прием на претседатели на влади и држави организиран од тогашниот претседател на Соединетите американски држави Џо Бајден. Тогаш Ковачевски и Владата не одговорија на прашањата од медиумите кои побараа објаснување зошто со себе го зел и децата, дали ангажирал дополнително обезбедување и колку чини патувањето. Јавноста му забележа на Ковачевски и кога во мај 2022 година во Рим на аудиенција кај папата Франциск отпатува со ќерката.

Во државниот авион фамилијарно летал и Заев, како премиер. Самиот на социјалните мрежи во јуни 2021 година се пофали дека тогашниот премиер на Холандија го поканил заедно да го следат фудбалскиот натпревар Македонија-Холандија во Амстердам. На социјалните мрежи Заев објави фотографии од кои се гледа дека заедно со него навива и неговата сопруга, а податоците од Службата за општи и заеднички работи во Владата покажуваат дека со нив бил и нивниот син.
Со сопругата често со државниот авион патувал и Талат Џафери, како претседател на Собранието. Неговото име го има на 26 лета на државниот авион, а на 10 од нив го придружувала сопругата, Мереме Џафери. Заедно патувале во Абу Даби, Мадрид, Љубљана, Анкара, Рим, Кишињев, Стокхолм, Лион и Будимпешта, а службата за односи со јавност на Собранието најчесто ги најавувала и известувала за таквите патувања. Џафери нема лет со сопругата од периодот додека беше премиер иако Службата забележала дека за нешто повеќе од три месеци, колку што траеше техничката Влада, тој четирипати го ангажирал државниот авион и летал до Брисел, Минхен, Лондон и Тирана.
Наследникот на Џафери во Собранието, Африм Гаши, е единствениот политичар од актуелната власт кој патувал во државниот авион со сопругата. Париз и Лондон се дестинациите на кои отпатувале заедно во декември 2024 година и во февруари 2025 година. Последното патување на Гаши со сопругата се поклопува со одлуката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) да се доуреди упатството на Собранието за службени патувања по примерот на Кодексот на Владата за етичко однесување. Оваа одлука ДКСК ја донесе по забелешките во јавноста за патувањето на Гаши со сопругата во САД. Тогаш ДКСК утврди дека сопругата на Гаши била дел од делегација и има право да ѝ се исплатат трошоци за службено патување, но препорача доуредување на упатството за службени патувања.

Кодексот за етичко однесување на Владата предвидува функционерите на служби патувања да бидат придружувани од брачните партнери, но трошоците приватно да си ги платат, со исклучок на брачните партнери на премиерите кога се дел од државна делегација. За децата на функционерите нема правила. Тие не се споменати ниту во Кодексот од Владата, ниту пак во уредбата по која работи владината авио-служба. За нив изречно не е ниту дозволено ниту забрането да бидат придружба на родителите-функционери на службените патувања.
Ковачевски и Никловски со сопругите на петдневна турнеја Беград-Венеција-Верона-Љубљана
Во државниот авион сопругата ја качил и поранешниот министер за земјоделство и вицепремиер Љупчо Николовски. На службено – приватна турнеја во 2023 година заминале тој и сопругата заедно со тогашниот премиер Ковачевски и сопругата, обезбедувањето на премиерот и уште две вработени во Владата.

Мини турнејата траела пет дена. Прво одлетале до Белград кога владината прес служба извести дека Ковачевски е во официјална посета на Србија. Потоа продолжиле во Венеција, посета за која нема известувања. Два дена подоцна слетале во Верона на саем на вино, а пред да се вратат во Скопје биле и во Љубљана. Владината прес-служба извести за активностите на премиерот во Белград и Верона и за министерот во Верона, но не кажа ниту збор дека со нив биле и сопругите.
За пет години авионот имал два медицински лета, едниот за повреден од Кочани, а другиот за семејството Анѓушеви
Државниот авион во изминатите пет години имал само два медицински лета. Едниот бил за повреден од Кочани, а другиот за семејството Анѓушеви, кои за летот платиле како надворешни корисници.
Раководителот на секторот за превоз со воздухоплови и нивно одржување, капетанот Емил Георгиев, кој 16 години е дел од екипажот на државниот авион, вели дека ја известил Владата дека се подготвени да помогнат уште првиот момент по трагедијата во Кочани, но биле ангажирани само за еден пациент.
„Ограничениот простор во кабината не ги исполнуваше условите да ги пренесуваме повредените. Нема место за лежечки пациенти, ниту пак би го собрало медицинскиот тим кој треба да ги придружува. Медицинскиот лет беше за враќање на пациент од лекување во Грац“, објасни капетанот Георгиев.

Едниот медицински лет бил за повреден од Кочани, а другиот за семејството Анѓушеви, кои за летот платиле како надворешни корисници/ Фото: ВИ
Другиот медицински лет во листата, оној за семејството Анѓушеви, е до Виена. Во април 2023 година со државниот авион на итна операција била пренесена Елизабета Анѓушева заедно со сопругот, Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер. Анѓушев побарал одобрение да го користи државниот авион ден пред да се случи летот со објаснување дека состојбата е итна, а не постои можност за комерцијален лет.
„Поради итна животозагрозувачка здравствена состојба на член на семејството, семејството Анѓушеви се обратија до надлежните државни служби одговорни за стопанисување со леталото со барање доколку истото е слободно да се изнајми за итен медицински лет на 8 април 2023 година. Приемот во болница и потребниот зафат се извршени истиот ден, 8 април. Услугата е платена 6.342 евра, по фактура издадена од Службата за општи и заеднички работи на Владата“, велат од Секторот за човечки ресурси и корпоративни комуникации на компанијата „Феро инвест“ која е во сопственост на семејството Анѓушеви.
„Макфакс“ побара објаснување од Службата за општи и заеднички работи кому му е дозволено да побара медицински лет и со кој дел од уредбата за користење на државниот авион тоа е регулирано, но актуелниот директор, Ивица Томовски, не одговори на прашањата. Тој не одговори ниту на прашањето која е цената што ја платил Анѓушев, ниту пак го испрати ценовникот по кој работат.
ДКСК, ДЗР и Владата не гледаат злоупотреби на државниот авион
Институциите надлежни за надзор, досега не нашле злоупотреби со државниот авион. Иако пред месец и половина политичките партии со денови обвинуваа за злоупотреби, Државната комисија за спречување корупција нема таков предмет, но укажува дека функционерите кои го користат авионот се должни да ги почитуваат законите.
„Во Државната комисија за спречување на корупцијата досега не е оформен предмет кој се однесува на евентуални злоупотреби при користење на државниот авион од страна на функционери“, велат од ДКСК.
За сопругите и децата на функционерите кои летале со државниот авион антикорупционерите имаат укажување.
„Во однос на прашањето за користењето на државниот авион од страна на членови на семејството на функционери, укажуваме дека согласно член 54 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, службените лица се должни државните средства што им се доверени да ги користат економично и за однапред определените намени, при што е забрането истите да се користат за приватни цели или да се даваат на други лица на користење. Воедно, со Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на функции именувани од страна на Владата е предвидено носителите на функции разумно да ги користат јавните ресурси заради постигнување на целта на функцијата односно должноста која ја вршат“, велат од ДКСК за „Макфакс“.

Антикорупциска нема предмет за злоупотреби на државниот авион, а такво нешто нема ниту во објавениот ревизорски извештај за 2024 година
Државниот завод за ревизија (ДЗР) направил контрола во Службата за општи и заеднички работи во 2024 година, но единственото место во објавениот извештај на кое се спомнува авио- службата е за вработување на авио-диспечер за тоа дали треба или не треба да има лиценца. Злоупотреби не се нотирани во јавно достапните документи. „Макфакс“ побара дополнително објаснување од ДЗР дали при контролата утврдиле дека трошоците за летовите на децата и сопругите на функционерите се покриени од државниот буџет, но во одговорот ревизорите објаснуваат на кој принцип работеле при ревизијата и упатуваат повеќе информации да бараме од СОЗР.
„Од 2020 година па наваму, во СОЗР извршена е ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2024 година за 4 сметки преку кои СОЗР го реализира своето работење и кои се објавени на веб-страницата на ДЗР. Ревизијата е извршена во согласност со ревизорските стандарди на врховните ревизорски институции (ISSAI) и Кодексот на етика на Државниот завод за ревизија, со однапред утврдени ризици и материјалност врз основа на кои е извршен избор на примерок на трансакциите кои ќе бидат предмет на анализа. Во својот опфат, ревизијата го имаше во предвид користењето на државниот авион од аспект на потрошувачка на гориво и документираност на барањата за негово користење. Ве упатуваме за повеќе информации да се обратите во СОЗР“, објаснуваат државните ревизори.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата не одговори ниту на прашањата од „Макфакс“ дали досега се регистрирани злоупотреби на државниот авион ниту пак го кажа ставот за превезувањето на деца и сопруги на функционерите.

Од 2020 година до февруари 2026 година, државниот воздухоплов имал 294 летови
Со државниот авион најмногу се летало во 2023 година, најмалку во 2024 година
Од 2020 година до февруари 2026 година, направени се вкупно 294 летови. Од нив 36 се летови се за сервис на авионот.
Најмногу со државниот авион се летало во 2023 година кога се забележани 68 летови, а најмалку во 2024 година кога авионот имал 31 лет.
Во 2020 година имал 45 летови, во 2021 година летал 58 пати, во 2022 година 47, во 2025 година 40 пати и во првите два месеци од 2026 година се забележани 5 летови.
Во листата на патници актуелниот премиер Христијан Мицкоски го има на три лета, а најчесто со државниот авион патувала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која имала 14 лета за безмалку две години, колку што е на функцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР и ТАВ Македонија: Успешно спроведена вежбата „Сигурен хоризонт 2026“ – тестирана подготвеноста за одговор на сложени безбедносни закани
Денеска на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид успешно беше реализирана симулациската вежба „Сигурен хоризонт 2026 – двојна закана“, во организација на Секторот за полициски работи од општа надлежност при Бирото за јавна безбедност, во соработка со ТАВ Македонија.
На вежбата присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александaр Јанев и заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, како и претставници од повеќе институции вклучени во системот за безбедност и управување со кризни состојби.
Симулациската вежба се спроведе согласно Националниот план за постапување во вонредни состојби предизвикани од незаконско постапување против безбедноста на цивилното воздухопловство и имаше за цел тестирање на подготвеноста и координацијата на сите надлежни служби во услови на сложени безбедносни закани.
Сценариото на вежбата опфати повеќе фази, вклучително и диверзија со импровизирана експлозивна направа во ВИП зоната, координиран терористички напад со заложничка криза во терминалната зграда, активирање на кризен штаб, како и синхронизиран одговор на специјалните единици, евакуација, преговори и неутрализација на сторителите, проследени со медицинска интервенција и стабилизација на состојбата.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александaр Јанев истакна дека ваквите вежби се од исклучително значење за безбедносниот систем.
„Целта на оваа вежба е сеопфатно тестирање на системот за одговор во услови на сложени безбедносни закани, преку симулација на реални сценарија. Преку вакви активности ја проверуваме оперативната подготвеност на полициските службеници, нивната способност за брза и ефикасна реакција, како и нивото на координација и комуникација меѓу сите инволвирани субјекти“, потенцираше Јанев.
Заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, нагласи дека безбедноста на патниците и персоналот е врвен приоритет.
„Денешната симулациска вежба на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ ја потврди високата подготвеност на безбедносните служби на ТАВ Македонија и одличната координација со Министерството за внатрешни работи.Преку вакви вежби ја зајакнуваме способноста за брза и ефикасна реакција во услови на сложени безбедносни предизвици.“, изјави Лупевски.
Со реализацијата на вежбата беа тестирани капацитетите за брза реакција, интер-институционалната координација и комуникација, како и способноста за ефикасно управување со кризни ситуации, со посебен акцент на заштита на патниците, персоналот и аеродромската инфраструктура.
МВР се заблагодарува на сите учесници кои учествуваа во подготовката и реализацијата на вежбата, ТАВ Македонија, Противпожарната служба и службата за итна медицинска помош при ТАВ Македонија.
Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија и во иднина ќе продолжат со заеднички активности и вежби, со цел континуирано унапредување на безбедноста и подготвеноста за справување со сите видови закани.
Македонија
Меџити: Над 8 милиони денари инвестиција за улицата 157
Во Гази Баба се финализира инфраструктурен проект што на оваа зона ѝ дава нов, модерен изглед и значително ги подобрува условите за граѓаните.
Работите опфаќаат асфалтирање на улицата 157, на делницата од џамијата до скалите кон булеварот, со што оваа улица се претвора во функционален и уреден простор.
Проектот е реализиран од почеток, вклучувајќи изградба на нова водоводна мрежа, функционална атмосферска канализација, јавно осветлување, квалитетен асфалт и уредени тротоари кои ја зголемуваат безбедноста и стандардот на живеење за жителите.
„Ова е инвестиција што директно се враќа кај граѓаните. Со над 8 милиони денари инвестиција создаваме модерна инфраструктура и подобри услови за живот за жителите од оваа зона“, изјави Меџити.
Вкупната вредност на проектот изнесува над 8 милиони денари, од кои 2,8 милиони денари се обезбедени од Министерството за животна средина за водоводната мрежа, додека околу 5,2 милиони денари се инвестиција на Општината за останатиот дел од проектот.
Македонија
Работилница на ЗНАМ и ИФЕС: Спречување на насилство врз жените во политичкиот живот
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), организираше еднодневна работилница на тема „Одговорна, инклузивна и резистентна организација: Справување со насилството врз жените во политиката“.
Работилницата обедини претставници од скопските општински организации, со цел зајакнување на капацитетите за препознавање, превенција и справување со различните форми на насилство врз жените во политичкиот живот.
Учесниците имаа можност да разменат искуства и практики, како и да дискутираат за унапредување на внатрепартиските механизми за заштита, поддршка и промоција на родовата еднаквост.
На работилницата се обрати Мирослав Лабудовиќ, претседател на Градската организација на ЗНАМ, кој ја истакна важноста од системски пристап во справувањето со насилството врз жените во политиката и потребата од континуирано јакнење на организациските капацитети. Обучувач на настанот беше Каролина Леаковиќ, меѓународна консултантка за родова и социјална инклузија, која преку интерактивен пристап ги презентираше современите стандарди и алатки за градење инклузивни и отпорни политички организации.
