Македонија
„Вреди“ за протестите: Зошто Ахмети се крие зад студентите, го потпалува огнот позади, додека ги турка другите напред
Вистината мора да се каже јасно и гласно: студентите протестираа против неправда која потекнува токму од времето на владеењето на ДУИ. Сите Албанци знаат дека правосудниот испит никогаш не се одржувал на албански јазик.
Протестот е демократско право и никој тоа не го оспорува. Но, ние реагираме против оние кои се обидуваат да го манипулираат истиот за политички цели, велат од „Вреди“.
„Денес на протестот, без ни малку срам, се појавија и двајцата главни виновници што правосудниот испит не се одржува на албански јазик: Муса Џафери и Блерим Беџети.
Токму тие што денес се обидуваат да ја разгорат оваа тема, ја користеа власта за лично богатење во периодот кога проблемот требаше да биде решен.
Почитувани студенти, ние отворено разговаравме со вас. Го прифативме вашето барање и ви ветивме дека проблемот ќе биде решен.
Вие побаравте правосудниот испит да биде на албански јазик, а ние работиме сите професионални испити да бидат достапни и на албански јазик.
Во таа насока, денес во Владата се одржа средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателите на „Вреди“. Затоа со целосна сигурност ви порачуваме: многу скоро испитите ќе бидат и на АЛБАНСКИ ЈАЗИК.
Албанците не се наивни. Тие многу јасно гледаат дека зад оваа врева не стои грижата за студентите, туку борбата за изгубената власт.
Затоа, вистинското прашање е: Зошто Али Ахмети се крие зад студентите? Зошто не им кажува на Албанците дека ова прашање не го реши кога целата власт беше во негови раце“, прашуваат од оваа партија.
Како што додаваат, уште еднаш, Али Ахмети покажа дека „го фрла каменот, а ја крие раката“.
„Го потпалува огнот од позади, додека ги турка другите напред, а потоа се обидува политички да профитира“.
Ова прашање, според „Вреди“ не смее да се претвори во судир меѓу институциите и студентите.
„Студентите се наши деца.
Затоа ги повикуваме студентите да не подлегнуваат на политички манипулации и да имаат доверба дека ова прашање веќе е преземено од „Вреди“ и дека неговото решение е многу блиску.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопјанка без дозвола изградила куќа во Трпејца, СВР Охрид ѝ поднесе кривична пријава
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.Д.(57) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“, соопшти денес портпаролот на Секторот за внатрешни работи Охрид, Стефан Димоски.
Скопјанката на катастарска парцела во охридското село Трпејца, без одобрение за градба издадено од надлежен државен орган, изградила индивидуална семејна куќа. Тоа било констатирано по спроведен вонреден инспекциски надзор од страна на овластен градежен инспектор кој, врз основа на затекнатата состојба, донел решение за отстранување на градбата.
Македонија
За околу два месеца ќе имаме целосно нов, модерен аеродром во Охрид, кажа Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски денес, по обиколката на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ кажа дека реконструкцијата е во завршна фаза. Заедно со директорот на ТАВ, Неџат Курт, Николоски денес направи увид во градежните работи на аеродромот.

Министерот Николоски вели дека реконструкцијата е во завршна фаза
„За околу два месеци, ќе добиеме целосно нов модерен аеродром“, рече министерот Николоски по обиколката на аеродромот.
Вицепремиерот Николоски уше еднаш кажа дека оваа модернизација на охридскиот аеродром е за првпат од неговата изградба и треба да овозможи зголемување на капацитетот на патници и бројот на нови авиолинии.
“Реконструкцијата и надградувањето на охридскиот аеродром е нешто што долго време му требаше на аеродромот и еве конечно се случува. Некаде за два месеци од денес ќе имаме аеродром кој што ќе изгледа како вчера да се изградил, целосно ново решение, проширување на терминалната зграда, проширување на делот за слетување, проширување на делот за полетување, значи за патници на доаѓање, патници на заминување што дополнително ќе значи голем економски стимул. Ако на тоа го ставиме и автопатот Охрид -Кичево, делот кој што води до аеродромот, гледате дека веќе е завршен, за брзо време ќе имаме отворање на нови делници од овој автопат, тоа значи една целосна преродба за целиот регион“, рече министерот Николоски.

Николоски беше во обиколка на аеродромот во Охрид заедно со директорот на ТАВ, Неџат Курт
Денес на охридскиот аеродром слета првиот авион од Ворцлав, Полска, а во вторник се очекува да биде воспоставена нова линија и со полскиот град Катовица.
Македонија
(Видео) Филипче ќе ја враќа партијата на суштината на социјалдемократијата: „Твоја држава – твоја шанса“ е морален завет на СДСМ
Денес пред нас стои првиот Конгрес на новата одговорност, денес не ни треба нов партиски речник, туку ни треба нов морален завет, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава – твоја шанса“.
Во обраќањето, Филипче посочи дека целта на овој Конгрес не е да биде само свечено усвојување на нова идеолошка платформа, туку враќање на СДСМ кон суштината на социјалдемократијата.
„Денес сме собрани не само за да изгласаме документ. Туку да одлучиме дали СДСМ ќе стане тоа што отсекогаш требало да биде: совест на државата, глас на трудот, заштита на понижениот човек и политичка храброст во моменти кога таа е најпотребна. Денес не ни треба нов партиски речник, туку ни треба нов морален завет. Тој завет почнува од трудот. Од работникот што станува рано, а легнува со страв. Од жената што работи две смени секој ден, едната за плата, другата дома без никакво признание. Од младиот човек што учи, дипломира и пак не знае каде ќе заврши додека мечтае да отпатува во еден правец. Од земјоделецот што ја знае цената на секоја капка пот, а не ја знае цената по која ќе му го откупат родот. Од малиот стопанственик што плаќа сè додека големите бизниси наоѓаат дупки во системот. Од пензионерот што не бара луксуз, туку едноставно сака мир“, рече Филипче.
Во воведното обраќање пред членовите на СДСМ и коалицијата, пред сестринските социјалдемократски и прогресивни партии од Европа и регионот, и пред другите присутни гости, Филипче порача дека вистинската социјалдемократија не ја мери државата по висината на говорницата, туку по квалитетот на живот на граѓаните.
„По висината на платата, по правото на лекување, по квалитетот на училиштето, по достоинството на пензионерот, по сигурноста на работникот, по шансата на младиот човек да остане дома не од инает, туку од надеж. Таа не верува во милостина, туку во праведност. Социјалдемократијата значи траен систем што му овозможува на секој чесен човек да живее од својот труд. Тоа е и духот во кој европските социјалдемократски партии ги дефинираат своите вредности: демократија, слобода, еднаквост, солидарност и правда“, рече Филипче.
Тој додаде дека Социјалдемократијата никогаш не била само партиска боја, ниту изборен украс, ниту пак збор што убаво звучи во кампања. Социјалдемократијата е длабоко човечка идеја.
„Таа почнува од едно едноставно, но големо убедување: дека државата не постои за силните да станат уште посилни, туку за послабите да не останат сами. Дека слободата без еднаква шанса е привилегија. Дека пазарот без правила станува џунгла. Дека профитот без одговорност станува алчност. Дека патриотизмот без грижа за обичниот човек е само мачкање очи“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
