Македонија
Млекото со афлатоксин се враќа во Србија, Трипуновски лажно шири паника, велат од АХВ
Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко по потекло од соседна Србија кај кое лабораториски е детектирано присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации. Граѓаните да бидат спокојни, „канцерогено“ млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница тоа се враќа во Република Србија во согласност со законски дефинираните процедури, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
„За да нема идни шпекулации и замајувања на јавност, дека граѓаните во земјата пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот за јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, во сила е решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година, кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко што се увезува во земјата, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина“, информираат од Агенцијата.
Според нив, мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање задоволителен резултат од тестирањата.
„Оттаму, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците.
Веста на Трипуновски за афлатоксинот во сурово млеко по потекло од една од поголемите млекарници е стара неколку месеци, иако и со неа денес се обиде да манипулира. Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не е стасано во прометот“, се истакнува во реакцијата од АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Стратегија 2025–2030 е патоказ што гарантира стабилни институции, модерна економија и ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала
„ВМРО-ДПМНЕ го одржа редовниот 18-ти конгрес на кој беа потврдени досегашните успешни политики, под водство на претседателот Христијан Мицкоски, кои го трасираат патот на раст и развој на државата во успешна, модерна и просперитетна Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како носител на државноста, ВМРО-ДПМНЕ на партискиот конгрес отвори ново поглавје на политичкото делување, донесе важен документ, Стратегија 2025-2030 пропратено со нова парадигма, идеолошки кодекс на партијата и договор со граѓаните.
Тоа е визија за стабилна, продуктивна, правична и европски позиционирана држава, со економија што расте на знаење и труд, со институции што опстојуваат над политичките циклуси, со самосвесен национален идентитет, со зелен и технолошки развој, и со општество што верува во заедничката иднина.
Со усвојувањето на Стратегијата, ВМРО-ДПМНЕ создаде нешто што е повеќе од политички документи, тоа национален патоказ и рамка што ќе ја стабилизира државата, ќе ја европеизира без да ја разредува, ќе ја зајакне без да ја изолира, што ќе ја направи конкурентна без да ја изгуби својата духовна и историска вертикала.
Ова платформа не е обичен документ, туку национален договор што треба да го дефинира животот на државата и развојот на партијата во следната деценија. Тоа е рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала, патоказ што гарантира стабилни институции, модерна економија, почитувана дипломатија и самосвесна држава.
Стратегијата овозможува да се чува и негува историското наследство на македонската државност создадена низ долг и тежок процес, затоа што Македонија може да биде европска само ако е стабилна во својата самосвест и сигурна во сопствениот идентитет.
Визијата за современа Македонија почива на јасни принципи, држава што го чува својот идентитет, што ја брани својата суверена позиција и ја гради својата европска перспектива врз основа на партнерства, реформи и достоинствено претставување.
Македонија на идните генерации значи развиена и силна економија, каде домашните компании ќе станат мотор на растот, индустрии базирани на знаење, напредни ИКТ технологии, вештачка интелигенција, дигитализација и автоматизација, предвидлива фискална политика.
Токму во оваа рамка се содржани надежта, реализмот и одговорноста што мора да ја водат политиката во следната декада, тоа е визија која треба да ја гради државата за генерацијата која доаѓа.
Македонија може и мора да биде силна, конкурентна и стабилна држава. Тоа бара работа, постојаност и политичко лидерство што не се води од дневни импулси, туку од стратешка мисла.
ВМРО-ДПМНЕ не пишува програма, ВМРО-ДПМНЕ создава договор со иднината“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Конгресот на децата на Орбан
„Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци организиран од двоецот Мицкоски-Груевски е потврда на сè она што го говориме. Најсилна поддршка добија од Виктор Орбан и неговата партија ФИДЕС. Тој успешно го крие и го чува Никола Груевски, бегалецот од правдата кој украде 2 милијарди евра и побегна, но се уште ја управува со ВМРО-ДПМНЕ од далечина“, велат од СДСМ.
„Бизниси, кредити, банки, оваа власт е директно поврзана со Орбан. Тоа е дел од вертикалата преку политичките партии, ФИДЕС на Орбан, СНС на Вучиќ во Србија и ДПМНЕ на Груевски и Мицкоски, која со години функционира на иста линија.
Што е заедничко за оваа оска освен големи бизниси, преплетени интереси, моќ и влијание?
Големите протести во Унгарија и Србија против политиките што се водат ги поврзува токму корупцијата.
Во соседна Србија протестите траат повеќе од една година, по падот на настрешницата во Нови Сад каде загинаа 16 луѓе, скандал кој се поврзува и со 115 милиони долари поради наместени тендери, само една капка во морето.
Во Унгарија пак изби огромен скандал со луксузен дворец поврзан со Орбан, со градини од палми, приватна зоолошка градина, зебри, фонтани, подземен гаражи и што ли уште не.
Звучи познато нели? Масовни протести во Будимпешта се одржаа против него а унгарските медиуми ги споредија со протестите во Србија против корупцијата.
Во Македонија истата приказна, корупцијата цвета. Секој ден излегуваат огромни скандали како власта пумпа пари од граѓаните преку наместени тендери.
Значи се е јасно. Криминалците се штитат едни со други. Тоа го потврди Конгресот на ДПМНЕ.
Работата не е завршена. Борбата против криминалот и корупцијата продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне во одделни котлини се очекува појава на магла, соопштуваат од УХМР. Во северозападните делови ќе има слаб локален дожд, а ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 9, а максималните од 10 до 15 степени.
Во Скопје претпладне се можни услови за магла, додека преку ден ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Температурите ќе се движат од 5 до 12 степени.
Метеоролозите најавуваат стабилно и релативно топло време во текот на новата седмица под влијание на висок воздушен притисок, со можност за магла во утринските и вечерните часови во пониските котлини.

