Македонија
(Видео)Каевски: Шест месеци градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ништо не направија
Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во првите шест месеци од мандатот не сработеа ништо за општините и граѓаните. Не ги реализираа ветувањата и немаат ниту еден проект. Првите 6 месеци од мандатот на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се загубени месеци. Затоа Христијан Мицкоски, во очај, промовира проекти на градоначалниците од СДСМ, истакна на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Тој додава дека во главниот град, Скопје, како да нема градоначалничка, ништо не се работи.
Ниту едно ветување не е исполнето, а проектите започнати од претходниот градоначалник или се закочени или нема капацитет да ги доврши.
Каевски истакна дека граѓаните на дело ја гледаат неработата и неспособноста на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и дека затоа Мицкоски се заканува со блокади и зборува за предвремени парламентарни избори во време на најголема економска и енергетска криза. Знае дека разочарувањето кај граѓаните од локалната власт од ВМРО-ДПМНЕ е голема.
СДСМ, заедно со граѓаните, заедно со парламентарното мнозинство нема да дозволи блокадите и деструкцијата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да успеат.
Нема да дозволиме блокадите нарачани од Никола Груевски а спроведени од Христијан Мицкоски да ја загрозат иднината на државата, изјави Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.