Македонија
„Заслепен е од забавите во Дубаи“ – Мицкоски по изјавите на Филипче дека Бугарија не ни го негира идентитетот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на вчерашната изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче кој вели дека не гледа каде Бугарија го негира македонскиот идентитет, иако свесни сме, гледаме и чувствуваме како тоа влијае на нас, изјави:
„Па видете, претпоставувам дека претседателот на СДСМ сè уште ужива во оние забави во Дубаи, под импресија на музицирањето на еден српски фолк автор и пеач. И занесен од сето тоа, а богами и заслепен, не успева да види, нити да слушне тоа што се случува од 2022 година па наваму. Односно од моментот кога Владата на СДСМ и ДУИ ја прифати таа историска капитулација, со којашто покажа и докажа уште еднаш дека е мекото ткиво на македонскиот идентитет и тоа нема да остане така, како што тие мислат дека ќе остане.
Јас жалам што тие повторно одлучија да коленичат на туѓите интереси, наместо да застанат рамо до рамо со Владата, во одбрана на националните интереси. Но, добрата вест е што набргу ќе има избори, после тие избори ќе се случи, нели да партијата којашто тој ја предводи, се маргинализира. И јас се надевам дека и тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката и ќе дојдат луѓе коишто си ја сакаат, си ја љубат татковината, коишто се вистински патриоти и коишто ќе се борат за оваа држава заедно со оваа Влада и со мене.“
Филипче вчера изјави: „Не сме чуле никаде од Бугарија дека го негира нашиот идентитет. Владите на СДСМ не направија ништо што ја загрозува иднината на нашата држава“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Каков блам, следно е Филипче да држи прес за колекционерство на салфетки и за нумизматика
Тешка срамота е во што се претвори некогаш важната СДС. Од партија што барем глумеше сериозност, денес остана политичка група што држи прес-конференции како да е комбинација од театар на апсурд и ефтина претстава, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Порелевантни се информациите за временска прогноза отколку пресовите на лидерот на СДС.
Следно е да излезе со драматична конференција за нумизматика, колекционерство на салфетки или анализа на ретки поштенски марки.
Човекот со половина прес зборува за пасоши, со друга половина за НАТО, па скока на Преспански, па завршува со уставни измени, како политички подкаст пуштен на shuffle.
И сето тоа со патетичен тон на човек што мисли дека открил државен заговор, а всушност само признава дека СДС веќе нема ниту тема, ниту правец, ниту политичка тежина“.
Најтрагично, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е што токму тие што ја распродаваа државата денес држат лекции за патриотизам, идентитет и Европа.
„Истите тие што ветуваа „живот“, а оставија пустош, криминал, понижувања и национални отстапки, сега се обидуваат да глумат морални авторитети.
СДС денес не е опозиција. СДС е политички стенд-ап без публика“.
Македонија
Филков за протестите за полагање на правосуден испит: Македонскиот јазик не е пречка, тој е обврска
Најостро реагирам на обидот, полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок, реагира министерот за правда Игор Филков за протестите.
„Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем.
Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.
Правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица. Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството“.
Министерството за правда, додава тој, останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок.
Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата.
Македонија
Муцунски на затворањето на македонското претседателство со AII/EUSAIR: „Напредокот од ова претседателство покажа дека кога дејствуваме заедно, можеме да испорачаме резултати“
Со одржувањето на 11-от Форум на Јадранско-јонската иницијатива (AII) и Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), што се одржа во Скопје, државата успешно го заокружи своето едногодишно претседателство со AII/EUSAIR за периодот 2025–2026 година, информираат од МНР.
Форумот, кој обедини високи претставници на владите, европските институции, регионалните организации, академската заедница, граѓанскиот сектор и младите, претставуваше значајна можност за потврдување на заедничката посветеност кон европската интеграција, регионалната соработка и одржливиот развој на Јадранско-јонскиот регион.
Во текот на претседателството, Северна Македонија работеше под мотото „Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина“, ставајќи посебен акцент на проширувањето на Европската Унија, подобрувањето на регионалната поврзаност и продлабочувањето на соработката меѓу земјите членки на ЕУ и земјите кандидати.
Усвојувањето на денешната декларација испрати силна политичка порака за значењето на политиката на проширување како геостратешки приоритет на Европската Унија. Декларацијата ја потврдува потребата од кредибилен, предвидлив и на заслуги заснован процес на пристапување, како и од продолжување на реформските процеси и усогласувањето со европските стандарди.
Во рамки на претседателството беше постигнат и конкретен напредок во унапредувањето на транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност на регионот, со што се создаваат подобри услови за економски развој, инвестиции и поголема мобилност на граѓаните и бизнисите.
Државата во текот на својот мандат посвети особено внимание и на инклузивноста и учеството на младите, граѓанското општество и академската заедница, препознавајќи ги како важни чинители во градењето на долгорочна регионална стабилност и соработка.
Во рамки на Форумот свое обраќање имаше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој истакна дека претседателството било „за континуитет и одговорност, но пред сè – за резултати“, додавајќи дека она што започнало во Њујорк прераснало во претседателство фокусирано на реализација, практична соработка и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на клучните достигнувања за време на претседателството, министерот Муцунски истакна дека е зајакната европската перспектива на регионот преку континуиран дијалог и координирано дејствување, при што дополнително била потврдена улогата на AII и EUSAIR како важни платформи за поврзување на Европската Унија со земјите кандидати. Воедно, бил постигнат напредок во транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност, како и во интегрирањето на приоритети поврзани со дигиталната трансформација, циркуларната економија и отпорноста на регионот. Посебен акцент бил ставен и на инклузивноста, учеството на младите и улогата на граѓанското општество и академската заедница во процесите на одлучување.
Говорејќи за усвоената декларација, Муцунски порача дека таа „не е само резиме на дискусиите, туку израз на заедничка решителност“, потврдувајќи ја посветеноста кон меѓународното право, европските вредности и заедничкото справување со геополитичките предизвици.
На крајот од обраќањето, министерот истакна дека претседателството завршува „со чувство на исполнетост, но и со јасна свест дека работата продолжува“, изразувајќи уверување дека Италија успешно ќе го продолжи процесот во периодот 2026–2027 година. Тој упати благодарност до сите партнери, колеги и пријатели за соработката и посветеноста во текот на годината, нагласувајќи дека „регионот не е поврзан само географски, туку и преку заеднички вредности, заедничка цел и заедничка европска амбиција“.
Со завршувањето на претседателството, Северна Македонија испраќа јасна порака дека регионалната соработка носи конкретни резултати и дека заедничката европска иднина на регионот останува заедничка стратешка определба.
Претседателството со AII/EUSAIR официјално преминува кај Италија за периодот 2026–2027 година. Северна Македонија останува целосно посветена на натамошната поддршка и унапредување на јадранско-јонската соработка и европската перспектива на регионот.
