Македонија
(Видео) Влада: Одговорност мора да има за сите инволвирани во случајот „Рекет“.
Од Владата соопштија дека отворениот случај „Рекет“, во кој сега осомничена е и првата специјалната обвинителка Катица Јанева, потврдува дека пред правдата и законите секој, буквално секој, е еднаков и одговорен.
„Владата на Република Северна Македонија повикува на темелна и независна истрага, која мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Резултатот од истрагата мора да биде базиран исклучително на докази и согласно словото на правото. Одговорност мора да има за сите инволвирани, од прв до последен. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи“, истакна портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.
Тој нагласи дека ослободувањето на целиот правосуден систем дава резултати. Очигледно е дека независноста се прифати како алатка што ги охрабри институциите и луѓето на високи позиции во тој систем, за да дадат резултати кои се очекуваат од правната држава и од владеењето на правото.
Владата нема да дозволи злоупотреба на овој случај и негативно искористување од страна на непријателите на европските интеграциски процеси на земјата за да ја попречат Северна Македонија на патот кон НАТО и ЕУ.
Независно од натамошниот развој на случајот во кој сега е осомничена и Катица Јанева, Владата на Република Северна Македонија очекува од сите истражни и правосудни органи, вклучително и од СЈО, натамошна бескомпромисна борба против највисоките облици на организиран криминал и корупција.
Ова е уште една мотивација плус заедно со опозицијата да ја заокружиме реформата на правосудниот систем и да обезбедиме владеење на правото во борбата против највисоките форми на организиран криминал и корупција.
Истовремено остануваме застапници и на ставот дека судските постапки мора да се водат исклучиво низ фер и транспарентни процедури, базирани на докази“, велат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.