Македонија
(Видео) Мицкоски за „Безбеден град“: Поддржувам да се прошири во целата држава, ќе трпиме критики, само да спасуваме човечки животи
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата од „Сејф сити“ којшто започна официјално денеска со пробниот период, изјави:
„Апсолутно ја поддржувам применета на „Безбеден град“ проектот и поддржувам негово проширување на целата територија на земјата. Некои велат тоа ќе донесе критика за Владата, тоа ќе донесе силен политички удар, јас велам подготвени сме тој политички удар да го издржиме, само да спасиме некој човечки живот. Затоа што само изминативе недела – две во строгиот центар на главниот град имавме три жртви, што повредени, што би рекол, луѓе коишто го изгубиле животот поради неприлагодена брзина или непочитување на сообраќајните правила.
Јас во разговори со министерот за внатрешни работи реков, подготвени сме како Влада да ги трпиме сите критики. Слушам некои од поранешни пратеници на поранешното владејачко мнозинство на СДСМ и ДУИ го критикуваат ова, возеле 52, 53, 55, па како добивале опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени, бидејќи си има правила што значи прилагодена и неприлагодена брзина. И ако еден човечки живот успееме да спасиме, еве јас сум подготвен целиот товар да го прифатам на себе и да ја прифатам целокупната политичка одговорност, па макар еден да спасиме човечки живот, поради тоа што дел од тие човечки животи се губат поради непочитување на сообраќајните правила, а најчесто тоа се случува со неприлагодена брзина. Ние алармиравме дека до ова ќе дојде, видовте во текот на еден ден колку сообраќајни прекршоци се направени. Голем дел од тие се затоа што несовесни возачи управуваат патнички возила коишто не се регистрирани. Дел од прекршоците, неколку илјади беа вчера поради тоа што поминале на црвено светло. Еве само вратете се назад и ќе видите колку луѓе го изгубија својот живот затоа што некој управувал патничко возило, не ја прилагодил својата брзина и поминал на црвено светло.
Ќе повторам, ако треба за тоа да го издржиме политичкиот притисок и удар, сето сум подготвен да го прифатам, само да спасиме човечки живот.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев му отпишал жито за 800.000 евра, а Николовски му вратил со грант од 1,4 милион евра
По аминувањето од страна на Заев и Филипче на владина седница за кусокот 2.000 тони жито вреден 800.000 евра, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа на својот ментор со грант од 1,4 милиони евра, средства од ИПАРД програмата, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Компанијата „Тргопродукт’’, која е една од најпознатите фирми во сопственост на Заеви, во тогашната 2022 година, добила грант вреден 1,4 милиони евра. За граѓаните да им биде појасно, станува збор за познатиот бренд на Заеви, „Мамас’’.
Уште по сомнително е тоа што овој грант во вредност од близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра, тогаш бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата.
Ги прашуваме Заев и Љупчо Николовски, дали станува збор за меѓусебен договор, откако Заев му аминува кусок од државните стокови резерви во вредност од 800.000 евра државни пари, а тој продаден завршува на црниот пазар во соседна држава по скоро двојно повисока цена? Дали Љупчо Николовски како тогашен министер преку своето влијание помогнал да Заеви добијат неповратен грант од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра? Уште колку вакви тендери и договори имаат направено овие луѓе? Дали можеби конечно и обвинителството и судството ќе се одважат и да ги проверат овие случаи“.
Според Манасиевски, менторот Заев, како што вели, добро ги обучил Љупчо Николовски и Венко Филипче да бидат негово продолжение на политичката сцена.
Манасиевски оценува дека народот веќе еднаш му пресуди на Зоран Заев, а сега му пресуди и на Венко Филипче.
„Се додека овие корумпирани и криминални ликови не се оттргнат од партијата, таа ќе продолжи да пропаѓа секојдневно“.
Македонија
(Видео) Тошковски: За 24 часа, регистрирани 110.000 прекршоци во сообраќајот
Камерите во Скопје забележале околу 110.000 прекршоци во сообраќајот за 24 часа. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кажа дека најголем дел од нив се однесуваат за пречекорена брзина на возење.
Министерот, исто така, кажа дека правилата ќе важат за сите, дури и за функционерите, и никој нема да биде поштеден ако направи прекршок. Кажа и дека системот „Безбеден град“ има слабости и дека остануваат отворени за секакви решенија што ќе придонесат за намалување на бројот на жртви во сообраќајот.
„Околу 110.000 за 24 часа само за Скопје, катастрофална бројка. Околу 1.000 прекршоци се за нерегистрирани возила, околу 5.000 за поминување на црвено, а најстрашно е што над 90 отсто или повеќе е пречекорување на брзина“, кажа Тошковски.
Тој уверува дека секој функционер што ќе направи прекршок ќе биде казнет.
„Најодговорно тврдам – ниеден функционер во рамки на редовно вршење на неговите јавни работи ако стори прекршок ќе биде казнет“, кажа тој и додаде дека нема да има селективен пристап за никого и никој нема да биде поштеден.
Министерот, исто така, кажа дека најмалку тројца шофери на министри се веќе казнети, но не сакаше да ги открие имињата на министрите. Појасни дека се казнети со запирање од страна на полициски службеник, а не преку „Безбеден град“.
Во врска со странските возачи, Тошковски кажа дека ниту странските возила нема да бидат исклучени.
„При излез од Македонија не можат да бидат спречени да излезат, согласно закон, но ќе бидат информирани дека нема да им биле дозволен влез во Македонија доколку нема да ја платат казната“, рече Тошковски.
Вчера почна пробниот период на проектот „Безбеден град“ кој ќе трае еден месец, а од 1 јануари 2026 ќе стартува и казнувањето.
Македонија
Почна изградбата на нова детска градинка во Дексион – Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров денеска го означи стартот на изградбата на новата детска градинка во урбаната заедница Дексион.
На настанот присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
Објектот е со површина од 900 м² со капацитет од 120 деца. Рокот за изградба е две години, а инвестицијата на општината изнесува 81.964.479,19 денари со ДДВ.
Објектот, како што е соопштено, е проектиран според највисоки европски стандарди за безбедност, пристапност и енергетска ефикасност, со занимални, голем централен хол, современа централна кујна, целосна пристапност за лица со попреченост, детски игралишта, зеленило, урбана опрема, топлински пумпи и соларен систем за пониски трошоци.
– Континуирано вложуваме во образованието, раниот детски развој и создавање современи, безбедни и достоинствени услови за најмладите жители на Ѓорче Петров. Со овие проекти градиме иднина која е стабилна, квалитетна и насочена кон семејствата и децата – истакна градоначалникот Александар Стојкоски во изјава за медиумите.
„Новиот објект во Дексион е уште еден чекор во насока на подобрување на условите за предучилишна возраст, а градинката која исто така е во изградба, а со локација во Стопански Двор е показател дека нашата визија е секое дете во Ѓорче Петров да има пристап до современи и квалитетни услови за растење и учење“.
Стојкоски за наредните четири години најави уште три вакви објекти.

