Македонија
Институтот за клиничка биохемија со нов апарат за одредување бакар во урина и серум
Институтот за клиничка биохемија набави нов апарат Атом-апсорпциски спектрометар (PinAAcle 900 F Perkin Elmer), со кој може да се одредува концентрација на тешки метали, посебно на бакар во урина и во серум. Ова испитување е брз метод за утврдување вишок бакар во организмот во процесот на дијагностика, што е посебно значајно за пациентите со Вилсонова болест, кои користат хелаторска терапија, која помага вишокот бакар во организмот да се исфрли преку урина. Токму поради тоа, следењето на нивото на бакарот во урина е едно од неопходните испитувања за следењето на прогресот на болеста и е директен показател на ефектите од терапијата.
„Станува збор за апарат што ќе го користат пациентите со ретката болест Вилсон, коишто имаат зголемена количина на бакар во крвта. Над 30 пациенти во нашата земја боледуваат од оваа болест. Овој апарат значајно ќе им го олесни пристапот до дијагноза, но и контрола, на тоа како влијае терапијата за оваа ретка болест. Тоа значи дека отсега па натаму, огромните суми на пари над 5000, 6000 илјади денари кои тие ги плаќаа во приватните амбуланти, сега само со партиципација од 200 денари ќе ја прават оваа анализа на Клиниката за клиничка биохемија. Буџетот за ретките болести во 2020 година е значајно зголемен и изнесува 527 милиони денари. Двојно повеќе од тоа што беше во 2017 година“, рече министерот за здравство, Венко Филипче, при денешната посета на Институтот за клиничка биохемија.
Рутинското извршување на оваа анализа под водство на Клиниката за клиничка биохемија е веќе ставено во шифрарникот на Фондот за здравствено осигурувње и е од огромно значење за веќе дијагностицираните пациенти со Вилсонова болест, во насока на следење на успешноста на терапијата и прогресот на болеста, а особено ќе придонесе во процесот на дијагностика. Вилсоновата болест е фатална доколку не се открие и не се лекува, но навремено откривање на болеста и редовна, соодветна терапија, им овозможува на овие пациенти нормален живот, со минимални диететски рестрикции.
Директорката на Институтот, Џемиле Јусуфи, посочи дека со новата апаратура може да се работат анализи за присуство на бакар и цинк, а понатаму во зависност од потребите ќе може да се набават и дополнителни лампи за дијагностика на други тешки метали.
„Чест ми е и задоволство што денеска Институтот за клиничка биохемија доби нов апарат, еден од најсовремените апарати и од најпознатите производители од брендот Елме, кој е многу стабилен и е многу прецизен апарат со кој ќе имаме можност да испитуваме тешки метали. Особено е важно во овој момент што ќе почнеме со испитување на бакар во урина на пациентите кои боледуваат од Вилсонова болест, параметар кој е многу важен за следење на терапијата и за следење на прогресот на болеста. Ова е долгогодишно барање на пациентите кои боледуваат од оваа болест и ние сме среќни што ќе можеме конечно да работиме со овој апарат и да им бидеме од помош на пациентите кои имаат потреба од ова испитување“, потенцираше директорката Јусуфи.
Атомската апсорпциска спектометрија е најсигурната метода за извршување на оваа анализа, која резултира со најголема точност и се совпаѓа со резултатите од странските референтни лаборатории.
„Главната цел за која го формиравме здружението ‘Вилсон Македонија’ е да обезбедиме што подобар третман за лицата со Вилсонова болест, како ретка болест. Кога зборуваме за третман, не мислиме само за терапија, туку и за целиот процес, од дијагностика до лекување и следење на болеста. Токму затоа сме многу среќни што успеавме со голема посветеност на Клиниката за клиничка биохемија и поддршка од Министерството за здравство да стигнеме до најдобриот начин за одредување бакар во урина, како главна дијагностичка мерка, како главна мерка со која се следи болеста. Ние како пациенти, но и самата држава направи многу голем чекор со донесување на лековите, но нашата борба не заврши тука и сме среќни што конечно ова стапува во функција и се надеваме дека редовното извршување на оваа анализа ќе им овозможи на пациентите да ја прават оваа анализа“, истакна Ања Босилкова-Антовска, пациентка со оваа ретка болест и членка на здружението „Вилсон Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: ДУИ во Руско сценарио бара лек за изборниот пораз
Навреме предупредивме дека очајниот ДУИ смислил сценарио за предизвикување политичка криза после првиот круг на претседателските избори со цел да избегне чесно признавање на извесниот пораз. Нивен сон е техничката Влада на Талат Џафери да опстои повеќе од предвидените 100 дена, велат од коалицијата „Вреди“.
„Бујар Османи избегнува одговор на многу логичното прашање што правел како претседавач со ОБСЕ во текот на 2023 за оваа меѓународна институција да оцени дека постои потенцијал за нарушувањето на безбедноста во изборниот процес и го зголеми бројот на набљудувачи. Исто така молчи дали Османи како домаќин на Лавров го прашал за рецептот за суспендирање на демократската волја на граѓаните.
Но, контурите на ова руско сценарио полека излегуваат на виделина. Владата на Талат Џафери незаконски спречува поставување на началник и дополнителен началник на СВР Тетово за да може да ги злоупотребува партиските војници на ДУИ инсталирани во полицијата во кампањата. Потврда за ова е последниот скандал со училиштето во Житоша кое не само што е претворено во штаб на ДУИ, туку во него полицајци отворено агитираат за Али Ахмети, се фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи“, реагираат од коалицијата.
Очекуваат како што велат, дека раководството на МВР соодветно ќе ги евидентира и санкционира овие девијации од страна на полициски службеници.
„Јасно им порачуваме на полициските службеници и останати кадри на ДУИ во државните институции, добро да размислат какви партиски задачи прифаќаат и спроведуваат. Ништо не може да ја смени реалноста. ДУИ после осми мај преминува во опозиција и за секој нивен кадар кој се огрешил пред законите ќе следи соодветна правосудна постапка. Добро е секој партиски активист на ДУИ да размислува трезвено и да не се впушта во незаконски авантури лажно верувајќи дека ќе продолжат кариерите на Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби.
Знаеме дека исплашеното раководство на ДУИ и нивните коалициони другарчиња се подготвени на различни предизборни далавери, но треба да земат предвид дека на секој обид за спречување на слободно, фер и демократско гласање на Албанскиот народ, жестоко ќе одговориме“, додаваат во партиското соопштение.
Нагласуваат дека ништо не може да ги спречи промените. Гласачите, како што оценуваат, уште повеќе се мотивираат да гласаат против ДУИ кога ги гледаат овие нивни очајнички потези.
„Бранот е тргнат и тој секојдневно ќе расте додека не се претвори во цунами за ДУИ на изборите“, се потенцира во напишаното од коалицијата „Вреди“.
Македонија
Први април, вториот ден на Велигден, неработен за граѓаните од католичка вероисповед
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 1 Април 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден, според грегоријанскиот календар, е неработен за граѓаните од католичката вероисповед во Република Северна Македонија.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од католичка вероисповед им го честита празникот.
Македонија
Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик донесе Упатство за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.
Со Упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај Јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк особено за периодот на преклопување на двата изборни процеси.
За време на изборната кампања за Претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во Упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг.
За време на изборната кампања за Парламентарните избори, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање на реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024.
За време на изборниот молк за Претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година, продолжува изборната кампања за Парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните-информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеси.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.
Упатството за радиодифузерите за Претседателските и Парламентарни избори 2024 е достапно на веб страницата www.avmu.mk.