Регион
(Видео) Македонскиот фудбалер Мирчевски и соиграчите спречиле поголема катастрофа во верижниот судир во Србија
Македонскиот фудбалер Мартин Мирчевски заедно со своите соиграчи Горан Антониќ, Јосип Чалушиќ, Ненад Филиповиќ и Ифет Ѓаковац се нашол на местото на верижниот судир на 12 возила во Србија и спречиле да дојде до поголема катастрофа.
Како што пренесуваат српските медиуми, младите мажи во бел автомобил го снимале невремето и го сведочеле на верижниот судир, но останале присебни. Бргу го поместиле автомобилот и ги предупредиле другите возачи да закочат бидејќи од правот што се кренал не се гледало ништо на патот.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како фудбалерите ги стопираат автомобилите викајќи: „Кочи, кочи, кочи!“
Da se pronadju ovi momci i nagrade!!! Svojom reakcijom su spasili život danas nekom!!!
💪💪💪👏👏👏❤️❤️❤️👍👍👍 pic.twitter.com/sk5p0DoKdO— Frojd od Šumadije (@DrDevla) March 28, 2023
Фудбалерите на ТСЦ од Бачка Топола детаљно раскажаа што се случувало на патот.
„Се враќавме од тренинг кога во близина на Суботица од силината на ветрот се крена облак прашина од почвата покрај патот, кој беше толку густ што, иако ја намаливме брзината, за малку не учествувавме во судирот. Низ тој облак прашина се обидовме да се пробиеме до другата страна на патот кога камионот налета на еден од автомобилите на средината на патот. Потоа, за да се тргнеме од патот, се спуштивме во каналот до него и се упативме на другата страна до дел каде што видливоста беше добра, од каде што забележавме дека се приближуваат други автомобили и дека не се ни свесни дека пред нив имало судир. Излеговме од автомобилот и почнавме да ги запираме по што повикавме брза помош, противпожарна единица и полиција. Се вративме на местото на несреќата и ги прашавме луѓето дали се добро и им кажавме дека набргу ќе пристигне брзата помош“, рече капитенот на ТСЦ, Горан Антониќ.
Шест патници се префрлени во Општата болница во Суботица, но ниту еден од учесниците во оваа сообраќајна несреќа не добил потешки повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.