Македонија
ЗНАМ: Истите тие што ја распродаваа Македонија парче по парче денес држат пресови за наводна корупција
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија со остра реакција на соопштението на СДСМ, обвинувајќи го актуелното раководство на партијата за криминал, корупција и, како што наведуваат, „бугарофилски политики“. Од партијата велат дека СДСМ преку, како што оценуваат, „лаги и политички памфлети“ се обидува да го дефокусира вниманието на јавноста од сопствените проблеми и падот на довербата.
Во реакцијата, ЗНАМ тврди дека постапката поврзана со деталниот урбанистички план во Куманово е целосно законска и транспарентна, посочувајќи дека иницијативата била поднесена од компанијата ЛИДЛ, а документацијата била јавно достапна во системот е-урбанизам. Од партијата нагласуваат и дека за предметниот опфат постои важечки ДУП уште од 2010 година.
Според ЗНАМ, вистинскиот проблем за СДСМ е што, како што наведуваат, во Куманово веќе осум години не функционирал „рекетарскиот модел на владеење“. Во реакцијата се истакнува дека градот се развива, се модернизира инфраструктурата и се вложува во повеќе области.
Партијата застана и зад лидерот Максим Димитриевски, за кого велат дека имал храброст да се спротивстави на, како што наведуваат, „штетните политики и националните понижувања“. Во реакцијата, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, повторно е прозван за наводни бизнис-релации во Бугарија, при што од ЗНАМ поставуваат повеќе прашања поврзани со фирмата POWER i8 Ltd. и, како што велат, компании поврзани со семејството Заев.
„Молкот на СДСМ за овие прашања е најголемото признание“, велат од ЗНАМ, додавајќи дека партијата ќе остане доследна на принципите на Илинден и АСНОМ и, како што наведуваат, нема да дозволи државата повторно да биде туркана кон „политичка сервилност и национални отстапки“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Улици под вода по невремето во Битола, службите на терен низ целиот град
Големите количини на дожд кои попладнево паднаа во Битола предизвикаа проблеми во нормалното функционирање во делови од градот.

Веднаш на терен излегоа екипи на ЈП „Нискоградба“ Битола при што интеренираа и интервенираат на следните места: – населба „Стрелиште“ на улицата „8 септемрври“ кај бензинската станица на „Лук оил“, – населба Карпош-Кланица на потегот кој излегува на улицата „Железничка“, – на улицата „Железничка“ на потегот кај „Император“ – населба „Стрчин“ на реката Курделес – улица „Патризанска“ пред Медицина на трудот, – Горно Оризари улица „Крте Нале“ одводниот канал, Раштански порој – улица „Бурса“. – улица „Цар Самоил“.

Исто така екипи на „Нискоградба“ ќе интервенираат на улицата која води кон село Раштани, а имаше и помали интервеници во „Бадембалари“, населбата „Баир“, на улицата „Широка“ каде решетките не можеа да ја соберат водата од ридот, потоа на улицата „Васко Карангелевски“ на стариот Курделес кој излегува на улицата „Смилевски конгрес“. Екипи на „Нискоградба“ ќе интервенираат и на патот за Брусник и Лавци.

Македонија
Лекарска комора ги додели годишните признанија и награди
Во Домот на културата во Кавадарци се одржа свечена манифестација по повод одбележувањето на 34 години од основањето на Лекарска комора на Република Северна Македонија. На настанот присуствуваа високи претставници на здравствените и образовните институции меѓу кои заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување д-р Сашо Клековски, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, деканите на медицинските факултети, претставници на стручните комори, како и бројни доктори и гости.
Во своето обраќање, претседателката на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, се осврна на активностите на Комората меѓу две годишнини, нагласувајќи дека изминатиот период беше исполнет со интензивна работа и стратешки активности на домашен и меѓународен план. Како клучен успех во изминатата година беше потенцирано полноправното членство на Лекарска комора во Европскиот совет на лекарски комори, остварено во март годинава, што овозможува директно усогласување со европските медицински стандарди и зајакнување на гласот на македонските лекари во Европа.
По однос на внатрешните предизвици, претседателката јавно укажа на сериозните структурни аномалии со кои се соочува македонското здравство, пред сè со хроничниот дефицит на доктори во одредени градови и специјалности што доведува до преоптовареност на клиниките и болниците во Скопје, додека капацитетите во внатрешноста остануваат недоволно искористени. Во своето излагање таа упати јасен апел до надлежните институции.
„Комората доставува барања и предлози, но ја нема моќта овие предлози да ги имплементира во пракса, бидејќи тоа го можат единствено креаторите на здравствените политики, а токму тие треба да покажат поголемо разбирање за суштинските барања на Комората затоа што докторите се најважниот ресурс во здравствениот систем и поседуваат стручно знаење и искуство за да поттикнат позитивни промени. Затоа, сметаме, дека во наредниот период треба суштински да се зајакне институционалниот дијалог со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, за реално да може да се спроведат вистински реформи“, истакна проф. д-р Старделова Гривчева.
Заменик-претседателот на Комората, доц. д-р Беким Исмаили, потенцираше дека Комората повеќе од три децении претставува столб на професионализмот, медицинската етика и континуираниот развој на здравствената дејност во нашата земја.
„Во изминатите 34 години, Лекарската комора одигра клучна улога во заштитата на интегритетот на лекарската професија, во унапредувањето на високите професионални стандарди и во поддршката на континуираната медицинска едукација. Благодарение на посветеноста и трудот на генерации лекари и здравствени работници, изградивме институција која ужива доверба и почит, како меѓу своите членови, така и во пошироката јавност“, рече доц. д-р Исмаили.
Во свечениот дел од настанот беа доделени годишните награди и признанија на истакнати поединци. Највисокото признание на Комората, наградата „Св. Наум Охридски“ за особени остварувања во областа на здравството му припадна на д-р Мевљудин Куч, а во негово име наградата ја прими неговиот син, д-р Златан Куч. Наградата „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата студенти по медицина со највисок просек ја примија Стеван Богданов од Медицинскиот факултет од Скопје, Александар Величков од Факултетот за медицински науки од Штип и Ерда Алиу од Факултетот за медицински науки од Тетово. Плакетата за најдобар научен труд објавен во официјалното гласило „Vox Medici“ им беше доделена на авторите Шкелќим Мухареми, Ѓулшен Селим, Лилјана Тозија, Јетмир Зиба, Никола Ѓорѓиевски, Игор Николов, Реџеп Селмани и Ванѓелка Коваческа Шавреска, за нивниот труд за дијагностичкиот предизвик кај хантавирусна инфекција.
Комората додели и благодарници за новинари и медиуми кои преку своите емисии посветени на здравството придонесуваат за подигнување на здравствената култура на населението. Признанија добија Билјана Дебарлиева („Фактор здравје“ – ТВ24), Севдије Метај („Про вита“ – МРТ2), Александар Динев и Сања Димитровска („Добриот доктор“ – Сител), Марија Атанасовска („Телма амбуланта“ – Телма), како и Арѓира Елмази и Арта Сефадини („Огледало на здравјето“ – Алсат М). Посебна благодарница му беше врачена на градоначалникот на Кавадарци, Јанчев, за неговата несебична поддршка, посветеност и континуиран придонес во македонското здравство, како и за покровителството на одбележувањето на годишнината на Комората.
Македонија
Новиот клинички центар сѐ уште е планиран кај „Борис Трајковски“, Владата преговара за земјиштето
Изградбата на нов клинички центар во Скопје и понатаму се планира во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а Владата веќе преговара со сопственикот на земјиштето за обезбедување на локацијата, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Според владиниот план, новиот здравствен комплекс треба да биде поврзан со ГОБ „8 Септември“ преку подземен тунел, со што на едно место би се интегрирале повеќе здравствени установи, меѓу кои и ПЕТ-центарот и Поликлиниката „Букурешт“.
Мицкоски рече дека парцелата на предвидената локација е во приватна сопственост и дека во тек се разговори за размена на земјиште. Тој оцени дека досегашниот тек на преговорите е задоволителен.
