Контакт

Македонија

Заев вети, институциите исполнија, хотелот во Лагадин на чичко Никола е легален

Објавено пред

По десетина поништени решенија на Општина Охрид и исто толку жалби од инвеститорот, две пресуди на Управен суд и нешто повеќе од шест години надмудрувања меѓу институциите, хотелот во Лагадин, за кој охриѓани предупредуваа дека прекршува 12 закони и е спротивен на Уставот, може легално да се догради.

dobivaj vesti na viber

Хотелот може да се догради по одобрението издадено во 2016 година

Шестгодишниот синџир од институционални преписки за поништување на одобрението за градење на хотелот го прекина Министерството за транспорт и врски. Ја прифати последната жалба од инвеститорот Никола Толевски и првпат по издаденото спорно одобрение за градење во 2016 година, не ја поддржа Општина Охрид во обидите за поништување на документот. Министерот Благој Бочварски на посебна прес-конференција на почетокот на месецот ја оправда постапката повикувајќи се на пресуда од Управениот суд од минатата година, кој пресуди во корист на инвеститорот бидејќи немало доволно докази оти не пријавил навреме дека почнува со градба во услови кога објектот е веќе изграден. Министерот уверуваше дека и покрај одлуката што ја донеле, со која хотелот станува легален, не се исцрпени сите можности да се поништи одобрението за градење. Укажа дека Управниот суд дал насоки Општина Охрид да најде друг основ за поништување на одобрението и се понуди лично да му помогне на градоначалникот да ја провери целата постапка за издавање на одобрението доколку не може сам да го направи тоа.

„Досега Општина Охрид се нема обратено за евентуална правна помош за предметната постапка. По тужба на инвеститорот, Управниот суд донесе пресуда против решението на Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид и го задолжи Министерството за транспорт и врски да постапи мериторно, но ѝ дава можност на Општина Охрид да ја прегледа повторно постапката за издавање одобрение за градење и доколку има друг основ, да го огласи за ништовно одобрението за градење по друг основ. Исто така, и Националната комисија за УНЕСКО ѝ дава препорака на Општина Охрид да го преиспита одобрението за градење“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.

 

Пецаков: Хотелот стана легален со потпис и амин од министерот Благој Бочварски

 

Градоначалникот на Охрид, пак, Кирил Пецаков, за евентуалната помош од министерот чека официјална понуда од Министерството за транспорт и врски.

„Понудената помош е единствено дадена само во изјава за медиуми. Соработката треба да биде на институционално ниво“, вели градоначалникот Пецаков за „Макфакс“.

За една година и четири месеци, колку што е градоначалник на Охрид, тој двапати донел решение за поништување на одобрението за хотелот во Лагадин. Со нив Општина Охрид издала вкупно десет решенија за поништување на одобрението за градење на хотелот.

Со мериторната одлука на второстепената комисија завршуваат предметот и процесот за овој инвеститор, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков

„На 9.6.2022 година е едното прогласување за ништовност и на тоа од Министерството за транспорт и врски има одговор дека се поништува решението што го издал првостепениот орган и предметот се враќа кај првостепениот орган на повторна постапка. И повторно Општина Охрид го прогласува за ништовно истото одобрение за веќе на десеттото решение од второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски од 1.12.2022 година, кое станува правосилно на 1.3.2023 година, да се поништи решението на градоначалникот на општина Охрид, без да се врати повторно на одлучување на првостепениот орган. Сето тоа е потпишано и аминувано од страна на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски“, вели градоначалникот Пецаков.

На прашањето дали веќе бара друг основ за понишување на одобрението, како што насочува Управниот суд, тој вели дека по мериторната одлука на Министерството за транспорт се исцрпени сите постапки за овој инвеститор.

„Првпат во историјата, барем за Општина Охрид, второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски одлучува мериторно, но не како што кажува законот дека вториот пат треба да одлучи мериторно, туку одлучува десеттиот пат мериторно и му дава правосилност истиот орган, а не Општина Охрид, што значи дека истото одобрение, кое е издадено во 2016 година, сега стапува во сила. Со ваквиот епилог на постапката основата поради која Општина Охрид го поништувала одобрението за градење веќе не држи, а со мериторната одлука на второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски завршуваат предметот и процесот за овој инвеститор, односно според Законот за управната постапка, првостепениот орган треба да ја почитува одлуката на второстепената комисија“, вели градоначалникот Пецаков.

 

Бочварски го критикува Пецаков, но не размислува да му ги одземе ингеренциите

 

Иако е очигледно несогласувањето меѓу двете институции, Министерството за транспорт и врски, кое може да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Охрид и да најде друг основ за поништување на одобрението место само да нуди помош и јавно да го критикува градоначалникот, засега воопшто не размислува за таква можност.

„Во овој момент Министерството за транспорт и врски не размислува за одземање на ингеренциите. Напротив, интенцијата е да продолжи процесот на децентрализација, сѐ со цел поефикасно управување со градежното земјиште“, велат од кабинетот на министерот Бочварски за „Макфакс“.

И градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, не размислува да иницира барање одговорност од својот сопартиец Никола Бакрачески, кој како градоначалник на Охрид на крајот на 2016 година го издаде одобрението за градење на хотелот.

Исполнето ветувањето на Заев до чичко Никола

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, со последната одлука го исполни ветувањето што поранешниот премиер Зоран Заев му го даде на инвеститорот Никола Толевски. Пред четири години, Заев, на трибина на СДСМ во преполната сала „Билјанини извори“, Толевски го нарече чичко Никола и му вети дека ќе се реши проблемот. Рече и дека со чичко Никола си праќале пораки за хотелот, а тој, пак, објасни дека не се работи за хотелски комплекс, туку за обично објектче со осум соби и девет апартмани.

„Дури и да постои правно-формален аспект во одделението за урбанизам, не може да се каже не. Не може – не бидува. Најлесно е да биде не. Ќе најдат начин како да биде да. Ќе се реши проблемот. Ако треба, ќе ја земам сега второстепената одлука во мои раце и ќе дојдам тука“, му рече Заев на Толевски во март 2019 година.

По ова ветување на Толевски, Заев во Владата им даваше ветувања и на жителите на Лагадин, кои бараа карабината да се урне.

 

Нејасно е како е занемарен Законот за водите, кој не дозволува градби 50 метри од брегот

 

Павлов препорачува изнаоѓање на правен механизам, со кој ќе се спречи понатамошното градење на објектот

Зоран Павлов, претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, има забелешки за постапката за издавање на одобрението. Комисијата не била вклучена во постапката оти почна со работа во 2018 година кога одобрението веќе беше правосилно, но во сила беа законите за кои Павлов вели дека требало да се почитуваат.

„Зачудува фактот што не е почитуван Законот за управување со светското природно и културно наследство, кој е донесен во 2010 година, каде што една од целите е спречување активности што негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, како и начелото на должна заштита. Исто така, не е јасно како е занемарен и Законот за водите, каде што се наведува дека е забрането градење во крајбрежниот појас од 50 метри“, вели Павлов.

Тој смета дека продолжувањето со градба на спорниот објект само ќе ја потврди немоќта за справување со состојби што негативно влијаат на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.

„Препораката, секако, е во насока на изнаоѓање на правниот механизам, со кој ќе се спречи понатамошното градење на објектот имајќи ги предвид сите досега издадени одобренија и акти. Во таа насока ја поддржуваме и заложбата и на Националната комисија за УНЕСКО, која ѝ препорача на Општина Охрид повторно да ги разгледа активностите поврзани со градбата. Државата доби многубројни препораки и одлуки на Комитетот за светско наследство, кои ги потврдуваат заложбите на УНЕСКО, а се во насока на подобрување на состојбата и зачувување на статусот на светско наследство“, вели Павлов за „Макфакс“.

Нерешавањето на проблемот со спорниот хотел може само да претставува поттик за слично постапување, кое Павлов вели дека во ниеден случај не е посакувано кога е во прашање статусот на светско наследство на Охридскиот Регион.

Толевски ќе го догради хотелот

„Ќе го доградам, зар така да го оставам“, вели инвститорот Никола Толевски

Никола Толевски, инвеститорот на хотелот, по последната одлука на Министерството за транспорт и врски, вели дека ќе продолжи да гради. Вели дека само барал правда бидејќи Општината му издала одобрение за градење, па тој се охрабрил да вложува.

„Не прашувајте ме колку пари вложив. Прашајте колку луѓе и нерви изгубив во текот на овие години. Општината ми зеде 200.000 евра за комуналии, па ми го поништи одобрението. Ќе го доградам, зар така да го оставам. Нема да стигнам за оваа сезона, но ќе го доградам. Не знам зошто само за мене се крена толкав метеж. Еве малку подолу, кон Пештани, има поголем објект од мојот и тоа уште поблиску до брегот, а никој не го споменува, си се гради“, вели Толевски за „Макфакс“.

Од протестот пред хотелот во 2017 година

Хотелот во Лагадин го следат скандали уште од темели. Почна да се гради во декември 2016 година за време на новогодишните празници. Соседите се пожалија дека им испукале ѕидовите и подовите при копањето на јамата за хотелот и од тогаш почнаа да се организираат за да ја спречат градбата. На нивно барање инспекцијата излезе на терен и утврди дека инвеститорот, иако гради, нема пријавено дека почнува со градење. Еден месец по почнувањето со градба, на 25 јануари 2017 година тој пријави дека гради, а во март Општината првпат му го поништи одобрението за градење бидејќи не известил навреме. Тогаш ја градеше втората плоча, но без разлика на поништеното одобрение, Толевски истовремено се жалеше на второстепена комисија и градеше. Сопре кога изгради четирикатница.

Жителите на Лагадин летото 2017 година излегоа на протест пред хотелот. Бараа да се поништи одобрението и да се урне карабината. Прецизно ги бележеа сите прекршувања што ги прави објектот и ги документираа на страницата на „СОС Охрид“. Издејствуваа и многу од институциите да се изјаснат против градбата, но по одлуката на Управниот суд, велат дека сосема изгубиле надеж. Некои од нив едвај чекаат Толевски да го догради хотелот оти сега просторот околу него е жабарник и депонија.

Со оваа сторија „Макфакс“ се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Македонија

ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски да предложи нови кадровски решенија, одењето на Таравари значи паѓање на уште една маска

Објавено пред

Од

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која се дискутираше за актуелната економска и политичка состојба во државата

dobivaj vesti na viber

Во рамки на седницата, Извршниот комитет го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците, по одлуката на Арбен Таравари да ја напушти владината коалиција.

Овој чекор на Таравари беше оценето дека претставува уште еден доказ дека групата на заштитници на криминалот и корупцијата добива нови редови. „Уште една маска падна, уште една илузија беше разоткриена“, пишува во соопштението.

„На политичката сцена се појави нов, добро координиран марионетски квартет: СДС, Алијанса, ДУИ и Левица – различни имиња, но ист газда. Различни маски, но ист сценарист. ДУИ со години инвестираше во создавање на лажни политички конкуренти кои всушност се негови продолжени раце. Така ги добивме СДС и Алијансата на Таравари – партии со речиси идентичен рејтинг, подготвени да бидат потрошени во функција на обидот за враќање на ДУИ на власт. И како што е случај со секоја потрошна роба, така и овие ќе бидат фрлени на политички отпад кога ќе ја завршат својата задача“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, жално е што токму ваквите политички привезоци најдобро се снаоѓаат во улога на сервилни помошници – без став, без визија, без достоинство.

„Но, да биде јасно: државата не оди во провалија. Од провалијата ја вадиме. А тоа што ги боли е фактот што веќе нема амнестии, нема рекети, нема наместени тендери. Боли што правдата конечно тропа на нивната врата. На крајот, нека викаат колку сакаат. СДС, ДУИ и нивните политички вазали веќе се осудени – од граѓаните на изборите. А вистинскиот суд – оној на правдата – допрва доаѓа“, се наведува во соопштението.

Прикажи повеќе...

Македонија

Викендов дожд со температури под просекот за овој период од годината

Објавено пред

Од

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени, информира УХРМ.

dobivaj vesti na viber

Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.

Во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината.

Прикажи повеќе...

Македонија

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе добие Факултет за медицина

Објавено пред

Од

Владата ја разгледа и усвои информацијата за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

dobivaj vesti na viber

„Формирањето на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Република Северна Македонија“, велат од Владата.

Новоформираниот факултет ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки.

Од Владата велат дека имајќи го предвид фактот дека е потребно време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање, и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата, Министерството за образование и наука предложи Факултетот за медицински науки и здравство да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија5 часа

ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски да предложи нови кадровски решенија, одењето на Таравари значи паѓање на уште една маска

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која се дискутираше за актуелната економска и политичка состојба во државата Во рамки...

Македонија12 часа

Во оваа фарса убијците добиваат милост, 12 години за масакрот на сестра ми што преминуваше улица на пешачки премин: семејството на Фросина повика на протест

„Ги повикуваме утре на протест против гнилиот судски систем сите наши пријатели, роднини и сите родители чии деца секојдневно минат...

Македонија13 часа

На Јаневска ѝ е рано да размислува за ресорот здравство: Имам толку многу да доработам во Образование во овој мандат, премиерот ќе одлучи

Премиерот и преговарачкиот тим во коалицијата ќе одлучат кој ќе биде нов министер за здравство на местото на Арбен Таравари,...

Македонија13 часа

Фрчкоски реагира: Кривичната пријава е банална, срамна и полна со неправилности

Љубомир Фрчкоски, поранешниот шеф на Постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк, реагира по кривичната пријава за злоупотреби во...

Македонија14 часа

(Видео) Манасиевски: Таравари се интересира само за бизниси и за Груби и за Заев, досега не се разговарало за размена на ресори

Вечерва партијата ќе има редовна седница на Извршниот комитет на која што ќе се разговара за обвинувањата на Таравари за...

Македонија14 часа

Во историјата на овој суд не е изречена 12 години казана затвор за вакво дело, но го задржуваме правото да бараме поголема, рече обвинителот

Обвинителот Александар Марковски го задржа правото да бара поголема затворска казна од 12 години колку што денес му пропиша Основниот...

Македонија15 часа

Таткото на Фросина: Судот ги скри клучните сведоци, кои биле во возилото со Васил, едниот снимал, па ја избришал снимката

Дванаесет години казна е награда за ова најбрутално убиство во сообраќајот, изјави таткото на усмртената Фросина, Тодор Кулаков. Тој повика...

Македонија16 часа

Дванаесет години затвор за Васил Јованов, кој ја усмрти Кулакова на пешачки премин

Судот изрече 12 години затворска казна за 20-годишниот Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин. Во...

Македонија17 часа

МВР со апел до граѓаните: Внимавајте на лажни е-пораки – фишинг-линкови, се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании

Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи периодов констатира зачестена појава на таканаречени...

Европа18 часа

Со какви санкции му се заканува ЕУ на Путин?

Главните европски сојузници на Украина ја повикаа Русија на безусловно 30-дневно примирје и се заканија со нови санкции, според заедничкото...

Македонија18 часа

Несреќа на патниот правец Берово – Виница, сообраќајот во прекин

АМСМ извести дека се случила сообраќајна незгода на патниот правец Берово – Виница, кај село Будинарци. Поради незгодата од 07:30...

Свет19 часа

(Видео) Трамп: ЕУ игра повалкано од Кина

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повторно ја нападна Европската Унија, велејќи дека е полоша од Кина во многу аспекти, само...

Свет20 часа

Кинескиот претседател по договорот со Трамп: Малтретирањето води до самоизолација

Кинескиот лидер Кси Џинпинг ги осуди малтретирањето и хегемонијата во своето прво јавно појавување откако САД и Кина постигнаа привремен...

Македонија20 часа

Опожарено возило во Аеродром

Во периодот од 01:40 до 02:40 часот, пожарникарите гаснеле запалено патничко моторно возило, на површина од 2м2 на булеварот Видое...

Свет20 часа

(Видео) Трогателна средба: Еден Александар го прегрнува своето семејство откога Хамас го ослободи

Израелско-американскиот заложник Еден Александар се врати на своето семејство во Израел откога помина 19 месеци во заробеништво на Хамас во...

Европа20 часа

Ултиматумот на Европската Унија до Путин и Русија истече

Украина и европските лидери се согласија на безусловно примирје во траење од 30 дена, почнувајќи од 12 мај, со поддршка...

Македонија1 ден

Одиме во опозиција, доколку има сомнежи во тие што се во Владата, нема што да бараме таму, соопшти Таравари

Минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години и за тоа сме многу гроди, изјави...

Свет1 ден

Зеленски: Ќе бидам во Турција, се надевам дека ќе дојдат и Путин и Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ќе отпатува во Истанбул на мировни преговори и дека е подготвен да се сретне...

Свет1 ден

Орбан: Никој не се осмелува да признае, но ја загубивме војната во Украина

Зapaдната стратегија насочена кон уништување на Русија не успеа, санкциите не ја постигнаа својата цел, а Русија ја спречи Украина...

Македонија2 дена

Левицата предлага инспекторат кој ќе казнува за непочитување на грбот, знамето и химната: МВР реагира за сквернавење, но не влегува во канцеларии

Партијата Левица оваа недела ќе поднесе предлог-закон за формирање инспекторат за употреба на грбот, знамето и химната на државата, како...