Македонија
Заврши покривањето на градскиот пазар во Прилеп
Во Прилеп заврши покривањето на градскиот пазар, со што во последната фаза беше покриена површина од околу 830 м2, инвестиција која чинеше околу четири милиони денари, а парите беа обезбедени преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион од Бирото за регионален развој.
„Станува збор за регионален пазар каде има и продавачи и купувачи од целиот регион и токму тоа за нас беше доволна причина за да со средства од Бирото за регионален развој овој проект го препознаеме како регионален и истиот го реализираме. Мислам дека самата слика покажува што значи ова за купувачите и продавачите, пред се тоа е заштита од временските услови и добивање на еден унифициран изглед на пазарот. Во пазаришни денови тука гравитираат и по неколку илјади луѓе и убедени сме дека за брзо време ќе ги почувствуваат предобивките од оваа интервенција“, вели Емилија Ѓероска, Центар за развој на Пелагонискиот плански регион.
Од општина Прилеп велат дека покривањето на пазарот се работело во неколку фази и започнало пред околу осум години. Сега пазарот прераснал во еде од најмодерните пазари во регионот.
„Пазарот е комплетно поплочен, комплетно покриен, а со овој проект се создадоа подобри услови и за тие кои продаваат и за тие кои купуваат и доаѓаат тука во огромен број особено во среда и сабота. Пазарот претставува еден од капиталните објекти на локалната самоуправа бидејќи претставува лице на старата чаршија, на центарот на градот и тој е тој кој доста придонесува за развивање на локалната економија“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Секако најзадоволни од овој проект се трговците и граѓаните на Прилеп.
„Задоволни сме од тоа што се изгради и што добивме покриен пазар, сега ќе бидеме заштитени од разните временските услови, исто така ќе биде заштитена и нашата роба која ја продаме и мислиме дека и продажбата ќе се зголеми во иднина“, велат дел од трговците на пазарот.
Директор на ЈКП Пазари најави дека за брзо време ќе се реализираат уште два други капитални проекти.
„До крајот на годината имаме за реализација уште два проекти. Се работи за нови деловни објекти, дел од нив веќе ги пуштивме во употреба, дел веќе се во тек така што до крајот на годината и тие ќе бидат пуштени и во тек е постапка за поставување на подземни контејнери кои ќе бидат први вакви контејнери во Прилеп“, рече Пеце Димоски, директор на ЈКП Пазари.
Вкупната покриена површина на пазарот изнесува околу 5.000 м2. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.
Македонија
Одѕивот до 15 часот е 35,89 отсто, најмалку гласале во Центар Жупа, а најмногу во Новаци
До 15 часот до Државната изборна комисија пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 2.110 избирачки места.
Од вкупно запишани 1.092.341 гласач на овие избирачки места, гласале 392.066, односно 35,89 проценти.
Според податоците што се пристигнати досега, најголем одѕив е забележана во Новаци со 57,69 % а најмал во Центар Жупа, 13,11 %.
Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 233 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив, 38 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 21 приговор се отфрлени како неуредни, а 22 се одбиени. Другите приговори се во обработка.
На страницата rezultati.sec.mk може да се следи во живо одѕивот на гласачите, вкупен и по општини.
Македонија
ЕУ ќе му даде на Западен Балкан помош од две милијарди евра до 2027 година
ЕУ ќе додели две милијарди eвра грантови и четири милијарди поволни заеми за Западен Балкан од 2024 до 2027 година како дел од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан откога беше одобрен од Европскиот парламент на денешната пленарна седница.
„Инструментот е централен дел од планот за раст за Западен Балкан“, рече коизвестувачот Тонино Пицула на пленарната седница.
Станува збор за финансирање на шесте земји од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија. Во ноември минатата година Европската комисија го претстави Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кој ќе вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми.
Известувачи во име на Европскиот парламент беа хрватските европратеници Тонино Пицула и Карло Реслер.
Пицула беше коизвестувач на ЕП пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), а Реслер беше коизвестувач пред Комитетот за буџет (БУДГ).
Реслер за новинската агенција „Хина“ изјави дека тоа е инструмент споредлив со националните планови за закрепнување и отпорност, но за шест земји во Југоисточна Европа надвор од ЕУ. Тој посочи дека исплатата на средствата е поврзана со конкретни реформски активности.
Реслер апострофира дека ќе се води сметка за усогласување на надворешната и безбедносната политика и визната политика со ЕУ.
Црна Гора и Србија со години преговараат со ЕУ, Албанија официјално ги отвори пред две години, а Македонија само делумно, со оглед на тоа што за целосен почеток на преговорите неопходни се уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Лидерите на земјите членки на ЕУ во март донесоа одлука да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат.