Македонија
(Видео) Филипче: За две години покажавме вистинска грижа за пациентите и лекарите
Во изминатите две години, со конкретни мерки и политики во здравството покажавме што значи вистинска грижа за пациентите, за здравствените работници, за подобрување на условите во јавните здравствени установи и достапни лекови во кој било ден од месецот, посочи министерот за здравство, Венко Филипче, говорејќи во својство на претседател на Комисијата за здравство на СДСМ.
Според него, претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ за 11 години го колабирала здравствениот систем, а медицинскиот пресонал бил понижуван.
„Ние се грижиме за граѓаните, со посветеност успеавме да обезбедиме, од први октомври, граѓаните да ги имаат потребните лекови во кој било ден од месецот. Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт го решаваме деценискиот проблем со недостигот на лекови, во интерес на нашите граѓани лековите се препишуваат порационално, контролата е поголема, нема повеќе паника, гужва, чекање.
Воведовме три нови инсулини и набавивме дополнителни 10 инсулински пумпи. Дијабетичарите, имаат обезбедени лекови со сертификат за квалитет, укинат е паралелниот увоз. Сега, тие ја имаат најквалитетната терапија“, посочи Филипче во своето обраќање.
Тој нагласи дека како никогаш досега, се вложува во нови лекови за лицата со ретки болести.
„За 2 години, обезбедивме 5 нови лекови и го зголемивме буџетот за ретки болести. За споредба, во 2016 година буџетот за оваа намена изнесувал 203 милиони денари. Оваа година обезбедивме 380 милиони денари, а со ребалансот на буџетот обезбедивме дополнителни 120 за спинраза. Никој не чека лек, ниту е надвор од регистарот“, кажа министерот за здравство.
Додаде и дека по повеќе од една деценија повторно е вратено достоинството на лекарите.
„Воведовме мерки и преземаме активности преку кои, пред се на нашите млади здравствени работници да им овозможиме подобри услови за работа дома, во нашата држава. Веднаш по завршувањето на образованието тие имаат отворени врати во здравствените установи. Отворивме два јавни повика за шест месечна платена работа за лекари и патронажни сестри и сите 290 заинтересирани и пријавени кандидати во следниот период ќе почнат со работа.
Ја покачивме платата за 10% на медицинските сестри и 15% на докторите специјалисти. Додека пак, со ребалансот на буџетот, од 1. септември ги зголемуваме платите во здравството и за дополнителни 5%. Нашето ветување е до крајот на мандатот, платата на лекарите специјалисти да изнесува 100 илјади денари“, потсети Филипче.
Како претседател на Комисијата за здравство на СДСМ, тој кажа и дека зголемени се коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа и дека се разгледува проблемот со инструментите, кои во некои случаи се стари повеќе од 20 или 30 години.
Филипче рече и дека за првпат после 7 години е најмала стапката на новороденечка смртност, заради тоа што, како што рече, системот плански се надградува.
„Донесовме нов Закон за прекинување на бременоста, со кој волјата на жената ја ставаме на прво место. Таа самата да одлучи што ќе прави со сопственото тело. За разлика од порано во времето на ВМРО-ДПМНЕ овој закон беше рестриктивен.
Јa започнавме постапката за изградба на нов Клинички центар. Го прекинавме договорот којшто беше потпишан од ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што тој не беше соодветен. Затоа што беше една инвестиција само во цигли, која што требаше да биде лепенка и доградба на веќе постојни згради, којшто немаше да биде никаков функционален Клинички центар“, порача Филипче додавајќи дека станува збор за проект што е капитална инвестиција за нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.