Македонија
Донесена наредба за воведување мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции
Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека Владата на Република Северна Македонија, со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и намалување на емисиите на загадувачки супстанции при алармантно загадување на воздухот, усвои Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции, согласно кој донесе Наредба за воведување на мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции при надминување на прагот.
Во рамките на оваа Наредба, се воведуваат следниве мерки:
Зајакнати контроли на возилата: Министерството за внатрешни работи – Сообраќајна полиција ќе спроведе засилени и вонредни контроли на возилата со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисијата на испусните гасови. Ова ќе помогне во намалување на загадувањето од сообраќајот.
Посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила: Општините и Градот Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе обезбедат посебни сообраќајни режими за тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколни патишта со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.
Забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини: Општините и Градот Скопје ќе воведат забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини како што се багери, булдожери и виљушкари во периодот од 7:30 до 18:00 часот. Оваа мерка е со цел да се намали сообраќајниот метеж и емисиите во најфреквентните часови. Министерството за внатрешни работи е задолжено да изврши контрола на спроведувањето на оваа мерка.
Намалување на употребата на службени возила: Сите органи на државна управа, агенции, фондови, бироа, заводи, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и единиците на локалната самоуправа, се задолжени да ја намалат употребата на службените возила до 50%. Оваа мерка има за цел да го намали службениот сообраќај и емисиите од него.
Ослободување од работни обврски на ранливи групи: Министерството за економија и труд, во соработка со Министерството за здравство, ги задолжува сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски:
Бремените жени; лицата постари од 60 години; лицата со малигни заболувања, хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, со препорака од матичен лекар.
Реорганизација на работното време и обезбедување заштитни маски: Сите правни субјекти (работодавци) се задолжени да го реорганизираат работното време за лицата кои работат на отворено. Работните активности треба да се извршуваат во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Дополнително, работодавците се должни да обезбедат заштитни маски тип KN95 или најмалку FFP2 за своите работници.
Намалување на капацитетот на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола: Инсталациите кои поседуваат А- интегрирана еколошка дозвола се задолжени да го намалат капацитетот на производство. Притоа, треба да се внимава со ограничувањата да не се прекине или значително намали технолошкиот процес кој се одвива континуирано, или дејноста која би предизвикала значителна штета за правниот субјект или негативно влијание врз животната средина и јавните услуги. Исклучок од оваа мерка се инсталациите кои произведуваат топлинска и електрична енергија.
Вонредни контроли на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола: Државниот инспекторат за животна средина ќе започне со вршење на вонредни контроли на инсталациите со А интегрирана еколошка дозвола. Ќе се спроведат контролни мерења на емисиите во воздух со акредитирани методи за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во дозволите.
Вонредни контроли на правните субјекти со Б интегрирана еколошка дозвола и елаборати: Државниот инспекторат за животна средина и овластените инспектори за животна средина се задолжени да започнат со вршење на вонредни контроли на правните субјекти кои поседуваат Б интегрирана еколошка дозвола и елаборати, со цел да се осигура усогласеноста со еколошките стандарди.
Вонредни контроли на градилишта: Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспекторати ќе започнат со вршење на вонредни контроли на градилишта, со цел да се утврди почитувањето на прописите за заштита на животната средина и намалување на емисиите на прашина и други загадувачи.
Горенаведените мерки ќе се применуваат во случаи на надминување на праговите на алармирање дефинирани во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентинот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.
Министерството за животна средина апелира до сите надлежни институции, органи, правни субјекти и граѓани за целосно почитување и имплементација на наведените мерки. Заедничката акција е неопходна за заштита на здравјето на граѓаните и за подобрување на квалитетот на воздухот во нашата земја.
Министерството ќе продолжи со активно следење на состојбата со квалитетот на воздухот и ќе ги информира граѓаните за понатамошните мерки и активности. Сите заинтересирани страни се повикани да соработуваат и да придонесат кон успешна реализација на мерките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег, попладне облачноста ќе се намали
Времето денеска, претпладне променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег. Попладне облачноста ќе се намали. Уште од ноќта ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 70 km/h) и засилен ветер особено долж Повардарието ќе има до крајот на денот. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 2 до 11 степени.
Во Скопје претпладне променливо облачно, од пладне сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Утре во претпладневните часови времето ќе биде променливо облачно со повремен снег претежно во западните делови. Уште од преку ноќта ќе дува умерен, а особено долж Повардарието засилен северен ветер (над 70 km/h).
Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и тивко со ниски утрински температури и со услови за појава на магла по котлините.
Македонија
(Видео) Прокисна инвестицијата од 350 милиони евра, со кофи се собира дождовница во трговскиот центар„Дајмонд“
Со кофи вечерва се собираше вода дождовница на последниот кат од трговскиот центар „Дајмонд“„
Центарот чија проектна вредност како што беше најавено при неговото отворање достигнува 350 милиони евра и нуди вработувања за над илјада лица од разни сектори попушти по вечерашниот дожд кој во попладневните часови го зафати главниот град.
Одговорните своевремено преку него најавија инвестиција од која ќе живне економијата и ќе се отворат нови работни места.
Македонија
Мицкоски од Србија: Овa е доказ за моќта на соработката, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител
Премиерот Христијан Мицкоски од саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија, истакна дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Регионалната иницијатива, според него, создава можности што го поврзуваат регионот со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.
„Горд сум што денеска, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, нагласи Мицкоски.
Изрази уверување дека настанот нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.
Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Дозволете ми да се заблагодарам на домаќините и организаторите, кои вложија голем труд за да го направат овој настан успешен и да го промовираат Балканот како регион на квалитет, креативност и потенцијал. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина“, кажа Мицкоски.