Македонија
Заев: Нацрт-извештајот на УНЕСКО е силен аларм за состојбата во Охридскиот Регион
Нацрт-извештајот на УНЕСКО е силен аларм за состојбата во Охридскиот Регион, потребно е највисоко ниво на ангажираност за отстранување на сите ризици што го загрозуваат Охридското Езеро. Ова е ставот на премиерот Зоран Заев и на владини претставници, кои денеска одржаа координативен состанок, на кој се анализираа наодите во нацрт-извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион.
„На почетокот на работниот состанок премиерот Заев уште еднаш ја реафирмира определбата на Владата да се зачува статусот светско наследство на Охридскиот Регион со цел заштита на регионот, владеење на правото и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните имајќи ги предвид реалните ризици и можноста Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство да биде прогласено за загрозено подрачје. Во таа насока премиерот Заев на средбата истакна дека нацрт-извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како уште еден досега најсилен аларм за состојбата со Охридскиот Регион и дека сега се налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите фактори за да се отстранат сите ризици што го загрозуваат Охридското Езеро“, соопштија од Владата.
На состанокот било потенцирано дека Владата ќе инсистира на завршување на процесот на отстранување на сите бесправно изградени објекти кои се опасност за Охридскиот Регион и за таа цел ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и на Дебарца за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од, како што велат од Владата, штетните проекти, кои се наследство од минатото, меѓу кои проектите на Субрата Рој и тогашната влада до 2016 година и Љубаништа 1 и 2.
На состанокот било нагласено дека Владата ќе преземе сѐ што е во нејзина надлежност, меѓу што и активности за координација со владата на Албанија за прашања од заеднички интерес за заштита на Охридското Езеро и крајбрежниот појас.
Дополнително, на средбата било договорено Владата да преземе итни чекори за стручно кадровско екипирање во најрелевантните институции, како што се Заводот и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Управата за заштита на животната средина и другите институции во сферата на заштита на животната средина, а тоа се очекува да го направат и општините во своите надлежности.
На состанокот било договорено да продолжи координацијата меѓу надлежните институции со забрзано темпо и до УНЕСКО да биде доставен соодветен одговор во однос на алармантниот нацрт-извештај, а штом се заврши темелната анализа, сите наоди ќе бидат презентирани пред јавноста од страна на премиерот и сите други релевантни носители на јавни функции.
На состанокот учествуваа вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерката за култура, Ирена Стефоска, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Хари Локвенец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите за 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде што тој е дел од листата на Социјалдемократскиот сојуз и Коалицијата за европска иднина.
Маричиќ јавно се обврза дека како член на наредната Влада што ќе ја предводи СДСМ ќе продолжи да работи за пензионерите да имаат убав и достоинствен живот.
„Оваа Влада ги покачи пензиите за 50% и ветуваме дека во наредниот мандат ќе биде просечна пензија од 500 евра. Исто така се обврзуваме на зимски регрес од 3000 до 6000 денари за секој пензионер, а најмногу ќе добиваат оние со најниски пензии. Исто така ветуваме енергетски пакет од 1500 денари месечно во текот на грејната сезона за оние пензионери на кои најмногу им треба“, вети Маричиќ.
Тој нагласи дека пензионерите тоа го заслужуваат.
„Без вашата генерација и без влогот кој што го дадовте немаше да имаме држава. Токму затоа сме дожни и обрзани да работиме пензионерите да имаат мирни и спокојни пензионерски денови и мирно да ги гледаат своите деца и внуци како растат. А како растат внуците така нека растат и пензиите“, нагласи Маричиќ на средбата со тетка Верица и пензионерите од Карпош.
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, порача дека тој, СДСМ и Коалицијата за европска иднина „не се откажуваат од подобриот животен стандард за спокоен живот за пензионерите“.
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд, максимални температури до 18 степени
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, претежно во јужните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно и посвежо со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 17 степени.
За време на викендот ќе се задржи променливо облачно и посвежо време. Во недела на повеќе места ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и услови за појава на изолирана нестабилност со грмежи. Поради спуштање на постудена воздушна маса на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на повисоките планини ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Таравари од централниот митинг во Струга: Зголемување на минималната плата до 800 евра за борба против имиграцијата
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја изрази својата заложба за борба против имиграцијата преку зголемување на минималната плата во нашата земја. Во рамките на идната влада се планира зголемување на платите и до 800 евра, со што ќе се создадат нови можности младите мажи и жени да останат и да придонесат за развојот на државата.
Преку грантови за технологија и иновации, Таравари рече дека владата има за цел да ги поддржи нивните креативни идеи, фокусирајќи се на развојот на земјата како атрактивна алтернатива за младите.
„Иселувањето кај нас е над секоја норма, бројките се алармантни. Не можеме да останеме рамнодушни на оваа ситуација. Така како следна влада на ВЛЕН ќе донесеме одлука за покачување на платите. Ќе се заложиме минималната плата до крајот на нашиот прв владејачки мандат да биде 800 евра. Преку грантови за технологија и иновации, ќе ги поддржиме младите мажи и жени со нивните креативни идеи, кои првенствено служат за нашиот развој како држава. Ова ќе биде дополнителна причина да ја гледаат иднината овде со нас, недалеку од нивните домови, недалеку од нивниот роден град“, рече Арбен Таравари на централниот митинг во Струга.