Македонија
Ковачки: Петровска да каже дали адресата на живеење ѝ е иста со адресата на хациендата со базен, а Ковачевски кога ќе ја разреши
На денешната седница во Собранието на Македонија пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, постави две пратенички прашања, едно до министерката за одбрана Славјанка Петровска, дали според податоците во нејзината лична карта адресата на живеење ѝ е иста со адресата на луксузната хациенда со базенот во Радишани, и второ прашање до премиерот Димитар Ковачевски, дали по понижувањата кон Петровска планира да достави предлог за разрешување на министерката.
„Имам две пратенички прашања, ова е анкетниот лист што го има доставено министерката Славјанка Петровска до ДКСК и тука нема пријавено никаков имот, има пријавено само два кредита и кредитни картички. Во 2007 година на парцелата којашто неспорно била во сопственост на министерката Петровска гледате дека нема никаква градба. Во 2009 година на таа парцела веќе гледате дека има куќа, бесправно изградена, без потребната градежно-техничка документација. Веднаш по тоа на лице место излегуваат лица од катастарот, прават увид и согласно тие системски проверки, го запишуваат имотот на име на министерката Славјанка Петровска. Во 2012 продолжува со дивоградба на објектот и гледаме дека веќе е изграден базен. Во 2016, тоа е последната година кога е градена дивоградбата, гледаме дека дополнително е изграден уште еден објект на местото во сопственост на почитуваната министерка. Министерката имаше и прес каде што кажа дека продала некое земјиште, но со цел да ја покријат нејзината лага веднаш на помош го побараа и директорот на катастар, којшто кажа дека земјиштето неспорно до 2020 е во сопственост на министерката. значи Петровска вели дека пред десеттина години го продала, директорот вели дека до 2020 година е во нејзина сопственост, а податоците од катастарот велат дека сè уште е во владение на Петровска. Пред мене имам сметка за вода којашто гласи на името на таткото на министерката со адреса на луксузната хациенда. Дали според податоците во вашата лична карта адресата на живеење ви е иста со адресата на луксузната хациенда со базенот во Радишани“, праша Ковачки.
Пратеникот Драган Ковачки постави и второ прашање до премиерот Ковачевски, дали по неговите неконтролирани испади со кои ја понижил министерката за одбрана како жена планира предлог за нејзино разрешување.
„Второ прашање до премиерот, дали откако со вашите неконтролирани испади ја пониживте министерката за одбрана како жена, а потоа и како функционер, а согласно изнесените аргументации на оваа говорница, планирате да доставите предлог до собранието за разрешување на министерката за одбрана“, нагласи Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прва пресуда за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација
Основниот суд во Неготино, како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од Квир Центар, против лицето С.М. од општина Демир Капија, за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, на 15 март 2024 г. донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.
Обвинетиот, во јули минатата година, на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска содржина има напишано два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидена е казна со затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.
Скопскиот Квир Центар ја поздравува одлуката на судот кој демонстрираше дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТИ+ луѓето. Говорот на омраза поттикнува сторување дела од омраза, па Квир Центар смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кој основ или нивна различност ќе бидат мета на говор на омраза или дела од омраза.
Македонија
(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски
„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша. Она што особено ги загрижува граѓаните на Прилеп, е зачестениот тренд на опожарување на возила. Во последните неколку недели, запалените автомобили станаа прилепско секојдневие. Горат автомобилите на наши сограѓани: бизнисмени, обвинители, адвокати. Дневните билтени на МВР се претворени во регистер на настани од рубриката „црна хроника“, а фактот дека ниту еден од сторителите и нарачателите на овие дела не е откриен, го зголемува чувството на страв и несигурност кај граѓаните“, вели Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
„Заради нестручноста на партиските војници на ДПМНЕ инфилтрирани во највисоките раководни структури на МВР, Прилеп стана опасно место за живеење.
И покрај тоа што на сите 15 клучни оддели за борба против криминалот техничкиот министер Панче Тошкоски постави свои началници, во изминатите два месеца Министерството за внатрешни работи не испорача никакви резултати.
Ветувањата на Тошкоски дека ќе ја интензивира борбата против криминалот, дека криминалните банди ќе станат минато, останаа мртво слово на хартија.
Голема лага беше и ветувањето на неговиот партиски шеф Христијан Мицкоски, дека кадрите на ДПМНЕ за две недели ќе ги расчистат сите афери и скандали во државата.
За само два месеца, ДПМНЕ не’ потсети на 11-годишното живеење во режим и повторно на дело го врати системот МВРО-ВМРО. Во ДПМНЕ ништо не е сменето. Тоа е истата режимска и антиевропска партија, за која граѓанските права и демократските вредности се мислена именка.
Нема промена на подобро со ДПМНЕ, тоа е партија која не може да донесе позитивна промена. Со ДПМНЕ загрозена е безбедноста на граѓаните на Прилеп.
Загрозувањето на европскиот пат значи и загрозување на безбедноста на граѓаните, тоа прилепчани добро го знаат“, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
Македонија
Демири и Манолева во Охрид: Здравствениот дом со реновирана служба за вакцинации и две нови амбулантни возила
Министерот за здравство Илир Демири и заменик-министерката Маја Манолева денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот дом во Охрид и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“-Охрид.
„Во изминатиот период Здравствениот дом значително ги унапреди условите со реновирање на просториите во Службата за вакцинации, како и зголемување на нивото на здравствена заштита“, рече министерот Демири.
Со обнова на опремата за лабораторија и медицинска апаратура се прошири делокругот на анализи, кои сега се вршат во зздравствената установа.
„Како што ме информира директорката, набавени се две амбулантни возила за Итната медицинска помош од сопствени средства, со што се изврши обнова на возниот парк, поефикасно, побрзо и навремено реализирање на здравствените услуги за пациентите“, изјави Манолева.
Со цел подостоинствени услови за пациентите и вработените, потпишан е договор за поправки, санација на објектот „Маларична“ со примена на фасада, покрив и партерно уредување. Исто така, спроведена е постапка за санација на објектот амбуланта „Белчишта“ во вредност од 7.665.280.00 денари од сопствени средства.