Македонија
Мицкоски: Никаков дефокус од ценовните шокови со монтирани процеси нема да ги спаси СДСМ од народниот суд
“Сведоци сме на драматично тешки времиња за граѓаните и за Македонија. Најголемата закана по сигурноста и секојдневието на семејствата е токму растечката инфлација, ценовните шокови кои се случуваат на дневно ниво. Бензините кои пораснаа за двојно повеќе, струјата која повторно и одново ќе ја покачуваат. Растечките цени на сите производи по маркетите. Паричниците на семејствата се празни, исто како што се намалува драматично и куповната моќ на населението. И она што фрапира во целата оваа криза е отсуството на слух од страна на владата на СДСМ и ДУИ. Тие ги одбија нашите предлози во Собранието владата да се откаже од дел од акцизата на горивата и да ја примени повластената ставка на ДДВ за дел од производите во маркетите. И денес секој еден човек кој реди гориво по бензинските, и купува скапа храна по маркетите треба да знае дека за тоа е виновна оваа влада на СДСМ и ДУИ.” изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека и во вакви едни околности на власта на СДСМ и ДУИ и треба дефокусирање на вниманието од животот во ценовни шокови и енормна инфлација и зголемена сиромаштија. И затоа во моментот се случуваат два паралелни процеси.
Едниот е посипување на лаги, наметнување на систем на лажни обвинувања, сеење на пердуви кон опозицијата, кон ВМРО-ДПМНЕ и мене лично, а целта на сето ова е јавноста да се занимава со лагите наместо со ценовните шокови и катастрофата во којашто живееме.
Вториот процес е дефокусирање на јавноста преку судски процеси и политички прогон како што го гледаме преку случајот Талир 2.
“Сакам да ја искористам оваа можност ги пренесам до јавноста правните факти за случајот Талир 2 кој за жал нити обвинителството, а нити партизираното и корумпирано судство и судија ги земаа во предвид.
Прво, самата објава на оваа пресуда наликуваше на се освен на она што треба да биде, а тоа е процесно дејствие. Истата наликуваше на ПОЛИТИЧКИ ПРОЦЕС во режија на СДСМ, ДУИ, обвинителите и судиите. После завршните зборови, веднаш следниот ден, дури и не можеа да ги прочитаат стенограмите од завршните зборови, пресудата беше веќе напишана и следеше само да биде соопштена на јавноста. Второ истечен е рокот за да се води било каква постапка за овој предмет. Овој кривичен предмет на почетокот мора да напоменеме дека е поднесен незаконито од неовластен тужител, надвор од рокот од 18 месеци, од страна на сега осуденета со правосилна пресуда за рекет, поранешната СЈО Катица Јанева, односно обвинението е поднесено по истек на 16 месеци од овој рок. Трето, ВМРО-ДПМНЕ во овој предмет не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без да при тоа се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка. Четврто, Кривичниот суд надвор од негови надлежности поништи Договор кој ВМРО-ДПМНЕ го склучила со правното лице АД Бетон Скопје, при што го конфискуваше исклучиво делот кој е сопственост на партијата. Во најмала рака е нелогично како овој договор е незаконит само за ВМРО-ДПМНЕ и се конфискува имотот кој го стекнала партијата, а е законит партнерот во тој договор и не му е имотот конфискуван. Петто, уште една нелогичност е дека предмет на конфискација е исклучиво објектот сопственост на партијата, а не и земјиштето на кое објектот е изграден. Шесто, ВМРО-ДПМНЕ на предметната локација имаше објект познат помеѓу своите членови и граѓаните во Македонија како „Жолтата зграда“ кој за никого не е спорно дека припаѓаше на партијата. Се поставува прашањето што со тој објект? Со ваквата пресуда ВМРО-ДПМНЕ е двапати незаконито оштетен, еднаш за новиот објект и еднаш за стариот објект неспорен за никого дека припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ. Седмо, Иако во вештиот наод на одбраната во оваа постапка се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ во предметниот период имала и други приходи од членарини и од буџетот кои биле доволни за да се купат останатите партиски простории лоцирани низ Македонија, судот по барање на обвинителството без да обезбеди супер вештачење донесе одлука за конфискација на истите. Осмо, како обвинителството и судот утврдија дека предметниот Договор е незаконит затоа што бил несразмерен? Затоа што согласно Законот за процена на имот и Методологијата за изготвување на проценки, за идна градба, односно идна недвижност не може да се изготви проценка на пазарната вредност на истата. Ова е факт кој го знаат сите проценители и професионалци од областа. Од каде знаат колкава ќе е вредноста на објектот на партнерот во договорот?. Девето, доколку правното лице незаконито на тендери, преку финансиски криминали се богатело, зошто обвинителството до сега не отвори ниту една кривична постапка за истото? Значи оваа претпоставка недокажана и нема ниту еден материјален доказ, се се сведува на озборување, полувистина и муабети кажани по ходници. Затоа повторно напоменуваме, партијата во оваа постапка не е обвинета. Десето, судот утврдил дека БЕТОН е ОШТЕТЕН, а сопственикот на БЕТОН на последното рочиште пред да се објави пресудата, пред судот изјави дека договорот што го склучила неговата компанијата со ВМРО-ДПМНЕ за нив бил исплатлив” истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие на сето ова ќе вложат жалба откако писмено ќе ја добијат пресудата пред Апелациониот суд, и дека не очекуваат дека нешто може во ова партизирано и октороирано обвинителство и судство да се измени, но тие ќе ги искористат сите правни механизми кои им стојат на располагање, а ќе ја разгледаат и опцијата да отвориме постапка и пред судот во Стразбур и правдата ќе биде докажана.
Мицкоски додаде дека ќе продолжат со нивната борба уште помотивирани, и уште поконцентрирани. Единствениот начин за победа над сиромаштијата, стопирање на инфлацијата, економијата да ни оди напред е смена на оваа власт. Затоа што премногу е.
Мицкоски ги повика сите граѓани, да им се приклучат на 18 јуни во 20 часот пред владата на Република Македонија.
Тоа е моментот и нема време повеќе за молчење, време е за реформи, време Македонија да оди напред, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема да има работни саботи за учениците, МОН донесе нова одлука
Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.
Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, велат од МОН.
Од Министерството потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
„Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, додаваат од МОН.
Македонија
Со супервештачење ќе се бара вина кај лекарите за родилката од Дебар, која, по породувањето, се врати дома без јајчник, матка и бубрег
Судот нареди да се направи супервештачење за родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, на која по породување во струшката болница ѝ беа извадени јајчник, бубрег и матка. Наредбата за супервештачење доаѓа откога судот доби целосно спротивни вештачења од Обвинителството и од одбраната. Вештачењето од Институтот за судска медицина, приложено од Обвинителството, посочи одговорност кај лекарите од струшката болница, а вештачењето нарачано од одбраната, кое го направи вештакот Драге Дабески, заклучи дека лекарите ѝ го спасиле животот на родилката.
„Со супервештачењето верувам дека, конечно,. вистината ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена. Вештакот на одбраната не најде лекарска грешка, ме убедува дека со вадење три органи по породувањето со царски рез, ми го спасиле животот иако вештачењето од Судска медицина покажа дека лекарите имаат вина. Јас здравјето не можам да си го вратам, органите ми се извадени и функционирам како половина човек, но очекувам супервештачењето на лекарите да им покаже дека има лекарска грешка и на пациентите да им порачам дека не треба да молчат, треба да се охрабрат и да се борат за вистината“, вели Вепоска за „Макфакс“.
Се пожали дека секое судење дополнително ја исцрпува, а извадените органи ја ограничуваат во мајчинството, во работата и во секојдневниот живот.
„Здравјето целосно ми е нарушено. Освен физички, имам и психички проблеми, се лекувам и од тоа. Особено тешко ги поднесувам судењата, ми треба време да закрепнам од нив. Работам со скратено работно време оти немам сила за осумчасовна работа. Како мајка не можам да им се посветам на децата онака како што треба оти постојано имам здравствени проблеми, еве сега тукушто ја испив терапијата“, рече Веапоска по денешното судење.
Судијата Јодран Јованов, кој го побара супервештачењето, е трет судија што го добива нејзиниот случај откога претхдните двајца се пензионираа. Следното рочиште е закажано за 3 јуни кога Вепоска очекува да биде готово и супервештачењето.
За извадените органи по породувањето со царски рез на Веапоска, обвинети за несовесно лекување се гинекологот Мухамед Асани, кој во 2020, кога беше направено породувањето, беше директор на болницата, син му Блертон Асани и докторката Лилјана Јовановска.
Македонија
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
Во врска со претстојните избори, денеска, во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок, на кој присуствуваа дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами.
На состанокот министерот Тошковски најпрвин се заблагодари за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите фактори одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцира дека досега не се констатирани посериозни активности, кои се насочени кон нарушување. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации што се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Бојмацалиев, беше потенцирана тенденцијата од година на година да имаме сè помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со оперативната акција претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител, претседателот на комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење вентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на Обвинителството, каде што определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности што се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.