Македонија
Вработените во „Комуналец“ Гостивар по 13 години добиваат здравствено осигурување
Вработените во „Комуналец“ Гостивар по 13 години добиваат здравствено осигурување. Во посета на претпријатието денеска беа министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
„Денес сме овде да соопштиме за корекција на една долгогодишна системска неправда од здравствениот систем – 109 вработени во ЈКП ‘Комуналец’ Гостивар од 2013 година се оставени без здравствено осигурување, не поради своја вина, туку поради наталожено институционално игнорирање, неодговорност и молк на тие што со години требало да го решаваат овој проблем, а не го решиле. Со одлуката на Фондот за здравствено осигурување за склучување спогодба за отплата на долгот на рати, конечно ставаме крај на една состојба која не смеела ни да постои толку долго. Овие 109 вработени конечно го добиваат назад тоа што одамна требало да им биде гарантирано – правото на здравствено осигурување. Не станува збор за подарок или привилегија, станува збор за основно човеково право на овие луѓе“, истакна министерот Алиу.
Воедно, тој порача дека не смее работникот да биде казнет затоа што системот бил пасивен и не смее никој што секојдневно работи и му служи на својот град да остане без здравствена сигурност затоа што некој со години бегал од одговорноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
Унгарија не смее да биде прибежиште за криминалци, рече Маѓар и го спомена и Груевски кој таму доби азил
Новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан да им одобри азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службената должност.
Тој порача дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„И тоа не важи само за нив, туку и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија“, изјави Маѓар.
Македонија
Променливо време со врнежи до четврток, најобилни на исток
Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека попладне и во текот на ноќта во јужните и западните делови се очекуваат локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието и засилен ветер од југоисточен правец, со брзина над 60 километри на час.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 10 степени, а максималната ќе достигне меѓу 17 и 22 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 21 степен.
Во наредните денови, до четврток, времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток во источните делови, каде ќе има и услови за ретки грмежи.
Во петок ќе преовладува облачно време, додека во сабота ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне ќе биде сончево, а попладне повторно ќе има услови за дожд, особено во западните делови.
