Македонија
Во средата издадени потврди на 2.303 мигранти
Во средата од страна на МВР биле потврди на вкупно 2.303 странски државјани, од кои, 1.261 се од машки пол, 395 се од женски, 443 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 204 деца кои патуваат без родител, а според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-1.399, Авганистан –479, Ирак-283, додека другите се во помал број.
Во периодот од 19-ти јуни до 15-ти октомври, издадени се потврди на вкупно 143.279 странски државјани, од кои, 92.835 се од машки пол, 19.438 се од женски, 25.364 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 5.642 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-99.903, потоа Авганистан-22.766, Ирак-10.186, Пакистан-3.547 Палестина-1.447, Иран-1.410, Сомалија-794, Бангладеш-784, Конго-431, Нигерија-240, Камерун-207, Еритреја-200, Етиопија-149, Судан-125, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 15-ти октомври, до Одделението за азил се поднесени 70 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 51 барања се од државјани на Сирија, од нив 15 за деца, потоа пет барања од државјани на Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, три барања од државјани од Пакистан , по две барања од државјани од Мароко, Либан, Палестина, Алжир и Ирак (четири од барањата се за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 14-ти октомври евидентирани се четири баратели на азил, сите мажи. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита 4 баратели на азил ( малолетно лице без придружба на старател, малолетно лице со придружба на старател и двајца мажи ) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.