Македонија
ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање на потписи против законот за попис
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе почне процедура за собирање на потписи со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, ако власта, во меѓувреме, не го повлече законот. Од партијата велат дека се подготвуваат документи, кои треба да се поднесат до Министерството за правда за да може да се спроведе таа акција на терен.
Партискиот портпарол, Наум Стоилковски рече дека законот е без методологија и има индиции кои укажуваат дека тој нема да се спроведе како статистичка операција.
Одговарајќи на новинарски прашања, Стоилковски образложи дека акцијата за собирање на пописи би била спроведена преку подрачните единици на Министерството за правда, а луѓето ќе може да се потпишат во подрачните единици низ градовите.
„Бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство. И целта е тоа, да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција – попис поддржан од сите“, рече Стоилковски.
Прашан што е со електронската иницијатива за потписи, Стоилковски одговори дека тоа е уште еден начин на кревање на свесноста на населението и притоа уште еден начин за притисок врз власта во однос на овој закон кој значи спроведување на политички договор наместо на статистичка операција.
Собраниската расправа за предлог-законот за попис заврши вчера. Законот се очекува да биде на гласање во понеделник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар организира хуманитарен настан за лекување на Кара Селовска
Општина Центар во сабота во Парк на Франкофонија организира музички хепенинг за собирање средства за лекување на Кара Селовска. Настанот е во организација на сите осум основни училишта и со поддршка на Општина Центар.
Кара има 12 години и е ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Општина Центар. Поради сериозни компликации во моментов е хоспитализирана на клиниката во Барселона, Шпанија поради дијагностицирање на нејзината болест.
Ова е втора акција која Општина Центар ја организира за собирање средства за лекување. Претходно пензионерите од Центар организираа аукција на слики преку која собираа донации за Кара.
За иста цел Општина Центар ве кани во сабота во Парк на Франкофонија со цел сите ние да и помогнеме на Кара успешно да го заврши лекувањето.
Македонија
„Рекет“ не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот што комуницира директно со сите, вели Бојан Јовановски
Бојан Јовановски, денеска, во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“, во кој како првообвинет беше осуден на казна затвор од девет години.
Оваа одредба, како што појасни тој, ја користи врз основа на прибавување нови докази.
Барањето, како што рече, е поднесено поради нови околности и докази што не биле употребени во доказната постапка.
„Случајот ‘Рекет’ не е расчистен. Тој случај треба целосно да се расчисти, сите инволвирани да одговараат, а јавноста, конечно, да дознае што точно се случувало и каде се парите. Затоа, денеска, официјално, во Основниот кривичен суд поднесувам барање за повторување на кривичната постапка со името ‘Рекет’“, истакна тој.
Рече дека поседува цврсти докази, кои набргу ќе ги приложи, посочувајќи го експремиерот Зоран Заев дека е човекот што комуницирал директно со сите лица што биле кривично засегнати со постапките на СЈО.
„Обвинителката Вилма Русковска презентира само две-три пораки што сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие две-три пораки излегува дека Зоран Заев знаел за случајот ‘Рекет’, но во една позитивна афирмативна смисла, односно дека тој е човекот што го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не е човекот што го бранел законот. Значи, Зоран Заев беше човекот што комуницира директно со сите лица што беа кривично засегнати во постапките на специјалното јавно обвинителство. Зоран Заев беше човекот што од позиција на моќ имаше реален авторитет и можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки“, посочи Јовановски.
Појасни дека зад случајот „Рекет“ стоела една политичка консталација на притисоци.
„Јас сум единствениот цивилен граѓанин во ова општество што е суден за кривично дело што е предвидено за лица што вршат службена положба. Досега се судени Сашо Мијалков и Никола Груевски, третиот суден по ова кривично дело сум јас, но разликата е тоа што тие вршеле службена положба, а јас сум бил цивилен граѓанин“, изјави тој.
„Барам да ми биде дадена шанса во фер постапка, а не искривоколчена и избрзана, да ги докажеме материјалната вистина и фактичката состојба, т.е. што навистина со случувало во фамозниот ‘Рекет’, случај зад кој стоеше цела констелација на политички притисоци“, додаде Боки 13.
Тој истакна дека притисоци му биле вршени и во пресрет на денешната прес-конференција, но, како што рече, воопшто не се плаши и ќе продолжи и понатаму да зборува.
Македонија
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС – прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и државната секретарка, Магдалена Несторовска, оствари работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ по повод одбележувањето една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, а со цел промоција на соработката помеѓу претставниците на ФРОНТЕКС во локалниот координативен центар и одговорните старешини од РЦ за ГР ЈУГ, како и промовирање на европскиот пристап на координирање на сите заеднички активности и справување со предизвиците.
„Одбележуваме една година од работата на макеоднската полиција заедно со ФРОНТЕКС, со цел да ги одбраниме нашите и границите на ЕУ од прилив на мигранти. Тоа успешно го правиме од 2015 до денеска. Договорот е од историска важност, тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише со Европската Унија и ја отвори вратата за поинтензивна оперативна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување“, истана Бојмацалиев во изјава за медиумите заблагодарувајќи се до Тасевски и Несторовска за напорите што ги направија договорот да биде на македонски јазик и успешно да функционира во нашата држава.
„Со тоа уште еднаш покажуваме дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции, заедно работиме и од неодамна имаме барање од други полиции да вршиме обуки на нивните службеници како се справуваме со миграцијата. Од земја што бараше помош од другите држави за справување со миграцијата, сега нудиме помош“, рече Бојмацалиев.