Македонија
Лабораторијата за вирусологија успешно го помина надворешниот тест на компетентност за детекција на САРС-Ков-2
Лабораторијата за вирусологија при Институтот за јавно здравје го помина со максимален успех надворешниот тест на компетентност за детекција на САРС-Ков-2, спроведен од Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ). Ова е исклучително значајно признание со кое се потврдуваат заложбите на здравствениот систем за справување со Ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера ги посети вработените во Институтот и им честита за успехот.
„Неодамна, експертски тим од Светската здравствена организација ја прогласи лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје за национален инфлуенца-центар и рамноправен член на глобалниот систем за надзор и одговор на грип. За таа цел, експертскиот тим спроведе мисија за процена и верификација на капацитетите на лабораторијата. Сето ова е уште една потврда за квалитетот на резултатите што произлегуваат од лабораторијата на Институтот за јавно здравје заедно со конфирмацијата на резултатите од референтната лабораторија на СЗО за детекција на САРС-Ков-2 – „Шарите“ од Берлин, Германија“, изјави министерот Филипче.
Лабораторијата за вирусологија е опремена со високософистицирана опрема и современи и валидизирани реагенси и тестови, а воедно е кадровски екипирана со искусен и добро обучен персонал.
Оваа лабораторија е референтна лабораторија во земјата за детекција на вирусни заболувања, вклучувајќи грип, морбили и рубеола, арбовируси (западнонилска треска, усуту-вирус, вирус на крлежен енцефалит, зика, вирус на рифт валеј треска и др.), како и вируси на хеморагични трески – хантавирус, кримско-конгоанска треска и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.