Македонија
Заев до Оланд: Сочувство и силна поддршка по ужасните терористички напади
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев по ужасните терористички напади во Париз упати телеграма со сочувство и поддршка до францускиот претседател Франсоа Оланд, до семејствата на жртвите и до граѓаните на Париз и Република Франција.
„Изразувам искрено и длабоко жалење и сочувство, за жртвите во грозоморните терористички напади што минатата ноќ го потресоа Париз и светот, во мое име, во име на Социјалдемократскиот сојуз и на граѓаните на Република Македонија.
Ја споделуваме огромната болка. Нашите мисли од синоќа се кон стотиците жртви и повредени во тешките терористички акти, со нивните семејства и со граѓаните на Република Франција.
Нападите на Париз се напад врз целото човештвото.
Никој нема право да го одзема мирот, спокојот, сигурноста и безбедноста на граѓаните каде и да живеат.
Ужасните вести, фотографии и снимки од експлозиите на повеќе локации во Париз, стадионот Стад д Франс, концертната сала Батаклан што се уште ги вознемируваат граѓаните на Франција но и целиот свет се мотив уште пообединето да се застане на патот на злото на 21 век, тероризмот.
Даваме силна поддршка на Вас претседателе Оланд, на државниот врв на Франција и на граѓаните во земјата, за смирено, мудро и одлучно справување со предизвикувачите на инцидентите со трагични последици во огромни размери.
Се солидаризираме во таа битка на граѓаните на Франција и се ставаме на располагање да помогнеме според нашите можности“, се вели во телеграмата./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор, бидејќи се прекршил Законот за техничка влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морале да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничка влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот Управен суд донесе две пресуди во моја корист со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер не произведуваат правно дејство. Истото се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и започнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.