Македонија
Нема договор меѓу Заев и Ахмети
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети не постигнаа договор за коалиција во новата Влада ниту на денешната средба. Заев по средбата рече дека има напредок во ставовите меѓу двете партии и најави дека разговорите ќе продолжат и во наредните денови. Во однос на ресорите, Заев кажа дека одприлика се знае кои кадри кои ќе министерства можат да ги водат.
Разговорите меѓу ДУИ и СДСМ продолжуваат и во наредните денови.
„Денеска имаме напредок во делокругот на аргументацијата за ставовите на двете партии. Се работи за програми, се работи за наратив, се работи за една цела филозофија на одговорност и чест на владеење, разговаравме за големите успеси кои што се постигнати, но секако и одговорноста која ја имаме по овие успеси. Очекуваме многу лагоден период, но и неповторлив за државата и граѓаните, за да можеме да ги максимизираме ефектите за сите. Жалам што денес не можеме да соопштиме дека има договор помеѓу двете страни со кои разговаравме. Разговорите ќе продолжат следните денови и верувам дека штом имаме исчекор кој можеме да го споделиме со граѓаните, тоа ќе го направиме преку вас, медиумите. Јас сум среќен што наративот на коалицискиот договор е стокмен и од прилика вредностите се важни. Затоа што, на крајот имињата, политичарите сето тоа е менливо и минливо, но филозофијата на идното четиригодишно преземање на чест и одговорност е токму во наративот и одговорностите кои се јавно достапни за сите“, рече Заев.
Тој додаде дека е свесен дека треба да има Влада час поскоро, со цел побрзо да се донесат итни одлуки, но и решенија за справување со последиците од пандемијата, но и дожот кој поплави неколку населени места.
„Верувам дека нема да губиме време во определбата на ресорите, од прилика, знаеме кој каде е подготвен да земе одговорност. Но, сето тоа ќе значи и заемна компарација на кадрите за кои ќе се разговара. Но, дефинитивно, имаме уште многу да работиме следните денови, се надевам дека тоа ќе биде ден порано, за тоа да го обелодениме. Гледате, требаме на здравството, образованието каде се носат одлуки секој ден. Тука сме, јас од СДСМ, Ахмети, од ДУИ имаме заедничка Влада со сите партнери. Ги мериме одлуките, знаеме што се случува во Германија и Словенија за сите предизвици пред нас, па така ги охрабруваме одлуките на самиот политички дел од Владата и ги слушаме експертите, без разлика дали се тоа од здравството, образованието, социјалната или другиот дел од Владата. Знам дека има потреба од брзи решенија на Владата како што се последиците од дождот во Зелениково и другите населени места, каде треба да се постапува веднаш, токму по овие работи. Но, тоа предизвикува чувство и кај нас, час поскоро да ги завршиме работите“, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.