Македонија
(Видео) Трипуновски: Во Македонија е увезено канцерогено млеко од Србија и пуштено во промет
На 21 септември оваа година во Македонија е увезено над 20 тони трајно млеко од Република Србија, со рок на важност до 3 февруари 2024 година и тоа е пуштено во промет иако во него е детектирано алфатоксин М1 над максималното дозволено ниво, така што тоа е штетно за пиење и може да предизвика труење и други компликации за здравјето на граѓаните, истакна Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, како што вели, е резултатот од лабораторијата „врз што го темелиме нашето денешно тврдење“. Наодите, според него, покажуваат дека иако млекото содржи канцерогени материи, ги поминало сите контроли и како такво со штетни супстанции е дозволен влез во Република Македонија.
„Николче Бабовски е тотално промашување за АХВ. Наместо целосна контрола при увоз на храна, АХВ под раководство на Бабовски свесно пушта во употреба производи со канцерогени материи“, вели тој.
Афлатоксините, кои се пронајдени во млекото, според Трипуновски, се познати во светот како најважни микотоксини во храната и добиточната храна поради нивната хепатотоксичност и канцерогеност.
„Прашуваме кој и зошто дозволил млекото во која е детектирано афлатоксин М1 од Србија да биде пуштено во употреба во Република Македонија. Во која количина од увезеното млеко завршило на рафтовите и дали АХВ има постапено по добиените наоди од тестирањето?
Дополнително, до нас пристигна и информација дека во сурово млеко во една од поголемите млекари во Македонија детектирано е ниво на афлатоксин М1 во млекото, кое ги надминува максималните нивоа дозволени во согласност со правилникот за општите барања за безбедност на храната.
АХВ и Бабовски да одговорат што е направено со таквото млеко и дали тоа веќе завршило на македонската трпеза како сурово млеко или е преработено во сирење, кој е препознатлив бренд на оваа млекара во Република Македонија?“, прашува Трипуновски.
Апелира до граѓаните на максимална претпазливост. Од АХВ, како што посочува, свесно или несвесно се пуштаат храна со канцерогени материи што се штетни за здравјето на луѓето.
Апелира и до Бабовски, наместо да се брани со напад дека шириме лажни вести, веднаш да го расветли целиот случај и соодветно да реагира.
„Доколку не знае како, нека си поднесе оставка“, потенцира Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне во одделни котлини се очекува појава на магла, соопштуваат од УХМР. Во северозападните делови ќе има слаб локален дожд, а ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 9, а максималните од 10 до 15 степени.
Во Скопје претпладне се можни услови за магла, додека преку ден ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Температурите ќе се движат од 5 до 12 степени.
Метеоролозите најавуваат стабилно и релативно топло време во текот на новата седмица под влијание на висок воздушен притисок, со можност за магла во утринските и вечерните часови во пониските котлини.
Македонија
Мицкоски: Мора да се почитуваат пресудите од Стразбур и нашиот идентитет, а Македонија мора да најде решение кое ќе спречи идни предавства за да не може некој нов трговец од Горни Милановац или хирург од Дубаи да ги прекрши
На денешниот 18-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски“ се обрати и порача дека при евроинтегративниот процес Македонија мора да обезбеди решение со јасни црвени линии, кое ќе го заштити идентитетот и ќе спречи идни условувања и предавства.
„Не чекаат сериозни предизвици. Имаме отворено прашање со нашиот источен сосед, но се чини дека нема соговорник од другата страна. И мислам дека нема подобро место од овој 18-ти конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, да испратиме многу јасна и прецизна порака. Додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нема да се поместам ниту 1 милиметар од оваа позиција“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека источните соседи треба да се одлучат дали сакаат билатерални разговори или разговори со Брисел.
„Подготвени сме да разговараме, свесни сме за капитулациите и предавството на најкриминалната влада во историјата на независна Македонија, предводена од СДС и ДУИ. Свесни сме за штетата, историска, која ја нанесоа на граѓаните и државата. Не го игнорираме сето тоа. Подготвени сме да разговараме, но прво нека се одлучат какви разговори сакаат да имаме, билатерални или разговори со Брисел. Ако се билатерални, тогаш се потврдува нашата теза дека ова е билатерализација на нашиот европски пат. Ако сакаат да разговараме во Брисел, во присуство на евродипломатите, подготвени сме да заминеме уште утре и да ги презентираме нашите аргументи“, вели тој.
Понатаму, Мицкоски истакна дека постојат два столба за кои е подготвен да разговара, но нема да се помести ни милиметар се додека не бидат испочитувани договорите и меѓународното право.
„Нема поместување ниту милиметар, се до моментот, додека не биде испочитувана и последната буква и последниот интерпункциски знак, од договорите и од меѓународното право, и она што им припаѓа на Македонците од другата страна на границата во Пиринска Македонија. А тоа е, ни помалку ни повеќе, доследна примена на сите досегашните пресуди на Судот за човекови права од Стразбур, во својство и во насока на исполнување на правата на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Тоа е прво“, рече Мицкоски и дополни:
„И второ, ако навистина, никој нема проблем со нашата вековна идентитетска константа, и нашиот мајчин македонски јазик, и дека нема да има повеќе билатерални вета, тогаш најмалку што заслужија граѓаните на оваа земја, е нови заклучоци од страна на Европскиот Совет. Ова се двата столба за кои што сме подготвени да разговараме“.
Тој нагласи дека Македонија мора да најде решение кое ќе спречи идни предавства и ќе ги исцрта црвените линии.
„Затоа сметам дека Македонија мора да направи решение, кое ќе спречи идни предавства и кое ќе ги исцрта црвените линии, но на начин на кој нема да може некој нов трговец од Горни Милановац или Хирург од Дубаи да ги прекрши држејќи ја раката на срцето, со блага насмевка и гнасни и предавнички намери“.
Македонија
Мицкоски со порака: Кој мисли дека функцијата се наследува заради блискост, со плетење мрежи и со неконзистентност – греши
На денешниот 18-ТИ Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржува во Спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што истакна дека лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ не е награда, ниту привилегија, туку обврска и жртва што ја носат само оние што имаат интегритет и дисциплина и сила да ја носат тежината на државата.
Претседателот Мицкоски упати јасна порака до членството и до сите кои ја следат работата на партијата.
„Кој мисли дека претседател на ВМРО-ДПМНЕ се станува лесно – се излажал. Кој мисли дека функцијата се наследува заради блискост или по случаен пат, со плетење мрежи и со неконзистентност – погрешил. Кој мисли дека довчерашните субјективни заслуги ќе му донесат утрешна награда – не ја разбрал оваа партија“, вели Мицкоски и додава:
„Мојот наследник на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде човек што само победува во анкети, или што знае да аплаудира. Тоа ќе биде човек со ’рбет, со интегритет, со дисциплина и фокус. Ќе биде човек што знае да ја носи тежината на државата. Што знае да издржи. Што знае да прости. Што знае да биде чесен и кога боли и кога сите се откажуваат од него затоа што во моментот им е така опортуно да прават. Наследникот мора да биде човек што ќе знае дека партијата е поголема од него, а не човек што мисли дека е поголем од партијата. Мора да биде човек што ќе може да ја води Македонија – не во 2025 година, туку во 2050 година“.
Мицкоски додаде дека во ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се успевало со шепотења по ходници, со интриги или со претерана самодоверба, туку со работа, пожртвуваност и искрена намера да се служи на државата.
„Мојот наследник ќе мора да го носи овој товар со истиот мир што го носам и јас денес. Ќе мора да биде човек што може да ја води државата, а не човек што ќе ужива во раскошот на функцијата заслепен од своето его. Ќе мора да биде повикан од зрелост, а не од суетата“, заклучи Мицкоски.

