Македонија
„Зајакнувањето на жените значи зајакнување на целото општество“
Со цел да се засилат гласовите на младите жени како двигатели на промени и да се истакнат напредокот и предизвиците во областа на родовата еднаквост, Меѓународниот ден на жената беше одбележан со низа активности кои ја нагласија потребата од повторно потврдување на заедничките заложби за родова еднаквост, правда и дејствување.
Настанот, организиран заеднички од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Обединетите нации во Северна Македонија, е дел од активностите за одбележување на Меѓународниот ден на жената 2026, кој на глобално ниво се одбележува под мотото „Права. Правда. Акција за сите жени и девојки“.
Настанот имаше за цел да го промовира женското лидерство во Северна Македонија преку отворање на прашањата што ги засегаат младите жени во стремежот кон лидерски улоги, споделување искуства на актуелни жени лидери и промоција на менторска мрежа за млади жени.
Државниот секретар за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу во своето обраќање се осврна на неодамнешната трагедија која го потресе целото општество и како што рече „ зад таа трагедија стојат многу прашања, за системот, за насилството, за одговорноста на институциите но и за одговорноста на секоја индивидуа. Тој порача дека овој 8 Март не е ден само на честитки и славење туку и една симболика да се изгради систем кој ќе функционира и индивидуи кои ќе носат и лична и општествена одговорност. Притоа се осврна и на регулативата во државата која ги адресира одговорите на предизвиците во оваа област.
„Направивме значајни чекори во борбата против родово базираното и семејното насилство. Донесовме Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, ги зајакнавме кривичните одредби со јасна дефиниција на родово базирано насилство и воведување на нови кривични дела, и подготвивме Национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано и семејно насилство 2026–2033, која ќе придонесе за појасен, покоординиран и поодговорен систем. Паралелно, воспоставивме мултисекторски услуги за поддршка на жртвите и инвестиравме во подигање на јавната свест. Но законите и институциите се само дел од решението – вистинската промена почнува со одговорност кај секој поединец.“ истакна Сабриу.
Преку засилување на гласовите на младите жени како двигатели на промени, дијалогот има за цел да ги инспирира нивните лидерски амбиции, да ги поврзе реформите со процесот на зајакнување на жените и повторно да ги потврди заедничките заложби за родова еднаквост, правда и акција.
„Како најстар и најголем универзитет во државата, УКИМ носи посебна одговорност. Преку образованието не ги обликуваме само професионалните патеки на студентите, туку и вредносниот систем на општеството,“ истакна ректорката проф. д-р Биљана Ангелова.
За Рита Колумбија, Постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, младите жени можат да водат трансформативни промени, да поттикнат иновации и да бидат јавни лидери во своите заедници и во општеството во целина. Сепак, со векови жените се соочуваат со бариери и предизвици во остварувањето на своите соништа и цели.
„Во 21 век, жените и девојките не треба да се соочуваат со правни или системски пречки за да го остварат својот потенцијал. Девојчињата и момчињата, жените и мажите треба да имаат еднакви можности; сепак, на девојчињата и жените им е потребна посилна поддршка од општеството за да ги искористат можностите сè додека родовата еднаквост не стане целосно и безусловно прифатена. Како што рече Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш: „Родовата еднаквост ги издигнува општествата. Кога моќта се споделува, слободата се проширува“, изјави Колумбија.
Повеќе од 100 млади лица, претставници на Владата на Северна Македонија, универзитетски професори, претставници на граѓанскиот сектор, како и претставници на Обединетите нации и дипломатската заедница, учествуваа на дијалог на високо ниво посветен на младите жени и жените лидери, кој се одржа денес на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Законодавството, како што е она произлезено од Истанбулската конвенција, е од суштинско значење за обезбедување значајна заштита, зајакнување и правда за жените и девојките. Но, сите ние имаме заедничка обврска да обезбедиме негово доследно спроведување, за да можат сите жени и девојки да го остварат својот потенцијал и да бидат двигатели на општествените промени“, ова е заклучокот од настанот одржан денес во Скопје по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 7 месеци пауза, Вардариште повторно гори, велат од „Стоп за Вардариште“
По протестите и јавниот притисок што се случуваа кон крајот на минатата година, Вардариште не гореше цели 7 месеци, но денес повторно сме сведоци на истото сценарио: чад, загадување, тешка миризба и директна закана по здравјето на граѓаните. Ова е последно предупредување од наша страна, велат од „Стоп за Вардариште“.
Од таму велат доколку не се стави целосен крај на загадувањето, ќе има блокади.
„Доколку не се испочитува договореното, не се стави целосен крај на загадувањето што го предизвикува Вардариште и ваквите палења се повторат, нема да останеме мирни, а ќе бидеме приморани и на потенцијално ново активирање на блокадите. Ги повикуваме сите надлежни институции да реагираат итно и со највисок степен на сериозност, а Министерството за внатрешни работи да го вратат полициското присуство на депонијата“, велат од „Стоп за Вардариште“.
Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Утре времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има повремен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Следува период на променливо облачно и релативно топло време. Во петок и во деновите од викендот времето ќе биде претежно стабилно и ќе дува умерен до засилен северен ветер. Од понеделник повторно се очекуваат локални врнежи од дожд и изолирана појава на грмежи.
Македонија
Муцунски – Прево: Белгиска поддршка на Македонија во нејзината европска интеграција
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во официјална посета на Република Северна Македонија престојува заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија, Максим Прево.
Централни теми на разговорите беа напредокот, развојот и перспективите на севкупните билатерални политички и економски односи со Белгија, со посебен акцент на процесот на проширување на Европската Унија и, во тој контекст, реафирмирањето на натамошната белгиска поддршка на македонската европска интеграција.
Министерот Муцунски изрази задоволство од билатералните односи меѓу двете земји и упати благодарност за принципиелната и конструктивна белгиска поддршка во процесот на евроинтеграција. Тој нагласи дека Владата е цврсто посветена на спроведување на клучните реформи, вклучително Реформската агенда, како и на целосно усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
„Особено ја цениме јасната позиција дека евроинтегративниот процес мора да се темели на исполнување на копенхашките критериуми од страна на земјите кандидати, но и на подготвеноста на самата Европска Унија да ги спроведе неопходните внатрешни реформи за прием на нови членки“, истакна министерот Муцунски.
Заеднички беше оценето дека македонско-белгиските односи се на високо ниво, при што беше реафирмирана подготвеноста за нивно натамошно продлабочување, особено во делот на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и привлекувањето нови белгиски инвестиции.
Министерот Прево истакна дека Белгија останува посветена на унапредување на билатералните односи, врз основа на традиционалното пријателство и меѓусебната доверба. Тој изрази задоволство од посветеноста на земјава кон реформските процеси и европската интеграција, особено во делот на усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и потврди дека Белгија ќе продолжи да биде силен поддржувач на процесот на проширување, врз основа на постигнатите резултати.
На средбата стана збор и за актуелните геополитички предизвици. „Разговаравме и за потребата од мудри, но и храбри геостратешки одлуки во време кога европската безбедносна архитектура се соочува со сериозни искушенија“, заклучи министерот Муцунски.
