Македонија
Засилени контроли и затворање објекти за храна пред почетокот на туристичката сезона
Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува засилени контроли во туристичките центри пред почетокот на туристичката сезона.
Од почетокот на овој месец вонредни, засилени контроли во туристичките места, инспекторите за храна и официјалните ветеринари спроведоа во охридско- струшкиот регион и во Дојран. Со цел спречување на евентуални труења и инфекции кои лесно можат да се случат како последица на високите температури, со вонредните контроли биле опфатени хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе барови, маркетите, летни тераси и други објекти, кад се очекува зголемена фреквенција на туристи.Со вонредните контроли во охридско-струшкиот регион опфатени биле 101 угостителски објект, а за констатираните недоследности издадени се 34 решенија за нивно отстранување, две решенија за забрана на вршење на дејност, наплатена е глоба во висина од 4.000 евра во денарска противвредност и издадени се осум покани за едукација. Исто така, од страна на инспекциските служби на Агенцијата, уништени се и 229 килограми небезбедна храна од животинско потекло. При спроведените контроли на 12 оператори со храна во Дојран, од кои шест сé уште не биле почнати со работа, од страна на инспекциските служби на Агенцијата не се евидентирани поголеми отстапувања кога е безбедноста на храната во прашање. При спроведените вонредни засилени контроли во угостителски објекти во Скопје, од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари посетени се 14 кафеани и ресторани. Поради констатирани недоследности кои се однесуваат на несоодветни услови за чување и манипулација на храна од животинско потекло, како и заради несоодветна (нечитлива) декларација на производите, од страна на инспекциските служби како небезбедна нештетно се уништени 60 килограми храна од животинско потекло. На тројца оператори изречена им е и мерка за времено затворање на објектите. Инспекции имало и во супермаркетите каде што биле најдени јајца со продолжен рок на траење. Нештетно се уништени околу 6 илјади јајца, на кои, спротивно на одредбите од Законот за безбедност на храната, им бил продолжен рокот на употреба, односно, за истите, место 28 дена, на амбалажата бил испечатен рок на употреба подолг од 30 дена. Станува збор за јајца на кои не им бил истечен рокот на употреба, кои најголемиот дел не биле пласирани на пазарот, односно истите со извршената контрола се пронајдени во магацинот на производителот. Сосема мали количества од овој прехранбен производ, пронајдени биле и во малопродажната мрежа. За овој прекршок на операторот со храна „6 браќа” од скопско Батинци му е изречена парична казна во висина од 5 илјади евра за правното лице и 500 евра во денарска противвредност, за одговорното лице.Инаку, на овој оператор со храна, за истиот прекршок, во март годинава му е изречена парична казна во ист износ, бидејќи со спроведена контрола на пазарот, констатирано е дека истиот пуштил во промет 5 илјади јајца со деклариран подолг рок на употреба од законски пропишаниот. Од страна на официјалниот ветеринар му било издадено решение за забрана за пуштање во промет. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи: Европскиот фронт е голема идеја чие време е дојдено
Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи, вечерва на митинг пред граѓаните на Кичeво изрази благодарност до лидерите на Европскиот фронт и коалицијата која, како што вели Османи, е продолжение на битките во континуитет една по една, за разбивање на замоците на етничките монополи.
„Европскиот фронт не е политичка партија. Европскиот фронт не е ни коалиција на политички партии, Европскиот фронт е голема идеја. Тоа е одлична идеја чие време дојде, лавина што ги собра соништата на секој граѓанин на оваа земја, за еднаквост, за правда и просперитетен живот во ЕУ. И ова го гледам како ентузијазам, како насмевка во секое населено место каде што одам, бидејќи Европскиот фронт е трета унија, но сега со малку поинаква димензија“, истакна Османи.
Кандидатот на Европскиот фронт, Османи понатаму истакна дека останува уште едена последна тврдина на етничкиот монопол.
„Тврдината која нè загрижува сите и секогаш ни го дава тој сигнал дека се уште не е сè како што треба, сè уште нема еднакви можности за сите, таа е тврдината на првиот претседател. Значи, браќа и сестри, се натпреварувам, на 24 април да ја разберете тежината на оваа мисија, дека вашиот глас не е само за мојата кандидатура, вашиот глас, вашата поддршка е за да ја разбиете последната тврдина на етничкиот монопол и за заокружување на еднаквоста на сите заедници во нашата заедничка држава“, заклучи Османи.
Македонија
Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково
Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково. Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме во агробизнис, грантови и земјоделци Ќе ги поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството на регионот на Липково и Куманово. Ова беа дел од пораките кои претседателскиот кандидат Арбен Таравари ги испрати вечерва од општина Липково. Оваа општина ја донесе ДУИ на власт а како награда добива само штета, неправда и лошо владеење.
„Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ“, нагласи Таравари во својот говор.
Но, според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани, кој ВРЕДИ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.
„Ќе донесеме повеќе правда, прво за политичките монтирани случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор. Никогаш не го забораваме војникот на слободата и жител на овој крај, Реџаил Ќерими, кој неправедно беше држен во затвор 13 години и почина во ќелијата кога отворено се знаеше дека нема врска со она за што го обвинуваа, изјави Таравари.
Меѓу другото, Таравари од Липково повтори дека со доаѓањето на ВРЕДИ на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои исто така рече дека ќе се затворат.
Македонија
Кои се седнатите на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти, прашува Силјановска-Давкова
Ги нема сликите низ весниците кои се најдобар доказ, бидејќи сликите понекогаш повеќе кажуваат од зборовите, за тоа кој е кој во ова корупциско и криминално гнездо, вели професорката Горданa Силјановска -Давкова вечерва од Велес.
„Колку претседатели сте виделе, колку премиери сте виделе, колку министри за внатрешни работи сте виделе седнати на софра со најголемите криминалци од Грчец, Шиша бар, со оние од убиствата во Ханиоти? Може да се сликате со некого на улица, ама на софра да бидете тоа значи дека сте во спрега. Значи, во право е претседалот на ВМРО-ДМПНЕ кога вели дека, не само со чинење, не само со криминални активности, туку и со замижување пред криминалот и корупцијата вие сте соучесник во нив, посочи Силјановска Давкова и додаде:
„Во овие избори има нешто специфично, до ѕидот сме доведени. Вие заслужувате власт соодветна на вашето достоинство, власт од којашто нема да се плашите и срамите, туку ќе се гордеете“, порача вечерва од Свети Николе, кандидатката за претседател на државата, поддржана од ВМРО – ДПМНЕ и коалициските партнери